Битие 18

18
Посета во Мамре. Исак уште еднаш ветен. Пропаста на Содом е објавена. Авраамовата молба.
1Потоа му се јави Господ кај дабот Мамре кога седеше пред вратата од шаторот свој, на пладнина.
2Откако ги крена очите свои, виде Тројца мажи како стојат спроти него. Откако ги виде, им притрча во пресрет пред вратата на шаторот свој, и им се поклони доземи.
3И рече: »Господи, ако сум нашол милост пред Тебе, немој да го одминеш слугата Свој!
4Ќе Ви донесам малку вода: измијте ги нозете, па одморете се малку под ова дрво!
5И ќе Ви изнесам малку леб за да се поткрепите штом веќе навративте кај слугата Ваш, па тогаш продолжете го својот пат.« Тие рекоа: »Направи, како што рече!«
6И Авраам отрча во шаторот кај Сáра, и ѝ рече: »Замеси брзо три мерки чисто брашно и испечи погачи!«
7Па отрча кај говедата и фати теле младо и угоено, и му го даде на момокот, и тој побрза да го зготви.
8Па потоа изнесе масло и млеко и телето, што беше зготвено, и им принесе; и тие јадоа, а тој самиот стоеше пред нив под дрвото.
9Тогаш тие го прашаа: »Каде е Сáра, жената твоја?« А тој одговори: »Ене ја во шаторон.«
10Еден, пак, од нив му рече: »Догодина во ова време, враќајќи се, Јас, пак ќе дојдам кај тебе, и Сáра, жената твоја ќе има син.« А Сáра слушаше на вратата од шаторот, зад него.
11Авраам и Сáра беа стари и возрасни, и кај Сáра беше престанало редовното кај жените.
12Затоа Сáра се насмеа во себе, велејќи: »Бидејќи сум остарела, сега ли ќе ни дојде радоста? А и господарот ми е стар.«
13Тогаш му рече Господ на Авраама: »Зошто се насмеа Сáра во себе, велејќи – Вистина ли е дека ќе родам кога сум остарена? –
14Има ли нешто неможно за Господа? Догодина во ова време Јас пак ќе дојдам при тебе, и Сáра ќе има син.«
15Но Сáра не призна и рече: »Не се насмеав,« бидејќи се беше уплашила. А Он рече: »Не, ами ти се насмеа.«
16Потоа луѓето станаа и тргнаа кон Содом и Гомор, а и Авраам појде со нив да ги испрати.
17А Господ рече: »Како да кријам од Авраама, слугата Свој, што сакам да направам?
18Та од Авраама ќе излезе голем и силен народ, и преку него ќе бидат благословени сите народи на земјата.
19Оти него го избрав за да им заповеда на синовите свои, и на домот свој по себе, да одат по патот Господен и да извршуваат правда и суд, за да може Господ да го исполни она, што му го вети на Авраама.«
20И рече Господ: »Голем повик е против Содом и Гомор, и гревовите нивни се претешки.
21Затоа ќе слезам за да узнаам и да видам дали така се прави, како што повикот доаѓа до Мене, или не.«
22Оттаму луѓето тргнаа кон Содом, додека Авраам уште стоеше пред лицето на Господа.
23Тогаш Авраам се приближи и рече: »Сакаш ли да го уништиш и праведниот со неправедниот и ќе биде ли праведниот како неправедниот?
24Можеби во градот има педесетмина праведници; зарем ќе ги погубиш и нив, а да не му простиш на тоа место заради оние педесет праведници, што се во него?
25Не е можно така да постапиш Ти, да погубиш праведни со неправедни заедно, та исто да се случи со праведникот како и со неправедникот; не, тоа од Тебе не; зарем Судијата на целата замја нема да суди право?«
26И рече Господ: »Ако во градот Содом најдам педесетмина праведници, ќе го запазам градот и целото место заради нив.«
27А Авраам одговори и рече: »Еве, се осмелив да Му проговорам на Господа, иако сум земја и пепел.
28Можеби да има праведници од педесет пет помалку; зар заради тие пет ќе го затреш целиот град?« Он одговори: »Нема тоа да го направам, ако најдам четириесет и пет.«
29И го продолжи разговорот со Него и рече: »Можеби ќе се најдат таму четириесет?« Он, пак, одговори: »Нема да го направам ни поради тие четириесет.«
30Потоа рече: »Нека не се налути Господ, ако речам – можеби ќе се најдат триесет?« – Он рече: »Нема да го направам, ако најдам триесет.«
31И пак рече: »Еве, се осмелувам одново да Му проговарам на Господа – можеби ќе се најдат дваесет?« »Нема да го уништам – рече – ни заради тие дваесет.«
32Најпосле рече: »Нека не се налути, Господ, ако уште еднаш проговорам – можеби ќе се најдат десет?« – Он рече: »Нема да ги искоренам ни заради оние десет.«
33И Господ замина, откако престана да зборува со Авраама; а Авраам се врати во своето место.

Currently Selected:

Битие 18: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in