YouVersion Logo
Search Icon

Откровение 19

19
1Потоа чув многубројни гласови на небото кои пееја вака: “Слава на Бога!
2Зашто Тој суди чесно и справедливо! Тој ја осуди бесрамната блудница, и врз неа ја одмазди крвта на Своите следбеници, зашто таа со своето блудство ја расипа Земјата!“
3А хорот на небото повторуваше: „Слава на Бога! Димот од пламенот во којшто таа гори, нема никогаш да престане да се крева!“
4Тогаш дваесет и четирите старешини и четирите живи суштества паднаа ничкум и Му се поклонија на Бог, Кој седеше на престолот, велејќи: „Амин! Слава на Бога!“
5Од престолот проговори глас и рече: „Славете Го нашиот Бог, вие мали и големи - сите што сте во Негова служба и имате страхопочит спрема Него!“
6Потоа чув гласови од многуброен народ - звук како од бучава на силни води и како татнеж од громови; тие говореа: „Слава на Бога! Господ, нашиот Семоќен Бог ја презеде власта!
7Да се радуваме, да се веселиме и да Му благодариме на Бог, зашто дојде свадбата на Јагнето и Невестата е подготвена!
8Нејзе ќе и се даде свадбена руба од чисто и светло ленено платно, кое ги претставува праведните дела на Божјите свети луѓе.“
9Тогаш ангелот ми рече: „Блазе си им на поканетите на свадбената вечера на Јагнето!“ Потоа додаде: „Овие Божји зборови ќе се остварат!“
10Тогаш јас клекнав пред ангелот за да му се поклонам, но тој ми рече: „Немој! И јас сум Божји служител, како што си и ти, и сите други следбеници на Исус. Само на Бог поклонувај Му се! А духот на пророкувањето е јасно да се посведочи за Исус.“
11Потоа небото се отвори и се појави еден бел коњ. Коњаникот Го нарекуваа ?Верниот и Вистинитиот‘ и Тој е секогаш справедлив кога суди или кога војува.
12Очите Му светат како огнен пламен, а на главата носи многубројни круни. Името Му беше напишано, но само Тој знае што значи тоа име.
13Коњаникот носеше облека натопена во крв; Тој е познат и под името ?Божји Збор‘.
14Во Негова придружба беа цели војски од небото, качени на бели коњи, облечени во облеки од чисто, бело ленено платно.
15Од устата Му излегуваше остар меч, со кој ќе ги порази неверните народи. Тој ќе владее над нив со железен скиптар и ќе го изгази грозјето во кацата на зоврениот гнев на Семоќниот Бог.
16На Неговата облека, отстрана, беше напишано: ,Цар над царевите и Господар над господарите‘.
17Тогаш забележав еден ангел кој стоеше на Сонцето и им довикуваше на сите грабливи птици што летаа во небесните височини: „Дојдете и придружете се на Божјата голема гозба!
18Ќе јадете месо од цареви, владетели, водачи, коњи, коњаници, од луѓе слободни и од робови, од луѓе мали и големи!“
19Потоа го видов Ѕверот како ги собра владетелите на Земјата и нивните војски за војна против Коњаникот на белиот коњ и Неговите војски.
20Но Ѕверот беше заробен, а со него и лажниот пророк - оној што правеше чуда во служба на Ѕверот и ги заведуваше сите што имаа белег на Ѕверот и се поклонуваа пред неговата икона. Обајцата беа живи фрлени во Огненото Езеро полно со запален сулфур.
21Останатите од војската на Ѕверот беа убиени со мечот што излегуваше од устата на Коњаникот на белиот коњ. Сите птици се наситија од нивните трупови.

Currently Selected:

Откровение 19: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in