Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Царевите 12:1-15

1 Царевите 12:1-15 MK2006

Ровоам отиде во Сихем, бидејќи во Сихем беа дошле сите Изра­елци за да го зацарат. За тоа слушна Наватовиот син Јеро­воам, кога се наоѓаше уште во Египет, каде што беше избегал од царот Соломон, и се врати од Египет; испратија по него и го повикаа. Тогаш Јеровоам и целото израелско собрание дојдоа и му говореа на царот Ровоам, велејќи: „Твојот татко ни наложи тежок товар, ти, пак, олесни ни го жестокото ропство од татко ти и тешкиот товар што тој ни го наложи, па тогаш ќе ти служиме.“ Тој им одговори: „Одете си, по три дена дојдете пак кај мене.“ И народот се разотиде. Царот Ровоам се советуваше со старците, кои беа кај татко му Соломон, додека беше жив, и рече: „Како ќе ме посоветувате да му одговорам на овој народ?“ Тие му одговорија, и рекоа: „Ако ти денес им бидеш слуга на овие луѓе и им услужиш, ако ги задоволиш и им го­вориш добри зборови, тие ќе ти бидат слуги во сите дни.“ Но тој не го послуша советот што му го беа дале старците, и се советуваше со младите, кои беа пораснале заедно со него и кои беа кај него, и им рече: „Што ќе ме посоветувате да им одговорам на оние луѓе што ми рекоа и кажаа: ‚олесни ни го јаремот што ни го наложи татко ти?‘“ Младите, пораснати заедно со него, му одговорија и рекоа: „Вака кажи им на тие луѓе што ти рекле: ‚твојот татко ни наложи тежок јарем, ти, пак, олесни ни,‘ кажи им: ‚малиот прст ми е поде­бел од бедрата на татко ми; и така, ако татко ми ви ставил те­жок јарем, јас уште повеќе ќе го натеж­нам вашиот јарем; татко ми ве казнуваше со камшици, јас, пак, ќе ве казнувам со камшици со железни боцки.‘“ Јеровоам, и сите луѓе, дојдоа кај Ровоам на третиот ден, како што им бе­ше заповедал царот, велејќи: „Дојдете кај мене на третиот ден.“ И царот грубо му одговори на на­родот и не го послуша советот што му го беа дале старците. И говореше според советот на младите и рече: „Татко ми ви наложил те­жок товар, јас, пак, ќе го зголемам вашиот товар; татко ми ве казнуваше со камшици, јас, пак, ќе ве казнувам со камшик со железни боцки.“ И царот не го послуша народот, за­што така беше судено од Господ за да се исполни зборот Негов што го беше изрекол Господ преку Ахија Силомецот на Наватовиот син Јеровоам.