Јован 8
8
Браколомниците. Исус – Светлина на светот. Беседа против неверувањето на Евреите.
1А Исус отиде во Елеонската Гора.
2Утредента пак дојде во храмот и сиот народ доаѓаше при Него. А Он седна и ги поучуваше.
3Тогаш книжниците и фарисеите доведоа при Него една жена, фатена во прељубодејство; па како ја изведоа насреде,
4Му рекоа: »Учителе, оваа жена сега е фатена во прељубодејство.
5А Мојсеј во Законот ни заповеда: такви со камења да ги убиваме; Ти, пак, што велиш?«
6Тоа го рекоа за да Го искушаат и да Го обвинат. А Исус се наведна долу и почна со прст да пишува по земјата, не гледајќи ги.
7Но кога продолжија да Го запрашуваат, Он се исправи и им рече: »Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен на неа!«
8И пак се наведна долу и пишуваше по земјата.
9А тие, штом го чуја тоа, бидејќи совеста ги гризеше, се разотидоа еден по еден, почнувајќи од најстарите до последните; остана Исус Сам со жената, која стоеше насреде.
10А кога се исправи и не виде никого освен жената, Исус ѝ рече: »Жено, каде се оние што те обвинуваа? Никој ли не те осуди?«
11А таа рече: »Никој, Господи.« Тогаш Исус ѝ рече: »Ни Јас не те осудувам. Оди си и немој повеќе да грешиш.«
12И пак им рече Исус, велејќи: »Јас сум Светлина на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот.«
13Тогаш Му рекоа фарисеите: »Ти сведочиш Сам за Себе; Твоето сведоштво не е вистинско.«
14Исус им одговори и рече: »Макар што сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво е вистинско, зашто знам од каде сум дошол и на каде одам; а вие не знаете од каде сум дошол и на каде одам.
15Вие судите по телото, Јас не судам никому.
16И ако судам Јас, Мојот суд е вистински, зашто не сум Сам, туку Јас и Отецот, Кој Ме прати.
17А во Законот ваш е напишано, дека сведоштвото на двајца луѓе е вистинско.
18Јас сум што сведочам за Себе, и Отецот, Кој Ме прати, сведочи за Мене.«
19Тогаш му рекоа: »Каде е Твојот Отец?« Исус одговори: »Вие не Ме знаете ни Мене, ни Мојот Отец; Ако Ме знаевте Мене, ќе Го знаете и Мојот Отец.«
20Овие зборови ги кажа Исус при сокровишницата, кога поучуваше во храмот; и никој не Го фати, зашто уште не беше дошол часот Негов.
21Пак им рече Исус: »Јас си одам и ќе Ме барате, и во својот грев ќе умрете. Јас каде што ќе одам, вие не можете да дојдете.«
22Тогаш Јудејците рекоа: »Да не сака да се самоубие и затоа вели: ‚Јас каде што ќе одам, вие не можете да дојдете?‘«
23И им рече: »Вие сте од долните, а Јас сум од горните: вие сте од овој свет, Јас, пак, не сум од овој свет.
24Затоа ви реков дека ќе умрете во своите гревови; и навистина, ако не поверувате дека сум Јас, ќе умрете во гревовите свои.«
25Тогаш Му рекоа: »Кој си Ти?« Исус им одговори: »Почеток, како и што ви зборувам.
26Многу имам за вас да зборувам и да судам; но Оној што Ме прати е вистински и она, што сум чул од Него, тоа и му го кажувам на светот.«
27Но не разбраа дека им говореше за Отецот.
28А Исус им рече: »Кога ќе Го издигнете Синот Човечки, тогаш ќе узнаете дека сум Јас и дека ништо не правам Сам од Себе, туку, како што Ме научи Мојот Отец, така и зборувам.
29Оној што Ме прати е со Мене; Отецот не Ме остави Сам, оти секогаш го вршам она што Му е угодно.«
30Кога Он го зборуваше ова, мнозина поверуваа во Него.
