YouVersion Logo
Search Icon

Римјаните 8

8
1Затоа тие што се под закрила на Исус Христос нема да бидат осудени,
2бидејќи со посредство на Исус Христос, силата на животодавниот Дух ве ослободи од силата на гревот, која води во смрт.
3Мојсеевиот Закон не можеше да не спаси, поради грешната човекова природа. Но тоа што не можеше да го стори Законот, го направи Бог. Тој Го испрати Својот Син во тело слично на грешните човечки тела. Жртвувајќи Го Својот Син за нашите гревови, Бог ја уништи власта што гревот ја имаше во нас.
4Така, она што Законот со право го бараше, беше исполнето за нас, кои не се раководиме според телесната природа, туку според водството на Духот.
5Луѓето што се раководат според својата телесна природа мислат само на телесни работи, додека оние што допуштаат да ги води Божјиот Дух, мислат на духовни работи и се стремат кон нивно остварување.
6Но раководењето според телесната природа води во смрт, а раководењето според Божјиот Дух донесува живот и мир.
7Умот што се раководи од телесната природа е непријателски настроен спрема Бог. Тој не му се покорува на Божјиот Закон. Не може да му се покори.
8Луѓето што се раководат од својата телесна природа не можат да Му угодат на Бог.
9Но вие не се раководите според телесната природа, туку според водството на Духот, ако во вас навистина живее Божјиот Дух. (Ако некој Го нема во себе Духот на Христос, таквиот човек воопшто и не е христијанин!)
10Ако, пак, Христос живее во вас, тогаш, навистина, вашето тело ќе мора да умре поради гревот, но вашиот дух ќе живее, затоа што сте оправдани пред Бог.
11Ако навистина Божјиот Дух, Кој Го воскресна Исуса, сега живее во вас, тогаш Тој Дух ќе ги оживее и вашите смртни тела, онака како што Го воскресна Христос од мртвите.
12Драги христијани, ние не сме и должници на нашата телесна природа и не сме должни да го извршуваме тоа што таа ни го наложува.
13Ако дозволите грешната телесна природа да ве води, ќе умрете. Но ако со помош на Божјиот Дух ги совладувате навиките на вашата грешна природа, ќе живеете.
14Само тие што се раководат според Божјиот Дух, се Божји деца.
15Впрочем, Духот што Го примивте не ве претвора одново во робови, па и понатаму да се плашите од Бог! Напротив, Тој Дух ве посвои и сега сте Божји деца и на Бог можете да Му се обраќате со „Аба“, што значи „Татко“.
16Самиот Божји Дух, заедно со нашиот дух, не уверува дека ние навистина сме Божји деца.
17Ако сме Божји деца, ние сме и Негови наследници, заедно со Христос. Се што Бог Му дава на Својот Син, Христос, е и наше. Па и ако страдаме слично како што страдаше Христос, ќе ја наследиме и славата што ја има Тој!
18Јас мислам дека страдањата низ кои сега минуваме не можат ни да се споредат со славата што потоа ќе ни биде дадена.
19Се што е создадено со нетрпение го чека денот кога Бог ќе објави кои се Неговите вистински деца.
20Се што е создадено беше потчинето под Божјото проклетство, не по своја волја, туку по Негова наредба. Затоа сите созданија се надеваат
21дека и тие ќе бидат ослободени од стегите на смртта и распаѓањето, и ќе ја добијат славната слобода што ги очекува Божјите деца.
22Зашто знаеме дека, се до сега, целиот свет стенка и се грчи од болка, како жена што се породува.
23Не само светот, туку стенкаме и ние христијаните, кои го имаме Светиот Дух во нас и ги уживаме првите плодови на славата што ќе дојде. И ние во себе стенкаме, желно очекувајќи Бог да ни го даде сето она што како на Негови деца ни следува, вклучувајќи ги тука и новите тела што Бог ни ги вети.
24Сега кога сме спасени, желно ја очекуваме таа слобода. Тоа значи дека таква слобода се уште немаме. Зошто, инаку, некој би очекувал нешто што веќе го има!?
25Но, во очекување на она што се уште го немаме, треба трпеливо и со доверба да го очекуваме.
26Во меѓувреме, со нас е Светиот Дух за да не придружува и да ни помага во нашите слабости. Ние не знаеме дури ни за што и како би требало да се молиме. Но Светиот Дух се застапува за нас со неискажливи воздишки.
27А Бог знае што има во срцата на луѓето и знае што сака Светиот Дух, затоа што Тој се застапува за Божјите луѓе согласно со Божјата волја.
28Знаеме дека се што се случува, Бог ќе го насочи така што да испадне на добро за оние што Го сакаат Бога и што се од Него повикани за свети цели.
29Однапред познавајќи ги луѓето, Бог ги одбра Своите, со цел да ги преобрази така што ќе бидат слични на Неговиот Син, Исус, Кој е првороден за да има многу браќа и сестри.
30А тие што ги одбра, Бог ги повика, ги оправда и ги прослави.
31Што да кажеме на ова? Ако е Бог со нас, кој ќе биде против нас?
32Кога Бог ни Својот Сопствен Син не Го поштеди, туку Го даде за откуп на сите нас, зар заедно со Исус нема да ни подари и се друго?
33Кој може да подигне обвинение против оние што Бог ги одбра и ги оправда!?
34Кој може да не осуди нас, Божјите избраници? Такво право и таква сила има само Исус Христос, но токму Тој умре и воскресна за нас, а и сега се зазема за нас, седејќи на почесното место, од десната страна на Бог!
35Според тоа, може ли да има сила што ќе не одвои од Христовата љубов? Можат ли тоа да го сторат тешкотиите, маките, прогоните, гладот, немаштијата или заканите со смрт?
36Иако во Светото Писмо е напишано: „Секојдневно се соочуваме со смртта, за Тебе, не сметаат како овци за клање“
37Наспроти се, ние сме повеќе од победници, преку Христос, Кој многу не засака.
38Убеден сум дека ни смртта ни животот; ни ангелите, ни владетелите; ни сегашноста, ни иднината; ни некакви сили,
39било да се сили од височините, или сили од длабочините; ниту што и да е на овој свет не може да не одвои од Божјата љубов, што Тој ни ја искажува преку Исус Христос, нашиот Господ!

Currently Selected:

Римјаните 8: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in