БИТИЕ 14
14
Аврам го ослободува Лота
1Кога Амарфал беше цар на Сенар, Ариох цар на Елесар, Ходолгомор цар на Елам и Таргал цар на Гоим, 2тие почнаа војна против Вер, цар на Содом; Варса цар на Гомор; Сенара цар на Адма; Симовор цар на Севоим и против царот на Вала, што е сега Сигор. 3Сите тие се собраа во Сидимската Долина, каде е денес Соленото Море. 4Дванаесет години му служеа на Ходолгомор, но на тринаесеттата кренаа востание. 5Во четиринаесеттата година се кренаа Ходолгомор и царевите што беа со него и ги поразија: Рафајците во Карнаимскиот Астарот и Зузејците во Ам и Омејците во Киријатското Поле, 6и Хорејците во планинскиот крај Сир, близу до Фаранската Рамница, што е покрај пустината. 7Оттаму се повлекоа назад и стигнаа во Ен-Миспат, што е сега Кадис, и ја покорија целата земја на Амаликците и на Аморејците, кои живееја во Асасон-Тамар. 8Потоа истапи царот на Содом и царот на Гомор и царот на Адма и царот на Севоим и царот на Вала, што е сега Сигор, и стапија во борба против оние, кои беа во Сидимската Долина: 9против Ходолгомор, царот на Елам; Таргал, царот на Гоим; Амарфал, царот на Сенар; Ариох, царот на Еласар - четири цареви против пет. 10Сидимската Долина беше полна со дупки, од кои вадеа смола; та царевите на Содом и Гомор, бегајќи паднаа во нив, а другите избегаа на планината. 11Победниците ги зедоа сите богатства на Содом и Гомор и сета нивна храна и си отидоа. 12Го зедоа и Лот, Аврамовиот внук од брат - кој живееше во Содом - и целиот негов имот, и си отидоа.
13А еден што се спаси, брат Есхолов и Авнанов, Аврамови сојузници, му ја соопштија веста на Евреинот Аврам, кој живееше при дабот на Аморејска Мамра. 14Кога Аврам чу дека е заробен неговиот внук, ги собра своите момчиња - родени во неговиот дом - триста и осумнаесет обучени мажи, ги вооружи и тргна во потера до Дан. 15Ги подели своите момчиња во две групи, ги нападнаа ноќе и ги порази. Ги гонеше до Хова, северно од Дамаск. 16Го врати целиот имот; го врати и својот внук Лот, со сето негово богатство, а и жените и мажите.
Малхиседек и Аврам
17Откако се врати, по поразот на Ходолгомор и на царевите, кои беа со него, царот на Содом му излезе во пресрет во Савинската долина, што е Царски Дол. 18А Малхиседек, царот на Салим, изнесе леб и вино. Тој Му беше свештеник на Сѐвишниот Бог. 19Го благослови велејќи: „Благословен да биде Аврам, Од Сѐвишниот Бог, Творец на небото и земјата! 20Благословеи да биде и Сѐвишниот Бог, Кој ти ги предаде непријателите во твои раце!“
Аврам се откажува од плен
21Тогаш содомскиот цар му рече на Аврама: „Дај ми ги луѓето, а имотот задржи го за себе!“ 22Аврам му одговори на царот на Содом: „Ја кревам раката пред Сѐвишниот Господ, Создателот на небото и земјата, 23и се колнам дека нема да земам ни конче ни ремче за обувка, ни што и да е твое, за да не речеш: ‘Аврам се збогати од мене’, 24освен она што го изедоа моите момчиња и делот на мажите, кои дојдоа со мене: Авнан, Есхол и Мамриј, тие нека си го земат делот.“
Currently Selected:
БИТИЕ 14: MKB
Tya elembo
Share
Copy
Olingi kobomba makomi na yo wapi otye elembo na baapareyi na yo nyonso? Kota to mpe Komisa nkombo
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.