31Тогаш Исус им говореше на Јудејците што беа поверувале во Него: »Ако вие останете при Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици;
32и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.«
33Му одговорија и рекоа: »Ние сме семе Авраамово и никогаш никому не сме робувале; а како Ти велиш: ‚Ќе бидете слободни!‘«
34Исус им одговори: »Вистина, вистина ви велам: секој што прави грев, роб му е на гревот.
35А робот не останува вечно дома; Синот останува вечно.
36И ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни.
37Знам дека сте семе Авраамово, но сакате да Ме убиете, зашто словото Мое не може да се смести во вас.
38Јас го кажувам она што сум го видел кај Мојот Отец; а вие го правите она што сте виделе кај вашиот татко.«
39Му одговорија и рекоа: »Наш татко е Авраам.« Исус им рече: »Ако бевте чеда Авраамови, вие ќе ги вршевте делата Авраамови.
40А сега сакате да Ме убиете; Мене Човекот, Кој ви ја кажав вистината, што ја чув од Бога. Авраам така не правеше.
41Вие ги вршите делата на својот татко.« А тие Му рекоа: »Ние не сме родени од блудство; еден отец имаме – Бога.«
42Но Исус им рече: »Ако Бог беше ваш татко, тогаш ќе Ме сакавте Мене, бидејќи Јас сум излегол и доаѓам од Бога. Оти не сум дошол Сам од Себе, а Он Ме прати.
43Зошто не ги разбирате Моите зборови? Затоа што не можете да ги слушате поуките Мои.
44Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко; тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина. Кога зборува лага, говори од себе, зашто е лажец и татко на лагата.
45А бидејќи Јас вистината ви ја кажувам, не Ми верувате.
46Кој од вас може да Ме укори за неправда? Ако ли, пак, вистина зборувам, тогаш зошто не ми верувате?
47Кој е од Бога, тој ги слуша зборовите Божји. А вие не ги слушате, зашто не сте од Бога.«
48Тогаш Јудејците Му одговорија и рекоа: »Не зборуваме ли право, дека си Ти Самарјанин и дека бес има во Тебе?«
49Исус им одговори: »Во Мене нема бес, туку го почитувам Својот Отец, а вие Ме бесчестите.
50Но Јас не ја барам славата Своја; а има друг што ја бара, и Кој што ќе суди.
51Вистина, вистина ви велам: кој ќе ги запази зборовите Мои, нема да види смрт довека.«
52Тогаш Јудејците Му рекоа: »Сега разбравме дека во Тебе има нечист дух: Авраам умре, и пророците, а Ти велиш, кој ќе ги запази зборовите Мои, смрт нема да види довека.
53Да не си Ти поголем од нашиот татко Авраама, кој умре? И пророците умреа; а за кого се претставуваш Ти Сам?«
54Исус одговори: »Ако се славам Сам, тогаш славата Моја е ништо; Мојот Отец е, што Ме прославува, и за Кого вие велите дека е ваш Бог;
55но не Го познавате, а Јас, пак, Го знам. И ако кажам дека не Го познавам, ќе бидам лажец како вие. Но Јас Го знам и го пазам словото Негово.
56Авраам, таткото ваш, би се зарадувал да го види Мојот ден; и го виде, и се зарадува.«
57Тогаш Јудејците Му рекоа: »Уште немаш ни педесет години – а си го видел ли Авраама?«
58Исус им рече: »Вистина, вистина ви велам: Јас постојам уште пред да се роди Авраам.«
59Тогаш зедоа камења, за да ги фрлат на Него; Исус се сокри и излезе од храмот, и минувајќи помеѓу нив, така си отиде.
Právě zvoleno:
Јован 8: MK1990
Zvýraznění
Sdílet
Kopírovat
Chceš mít své zvýrazněné verše uložené na všech zařízeních? Zaregistruj se nebo se přihlas
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016