Јован 4
4
Разговорот на Исуса со Самарјанката. Исцелување на синот од царскиот човек.
1Кога разбра Исус дека фарисеите чуле, оти Он придобива повеќе ученици отколку Јован, и крштава,
2макар што Сам Исус не крштаваше, а учениците Негови,
3ја напушти Јудеја и отиде пак во Галилеја.
4Требаше да мине преку Самарија.
5И така, дојде во самарјанскиот град, наречен Сихар, близу до земјиштето, што му го даде Јаков на сина си Јосифа.
6Таму беше изворот на Јакова. И Исус, изморен од патот, седна покрај изворот; а беше околу шестиот час.
7Дојде една жена од Самарија, за да полни вода. Исус ѝ рече: »Дај Ми да пијам!«
8А учениците Негови беа отишле во градот да купат храна.
9Жената Самарјанка Му рече: »Како Ти, бидејќи Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш?« – Оти Јудејците со Самарјаните не се мешаат.
10Исус ѝ одговори и рече: »Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Оној што ти вели: ‚Дај Ми да пијам‘ – ти самата би побарала од Него и Он би ти дал вода жива.«
11Жената Му рече: »Господи, Ти нема со што да нацрпиш, а кладенецот е длабок; од каде, пак, имаш вода жива?
12Зар си Ти поголем од нашиот татко Јакова, кој ни го даде овој кладенец! И сам тој пиеше од него, и синовите негови, и добитокот негов!«
13Исус ѝ одговори и рече: »Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни;
14а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода, што ќе тече во живот вечен.«
15Жената Му рече: »Господи, дај ми таква вода за да не ожеднувам, ниту да идам овде за полнење!«
16Исус ѝ рече: »Оди, повикај го мажа си и дојди тука!«
17Жената одговори и Му рече: »Немам маж.« Исус ѝ рече: »Право кажа дека немаш маж;
18зашто петмина мажи си имала и овој, што го имаш сега, не ти е маж; право рече.«
19Жената Му одговори: »Господи, гледам дека си Ти пророк.
20Нашите татковци се клањаа во оваа планина, а вие велите дека во Ерусалим е местото каде што треба да се клањаме.«
21Исус ѝ рече: »Жено, верувај Ми дека иде часот, кога ни во оваа планина, ниту во Ерусалим ќе се поклонувате на Отецот.
22Вие му се клањате на она, што не го знаете; а ние се клањаме на она што го знаеме; зашто спасението е од Јудејците.
23Но иде време и дошло веќе, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние, кои Му се клањаат.
24Бог е Дух и оние, што Му се клањаат, треба да се поклонуваат со дух и со вистина.«
25Жената Му рече: »Знам оти ќе дојде Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Он, сѐ ќе ни каже.«
26А Исус ѝ рече: »Јас сум, Кој зборувам со тебе.«
27И тогаш дојдоа учениците Негови и се зачудија дека говореше со жената; но ниеден не Му рече: »Што сакаш?« или »Што зборуваш со неа?«
28А жената ја остави својата стомна и отиде в град и им рече на луѓето:
29Дојдете, видете Го човекот, Кој ми кажа сѐ што сум направила. Да не е Он Христос?
30Тогаш тие излегоа од градот и тргнаа кон Него.
31Во тоа време, пак, учениците Го молеа, велејќи: »Рави, јади!«
32Но Он им рече: »Јас имам храна за јадење, што вие не ја знаете.«
33Тогаш учениците си проговорија помеѓу себе: »Освен ако Му донел некој да јаде?«
34А Исус им рече: »Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, Кој Ме пратил и да го извршам Неговото дело.
35Не велите ли вие, дека уште четири месеци, па ќе настане жетва? А Јас, пак, ви кажувам: подигнете ги очите свои и видете ги нивите како побелеле, готови се за жетва.
36И жетварот веќе добива награда и собира плод за вечен живот, та да се радуваат заедно и сејачот и жетварот.
37Зашто во ова вистинска е поговорката: ‚Еден сее, а друг жнее.‘
38Јас ве пратив да жнеете, каде што не сте се труделе; други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд.«
39И мнозина Самарјани од тој град поверуваа во Него по зборовите на жената, која сведочеше: »Ми кажа сѐ што сум направила.«
40Кога дојдоа, пак, Самарјаните при Него, Го помолија да остане кај нив. И Он остана таму два дена.
41И уште повеќе поверуваа поради словото Негово;
42а на жената ѝ велеа: »Сега веќе не веруваме од твоето кажување, оти сами чувме и знаеме дека е Он Спасителот на светот, Христос.«
43А по два дена, Он излезе оттаму и отиде во Галилеја.
44Зашто Сам Исус беше посведочил, дека пророкот во своето родно место нема чест.
45Кога дојде, пак, во Галилеја, Галилејците Го примија, зашто беа виделе сѐ што изврши во Ерусалим на празникот; оти и тие беа на празникот.
46И така, Исус пак дојде во Кана Галилејска, каде што беше претворил вода во вино.
47Имаше еден царски човек, чиј син беше болен во Капернаум. Штом чу дека Исус пристигнал од Јудеја во Галилеја, тој отиде при Него и Го замоли да слезе и да му го излекува синот, зашто беше на умирање.
48А Исус му рече: »Ако не видите знаци и чудеса, нема да поверувате.«
49Царскиот човек Му рече: »Господи, дојди додека уште не умрело детето мое!«
50А Исус му одговори: »Оди си! Твојот син е жив!« И човекот поверува на зборот, што му го кажа Исус и си замина.
51И веднаш, кога слегуваше, го сретнаа слугите негови и му јавија: »Синот твој е жив!«
52А тој ги праша за часот кога му станало полесно. Тие му одговорија: »Вчера во седмиот час го остави огнот.«
53Тогаш таткото разбра дека тоа станало во истиот час, кога Исус му рече: »Твојот син е жив!« И поверува тој и целиот негов дом.
54Ова, пак второ чудо го изврши Исус, кога пристигна од Јудеја во Галилеја.
Právě zvoleno:
Јован 4: MK1990
Zvýraznění
Sdílet
Kopírovat
Chceš mít své zvýrazněné verše uložené na všech zařízeních? Zaregistruj se nebo se přihlas
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016