Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Царевите 12:1-15

1 Царевите 12:1-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Ровоам отиде во Сихем, бидејќи во Сихем беа дошле сите Изра­елци за да го зацарат. За тоа слушна Наватовиот син Јеро­воам, кога се наоѓаше уште во Египет, каде што беше избегал од царот Соломон, и се врати од Египет; испратија по него и го повикаа. Тогаш Јеровоам и целото израелско собрание дојдоа и му говореа на царот Ровоам, велејќи: „Твојот татко ни наложи тежок товар, ти, пак, олесни ни го жестокото ропство од татко ти и тешкиот товар што тој ни го наложи, па тогаш ќе ти служиме.“ Тој им одговори: „Одете си, по три дена дојдете пак кај мене.“ И народот се разотиде. Царот Ровоам се советуваше со старците, кои беа кај татко му Соломон, додека беше жив, и рече: „Како ќе ме посоветувате да му одговорам на овој народ?“ Тие му одговорија, и рекоа: „Ако ти денес им бидеш слуга на овие луѓе и им услужиш, ако ги задоволиш и им го­вориш добри зборови, тие ќе ти бидат слуги во сите дни.“ Но тој не го послуша советот што му го беа дале старците, и се советуваше со младите, кои беа пораснале заедно со него и кои беа кај него, и им рече: „Што ќе ме посоветувате да им одговорам на оние луѓе што ми рекоа и кажаа: ‚олесни ни го јаремот што ни го наложи татко ти?‘“ Младите, пораснати заедно со него, му одговорија и рекоа: „Вака кажи им на тие луѓе што ти рекле: ‚твојот татко ни наложи тежок јарем, ти, пак, олесни ни,‘ кажи им: ‚малиот прст ми е поде­бел од бедрата на татко ми; и така, ако татко ми ви ставил те­жок јарем, јас уште повеќе ќе го натеж­нам вашиот јарем; татко ми ве казнуваше со камшици, јас, пак, ќе ве казнувам со камшици со железни боцки.‘“ Јеровоам, и сите луѓе, дојдоа кај Ровоам на третиот ден, како што им бе­ше заповедал царот, велејќи: „Дојдете кај мене на третиот ден.“ И царот грубо му одговори на на­родот и не го послуша советот што му го беа дале старците. И говореше според советот на младите и рече: „Татко ми ви наложил те­жок товар, јас, пак, ќе го зголемам вашиот товар; татко ми ве казнуваше со камшици, јас, пак, ќе ве казнувам со камшик со железни боцки.“ И царот не го послуша народот, за­што така беше судено од Господ за да се исполни зборот Негов што го беше изрекол Господ преку Ахија Силомецот на Наватовиот син Јеровоам.

1 Царевите 12:1-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Ровоам отиде во Сихем, зашто во Сихем дојдоа сите Израелци за да го зацарат. Штом го чу тоа синот Наватов Јеровоам - кој беше во Египет, каде што беше избегал пред царот Соломон - се врати од Египет, зашто беа испратиле по него и го повикаа. Кога дојдоа Јеровоам и сиот Израелев собор, му рекоа на Ровоама: “Твојот татко ни наметна тежок јарем. Сега ти олесни ни ја тешката служба на својот татко, тешкиот јарем што го стави на нас, па ќе ти служиме!“ А тој им одговори: „Дојдете пак кај мене по три дни.“ И народот си отиде. Тогаш царот Ровоам се посоветува со старците кои што му служеа на неговиот татко Соломон додека беше жив, и ги праша: „Што советувате да му одговорам на овој народ?“ Тие му одговорија: „Ако денес ги задоволиш тие луѓе, ако им бидеш благонаклонет и ако им одговориш со убави зборови, тие секогаш ќе ти останат слуги.“ Ама тој го отфрли советот што му го дадоа старците, и се посоветува со младите кои пораснаа со него и кои му беа во служба. Ги праша: „Што советувате да му одговорам на овој народ кој ми рече: ‘Олесни ни го јаремот што ни го наметна твојот татко?’“ Младите луѓе, кои пораснаа со него, му одговорија: „На народот кој ти рече: ‘Твојот татко ни наметна јарем, а ти олесни ни го’, одговори му вака: ‘Мојот мал прст е подебел од бедрата на татка ми! Ете, мојот татко ви наметна тежок јарем, а јас уште ќе го стежнам вашиот јарем; мојот татко ве шибаше со бичеви, а јас ќе ве шибам со бичеви со железни штипалки.’“ А на третиот ден дојде сиот народ кај Ровоама, како што им беше заповедал царот, велејки им: „Вратете се кај мене на третиот ден.“ Царот им одговори остро, отфрлајќи го советот што му го дадоа постарите. И им рече: „Мојот татко ви го стежна вашиот јарем, а јас ќе додадам уште врз него; мојот татко ве шибаше со бичеви, а јас ќе ве шибам со бичеви со железни штипалки.“ И така царот не сакаше да го послуша народот, зашто така направи Господ за да се исполни словото што преку Силонецот Ахиј му го рече на Наватовиот син Јеровоам.