И ако се проповеда дека Христос воскреснал од мртвите, како тогаш некои меѓу вас велат дека немало воскресение на мртвите? А штом нема воскресение на мртвите, тогаш и Христос не воскреснал; ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш напразна е нашата проповед, празна е и вашата вера. Би се покажале како лажни сведоци Божји, бидејќи сведочевме против Бога дека Го воскреснал Христос, Кого што не Го воскреснал, ако навистина мртвите не воскреснуваат. Зашто, ако мртвите не воскреснуваат, и Христос не воскреснал; ако, пак, Христос не воскреснал, напразна е верата ваша; вие сте уште во своите гревови; тогаш и оние, што умреле за Христос, пропаднале. И, ако само во овој живот се надеваме на Христос, тогаш сме ние најбедни од сите луѓе. Но, ете, Христос воскресна од мртвите, и со тоа стана првина за упокоените. Бидејќи смртта дојде преку човекот, така и воскресението од мртвите, стана преку Човек. И како што по Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе бидат оживеани; но секој по свој ред: Христос е првиот плод; потоа, при Неговото доаѓање, ќе воскреснат сите што се Христови. А потоа ќе биде крајот, кога ќе Му го предаде на Бога и Отецот царството, односно кога ќе уништи секое началство, секоја власт и сила. Бидејќи Тој треба да царува „додека не ги стави под нозете Свои сите непријатели.“ А како последен непријател ќе биде уништена смртта, зашто „сите ги покори под нозете Негови“; а кога се вели: „Сѐ Му е Нему покорено“, очевидно е дека се изоставува Оној, Кој Му потчини сѐ. Кога, пак, ќе Му биде потчинето сѐ, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Оној, Кој Му потчини сѐ, за да биде Бог сѐ во сѐ. Инаку, што ќе направат оние, кои се крштаваат за мртвите? Ако мртвите не воскреснуваат, зошто тие тогаш се крштаваат за нив? Зошто, пак, и ние секој час се подложуваме на опасност? Секој ден умирам, браќа, се колнам во пофалбата ваша, која ја имам во Христос Исус, нашиот Господ. Ако во Ефес, човечки речено, се борев со ѕверови, каква е мојата полза? Ако мртвите не воскреснуваат – „Да јадеме и да пиеме, бидејќи утре ќе умреме!“ Не лажете се: „Лошите зборови ги расипуваат добрите обичаи!“ Освестете се еднаш како треба, па не грешете! Зашто некои од вас не знаат за Бога – за ваш срам го велам ова.