Второзаконие (ПЕТТА КНИГА МОЈСЕЕВА)
(ПЕТТА КНИГА МОЈСЕЕВА)
Вовед
На крајот од книгата Броеви ни е претставено доаѓањето на израилскиот народ во ветената земја; книгата, пак, Второзаконие, која претставува нејзино продолжение во содржинска смисла, скоро целосно им е посветена на трите говора на Мојсеј упатени кон Евреите (1,1–4,43; 4,44–28,68; 28,69–30,20). Во нив Мојсеј нѐ потсетува на делата што Бог во Својата бескрајна љубов ги извршил во полза на Својот народ: Тој склучил со него сојуз, го водел четириесет години низ пустината, го штител од неговите непријатели и му ги соопштувал Своите заповеди и ветувања. Сепак не станува збор за обично повторување на законите и прераскажување на настаните опишани во претходните книги. Мојсеј тука зборува како пламенен проповедник кој ревносно ги повикува своите слушатели да си спомнат за верноста на Бога и да живеат во постојано општење со вистинскиот Бог: „Послушај, Израиле: Господ, нашиот Бог, е единствен Господ, сакај Го Господа, твојот Бог, од сѐ срце, со сета душа твоја и со сите сили твои!“ (6,4-5, цит. во Мт 22,37).
Последните четири глави од книгата содржат две поетски творби и два расказа: од една страна „Песната Мојсеева“ (32) и последниот „Мојсеев благослов“ упатен кон дванаесетте израилски колена (33), и од друга страна расказот за поставувањето на Исус Навин за наследник на Мојсеј (31) и расказот за смртта на Мојсеј (34).
Во Второзаконието лежи, најверојатно, онаа „Книга на законот“, која е најдена во ерусалимскиот храм во времето на царот Јосија (4 Цар 22) и која го поттикнала овој јудејски цар да ја изврши познатата религиозна реформа. Притоа, се забележуваат одгласи од неговата порака во повеќе книги на Стариот завет (Царствата, Еремија), но и во Новозаветниот библиски текст (на пр. Мт 4,4-10; Мк 12,32).
Во Второзаконие се потсетуваат читателите дека среќата кон која се стреми секој човек се наоѓа во верноста кон Бога – Спасителот и Избавителот, на секое место и во сите можни околности.
Селектирано:
Второзаконие (ПЕТТА КНИГА МОЈСЕЕВА): MK2006D
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006