Битие 1
1
Создавање на светот. Човекот образ Божји.
1Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата.
2Земјата беше безоблична и празна; и имаше темнина над бездната; Духот Божји лебдеше над водата.
3И рече Бог: »Нека биде светлина!« И би светлина.
4И виде Бог дека светлината е добра; и ја оддели Бог светлината од темнината.
5И светлината Бог ја нарече ден, а темнината ја нарече ноќ. И би вечер, и би утро – ден први.
6Потоа рече Бог: »Нека има свод среде водата и тој да разделува вода од вода!«
7И создаде Бог свод; и ја одвои водата од под сводот од водата над сводот. Така и стана.
8И сводот Бог го нарече небо. И би вечер и би утро – ден втори.
9И рече Бог: »Нека се собере водата, што е под небото, на едно место, и нека се појави суво!« И стана така.
10И сувото Бог го нарече земја, а собраните води ги нарече – мориња; и виде Бог дека е добро.
11И пак рече Бог: »Нека израсте од земјата зеленило – трева, што дава семе, според својот род и вид, и дрво плодородно на земјата, што дава плод и има во себе семе, според својот род и вид!« И стана така.
12И пушти земјата од себе зеленило: трева што дава семе според својот род и вид, а и дрво плодородно што раѓа плод, и чие семе е според нивниот род на земјата. И виде Бог дека е добро.
13И би вечер, и би утро – ден трети.
14Потоа рече Бог: »Нека се појават светила на сводот небески, што ќе ја осветлуваат замјата за да го делат денот од ноќта, и да бидат знаци и за времињата, и за деновите и за годините;
15и нека светат на сводот небески, за да ја осветлуваат замјата!« И би така.
16И создаде Бог две големи светила: светило поголемо да управува со денот, а светило помало да управува со ноќта, и ѕвезди;
17и ги постави Бог на сводот небески да ја осветлуваат земјата,
18и да управуваат со денот и ноќта, и да ја одделуваат светлината од темнината. И виде Бог дека е добро.
19И би вечер, и би утро – ден четврти.
20Потоа рече Бог: »Нека произведе водата лазачи, живи суштества, и птици да полетаат над земјата, под сводот небески!« И би така.
21И создаде Бог големи риби и секаков вид животни влекачи, а кои ги произведе водата, според нивниот род, како и секаков вид крилати птици, според родот нивни. И виде Бог дека е добро.
22И ги благослови Бог, велејќи: плодете се и множете се, и наполнете ја водата во морињата, и птиците нека да се множат на земјата.
23И би вечер, и би утро – ден петти.
24Пак рече Бог: »Нека произведе земјата од себе разни суштества според родот нивни: добиток, и лазачи, и ѕверки земни според нивниот род!« И би така.
25И создаде Бог ѕверови земни, според родот нивни, и добиток според родот негов, и секакви гадинки на земјата, според родот нивни. И виде Бог дека е добро.
26Потоа рече Бог: »Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие како што сме Ние, кој ќе биде господар над рибите морски, и над птиците небески, и над ѕверовите – над целата земја и над сите гадинки што се движат по земјата!«
27И го создаде Бог човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде.
28И ги благослови Бог, и им рече: »Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа, и овладајте ги рибите морски, и ѕверовите, и птиците, и сиот добиток, и со целата земја, и со сите животни што лазат по земјата.«
29И рече Бог: »Еве, ви дадов секаков вид растение, што дава семе, и какво има по целата земја, и секакви дрвја, што во себе имаат семе според својот род и вид: тоа да ви биде за храна!
30А на сите ѕверови земни, и на сите птици небески, и на сѐ што се движи по земјата, и во кое има жива душа, им ги дадов сите тревни растенија, за да имаат да јадат.« Така и стана.
31И виде Бог дека е многу добро сѐ она што го беше создал. И би вечер, и би утро – ден шести.
ទើបបានជ្រើសរើសហើយ៖
Битие 1: MK1990
គំនូសចំណាំ
ចែករំលែក
ចម្លង
ចង់ឱ្យគំនូសពណ៌ដែលបានរក្សាទុករបស់អ្នក មាននៅលើគ្រប់ឧបករណ៍ទាំងអស់មែនទេ? ចុះឈ្មោះប្រើ ឬចុះឈ្មោះចូល
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016