Тогаш царот Давид дојде, застана пред лицето Господово и рече: „Кој сум јас, Господи Боже, и што е мојот дом, та толку ме подигна? Но и тоа се покажа малку во Твоите очи, Боже; Ти навестуваш за домот на Твојот слуга далечна иднина и гледаш на мене како на голем човек, Господи Боже! Што уште може да каже пред Тебе Давид, за славата на Твојот слуга? Ти го знаеш Својот слуга! Господи, за Твојот слуга, според срцето Свое, Ти ги правиш сите тие големи дела, објавувајќи го сето ова величие. Господи, по сѐ она што сме го чуле со ушите свои, сличен на Тебе нема и нема Бог освен Тебе! И кој е сличен на Твојот народ Израел, единствен народ на земјата, кај кој доаѓал Бог, да го откупи за свој народ, за да се здобие со име на големи и страшни дела – преку прогонување на народите пред Твојот народ, кој го спаси од Египет, Ти. Ти го направи Твојот народ Израел Свој сопствен народ засекогаш и Ти, Господи, стана негов Бог. И така, сега, о Господи, утврди го засекогаш словото, што си му го кажал на Твојот слуга и за неговиот дом, и направи, според она како што си кажал. Нека се зацврсти и нека се возвеличи Твоето име засекогаш, за да велат: ‚Господ Саваот, Бог Израелов, е Бог на Израел‘ и домот на Твојот слуга Давид да биде цврст пред Твоето лице. Зашто Ти, Боже мој, му јави на Твојот слуга дека ќе му изградиш дом, та затоа и Твојот слуга се осмели да се моли пред Тебе. И сега, Господи, Ти си Бог, и Ти го вети за Твојот слуга тоа добро. Затоа, според Твојата благонаклоност, благослови го домот на Твојот слуга, за да биде вечен пред Твоето лице; зашто, ако Ти, Господи, го благословиш, ќе биде благословен засекогаш.“