Битие 4

4
Адамовите синови. Каин го убива братот свој. Нивните потомци.
1Потоа Адам ја позна жената своја Ева, која зачна и го роди Каина, и рече: »Придобив човек од Господа!«
2Го роди уште и брата му Авела. И Авел стана овчар, а Каин беше земјоделец.
3По некое време Каин му принесе на Господа дар од плодовите земни;
4а и Авел исто така принесе од првината на стадото свое и од маста. И Господ погледна милозливо на Авела и на неговите дарови;
5а на Каина и на неговите дарови не погледна милозливо. Затоа Каин се огорчи многу, и лицето му потемне.
6Тогаш му рече Господ Бог на Каина: »Зошто се огорчи? Зошто се помрачи лицето твое?
7Зарем, кога правиш добро, не го креваш ли лицето? А ако не правиш добро, тогаш гревот е пред вратата: тој те влече кон себе, но ти надвладај го!«
8И му рече Каин на својот брат Авела: »Да појдеме в поле!« А кога беа во полето, Каин скокна на Авела, братот свој, и го уби.
9Тогаш му рече Господ Бог на Каина: »Каде е братот твој, Авел?« А тој одговори: »Не знам; зар сум јас чувар на братот мој?«
10А Господ рече: »Што направи? Чуј! Гласот на крвта од братот твој вика од земјата кон Мене.
11Затоа да си проклет од земјата, што ја отвори устата своја да ја прими крвта на братот од раката твоја.
12Кога ќе ја обработуваш земјата, таа нема повеќе да ти ја дава својата сила; ти ќе бидеш изгнаник и скитник по земјата!«
13А Каин му рече на Господа: »Казната моја е толку голема, што не може да се носи.
14Ете, данес ме истеруваш од лицето на земјата, и од лицето Твое ќе се кријам и ќе бидам изгнаник и скитник по земјата: значи, секој што ќе ме сретне, ќе ме убие.«
15А Господ Бог му рече: »Тоа нема да се случи; оти, кој ќе го убие Каина, седумпати ќе се казни!« И му стави Господ Бог знак на Каина, за да не го убие никој, кој ќе го сретне.
16И си отиде Каин од пред лицето на Господа, и се насели како изгнаник во земјата Наит, источно од Едем.
17И ја позна Каин жената своја, а таа забремени и го роди Еноха. Потоа соѕида град и го нарече според името на својот син Енох.
18На Еноха му се роди Гајдад; а Гајдад го роди Малелеила; Малелеил, пак, го роди Матусала, а Матусал го роди Ламеха.
19Ламех зеде две жени: на едната ѝ беше името Ада, а на другата Села.
20Ада го роди Јовила, а од него се изродија оние, што пасат добиток и живеат под шатори.
21А на братот негов името му беше Јувал; од него се народија гуслари и свирачи.
22Села, пак, го роди Товела, кој беше ковач на секакви работи од бакар и железо; а сестра на Товела му беше Ноема.
23И им рече Ламех на жените свои, Ада и Села: »Чујте го гласот мој, жени Ламехови; послушејте ги зборовите мои: ќе убијам човек, кој ќе ме рани, и младич, ако ме удри.
24Ако Каин ќе се одмазди седумпати, Ламех ќе се одмазди седумдесет и седумпати!«
25Адам, пак, ја позна жената своја, и таа му роди син, и му даде име Сит. Зашто рече: »Господ ми даде син место Авела, кого го уби Каин.«
26И на Сит му се роди син, кого го нарече Енос. Тогаш почна да се призовува името на Господа Бога.

ハイライト

シェア

コピー

None

すべてのデバイスで、ハイライト箇所を保存したいですか? サインアップまたはサインインしてください。