Битие 24

24
Исак ја добива Ревека за жена.
1А Авраам беше веќе стар и во години, Господ го беше благословил во сѐ.
2И му рече Авраам на слугата свој, на најстариот во домот негов, кој стоеше над целиот негов имот: »Стави ја раката своја под бедрото мое
3и ќе те заколнам во Господа Бога на небото и Бога на земјата, дека нема да земеш жена за синот мој од ќерките Хананејски, меѓу кои живеам,
4туку дека ќе отидеш во земјата моја, каде што се родив, во родот мој, и ќе му доведеш жена на синот мој Исака оттаму.«
5А слугата му рече: »Можно е девојката да не сака да појде со мене во оваа земја; ќе го одведам ли синот твој во земјата, од која си се иселил?«
6А Авраам му рече: »Гледај да не го одведеш синот мој таму.
7Господ, Бог на небесата и на земјата, Кој ме зеде од домот на таткото мој и од земјата, каде што сум роден, и Кој ми рече и ми се заколна, велејќи: ‚Тебе и на потомството твое ќе му ја дадам оваа земја‘, Он ќе испрати ангел свој пред тебе, и ти ќе доведеш жена за синот мој оттаму.
8Ако, пак, девојката не сака да појде со тебе во оваа земја, тогаш нека ти е проста клетвата моја; само синот мој не праќај го таму!«
9И ја стави слугата раката своја под бедрото на Авраама, господарот негов, и му се заколна во тоа.
10Потоа слугата зеде десет камили од камилите на господарот свој, зеде и од драгоценостите на господарот свој со себе, па кога стана, се упати во Месопотамија, во градот Нахоров.
11И ги остави камилите надвор од градот, покрај изворот, приквечерина кога жените излегуваат да полнат вода.
12И рече: »Господи, Боже на господарот мој Авраама, испрати ми ја денес во пресрет онаа, која ја барам, и направи му милост на господарот мој Авраама.
13Еве, јас ќе стојам крај овој извор, и ќерките на градските жители ќе дојдат да налеат вода.
14И на која девојка ќе ѝ речам – ‚Наведни ја стомната своја да пијам‘ – а таа ќе рече – ‚На, пиј, и камилите твои ќе ги напојам – додека се напивам‘, неа си ја определил за слугата твој Исака; и по тоа ќе разберам дека си му направил милост на господарот мој Авраама.«
15И додека тој уште зборуваше во себе, а ете Ревека, ќерката на Ватуила, синот на Мелха, жената на Нахора, чиј брат е Авраам, дојде со стомната на рамо.
16А беше многу убава девојка, која човек уште не беше познала. Таа слезе при изворот, ја наполни стомната, па појде угоре.
17Тогаш слугата излезе пред неа и рече: »Дај ми да се напијам малку вода од стомната твоја!«
18А таа одговори: »Еве, пиј, господару.« И брзо ја спушти стомната на раката своја, и му даде да пие, чекајќи додека не се напие.
19Па рече: »И на камилите твои ќе им налеам додека сите не се напијат.«
20Па брзо ја истури стомната своја во поилото, и пак отрча до изворот да ја наполни, и им налеа на сите камили негови.
21А човекот ја гледаше со восхит и молкум, но сакаше да узнае дали го благословил Господ патот негов или не.
22А откако камилите се напоија, човекот изведи златни наушници, тешки поливина сикла, и две гривни за нејзините раце, од десет сикли злато.
23Ја запраша и рече: »Чија ќерка си? Кажи ми, има ли во куќата на таткото твој место за преноќевање?«
24А таа му одговори: »Јас сум ќерка на Ватуила, синот на Мелха, која му го роди на Нахора.«
25И уште рече: »Има при нас многу слама и храна; а и место за ноќевање.«
26Тогаш човекот се наведна и Му се поклони на Господа,
27па рече: »Нека е благословен Господ Бог на господарот мој Авраама, Кој не го остави господарот мој без Своја милост и Својата правда спрема господарот мој. Господ ме доведе по прав пат во домот на братот од господарот мој.«
28Девојката, пак, отрча и сето ова го кажа во домот на мајката своја.
29А Ревека имаше брат, по име Лаван. Лаван побрза кон човекот крај изворот.
30Откако ги беше видел наушниците и гривните на рацете од сестрата своја и чул кога сестра му Ревека рече – вака ми рече човекот – тогаш појде кај човекот; а тој стоеше со камилите при изворот.
31И рече: »Ела ти, кој си благословен од Господа; зошто да стоиш надвор? Јас ја приготвив куќата; а има место и за камилите.«
32Тогаш човекот влезе во куќата; му ги растоварија камилите, и им дадоа слама и сено – храна на камилите, а му донесоа и вода за нозете негови и за луѓето, кои беа со него.
33И им поставија леб да јадат. Но тој рече: »Нема да јадам додека не кажам за што сум дојден.« И му рекоа: »Зборувај!«
34Тогаш рече: »Јас сум слуга Авраамов.
35Господ го благослови господарот мој многу, та стана голем; и му даде овци и говеда, сребро и злато, и слуги и слугинки, и камили и осли.
36А Сáра, жената на господарот мој, под старост му роди син на господарот мој, и тој му го даде целиот свој имот.
37Мене, пак, ме заколна господарот мој, велејќи – ‚Немој да му доведеш на синот мој жена од ќерките Хананејски, меѓу кои живеам;
38туку појди во домот на таткото мој и во родот мој, и земи жена за синот мој.‘
39А јас му реков на господарот мој: ‚Можеби девојката не ќе сака да појде со мене!?‘
40А тој ми рече – ‚Господ, пред чие лице одев, ќе испрати ангел Свој со тебе, и ќе ти го покаже патот твој до целта и ти ќе земеш жена за синот мој од родот мој, од домот на таткото мој.
41Тогаш ќе ти биде проста клетвата моја, кога ќе отидеш во родот мој; а ако не ти ја дадат, ќе бидеш ослободен од клетвата моја.‘
42И кога дојдов денес при изворот, реков: ‚Господи, Боже на господарот мој Авраама, ако си ме упатил на прав пат, по кој одам,
43еве, јас ќе застанам крај изворот, и на девојката, која ќе дојде да налее вода, ќе ѝ речам – »Дај ми да се напијам малку вода од стомната твоја«, –
44а таа ми одговори – »Еве ти пиј; и на камилите твои ќе им налеам« – таа нека биде жена, која што Господ ја определил за слугата Свој Исака; и по ова ќе разберам дека си му направил милост на мојот господар Авраама.‘
45Јас уште не го изреков тоа во срцето свое, а Ревека дојде со стомната на рамо, и слегувајќи на изворот, налеа; а јас ѝ реков – ‚Дај ми да се напијам.‘
46И таа брзо ја спушти стомната на раката свој и рече – ‚Еве, пиј ти; и камилите твои ќе ги напојам.‘ – Се напив, и камилите мои ги напои.
47Тогаш ја прашав и реков: – ‚Чија ќерка си?‘ А таа одговори: – ‚Јас сум ќерка на Ватуила, синот на Нахора, кого му го роди Мелха.‘ Тогаш ѝ ги ставив наушниците и гривните на рацете нејзини.
48Па се наведнав и Му се поклонив на Господа; и Го благословив Господа Бога на господарот мој Авраама, Кој ме поведе по правиот пат да ја земам ќерката од братот на господарот за неговиот син.
49А сега кажете ми: Ќе му направите ли милост и правда на господарот мој, или не? Ако, пак, не сакате, кажете ми, и јас ќе тргнам надесно или налево.«
50А Лаван и Ватуило одговорија: »Од Господа дојде ова; ние не можеме да ти кажеме ни лошо, ни добро.
51Ете, Ревека е пред тебе, земи ја, па оди, и нека му биде жена на синот од твојот господар, како што рекол Господ.«
52А кога ги чу слугата Авраамов зборовите нивни, Му се поклони на Господа доземи.
53Потоа слугата извади работи златни и сребрени, и облека, и ѝ ги даде на Ревека; а и на братот нејзин и на мајката нејзина им даде подароци.
54Па јадеа и пиеја тој и луѓето, кои беа со него, и ноќеваа. А утредента кога станаа, тој рече: »Пуштете ме да се вратам при господарот мој!«
55А братот нејзин и мајка ѝ рекоа: »Нека остане девојката кај нас макар уште десетина дена, па тогаш одете.«
56Но тој им рече: »Не задржувајте ме кога Господ го благослови мојот пат; пуштете ме да си одам кај господарот мој!«
57А тие рекоа: »Да ја викнеме девојката, и да ја прашаме, што ќе рече таа.«
58И ја повикаа Ревека, па ѝ рекоа: »Сакаш ли да одиш со овој човек?« А таа одговори: »Сакам.«
59И ја пуштија Ревека, сестрата своја, и слугинките нејзини, со слугата Авраамов и луѓето негови.
60Ја благословија Ревека и ѝ рекоа: »Сестро наша, да се умножиш на илјади и илјади, и потомството твое да завладее во градовите над непријателите твои!«
61И стана Ревека со слугинките свои, и се качија на камилите, и тргнаа со човекот. Така слугата ја зеде Ревека и си отиде.
62А Исак беше дошол во Беер Лахај Рој, зашто живееше во јужниот крај.
63Приквечер излезе Исак во полето да се прошета, па ги крена очите: а тоа – ете, камилите идат.
64Ревека, откако ги подигна очите свои и го виде Исака, слезе од камилата
65и го праша слугата: »Кој е оној човек, што преку полето ни доаѓа во пресрет?« А слугата одговори: »Тоа е господарот мој.« – Тогаш таа зеде превез, па се покри.
66И му раскажа слугата на Исака сѐ што беше направил.
67Тогаш Исак ја одведе Ревека во шаторот на Сáра, мајката своја, и таа му стана жена, и му омиле.

Currently Selected:

Битие 24: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in