YouVersion Logo
Search Icon

Откровение 16

16
1Потоа од Храмот се огласи еден громок глас кој на седумте ангели им рече: „Одете и истурете ги врз Земјата седумте садови на Божјиот гнев!“
2Првиот ангел отиде и го истури својот сад врз Земјата. Тогаш на луѓето што го имаа белегот на Ѕверот и и се поклонуваа на неговата икона им излегоа чиреви што страшно болеа.
3Вториот ангел го истури својот сад врз морето. Морето веднаш стана како крв од мртовец и пцовисаа сите живи суштества во него.
4Третиот ангел го истури својот сад врз реките и водните извори и тие се претворија во крв.
5Тогаш проговори ангелот што ги надгледуваше водите: „Свети Боже, Ти, Кој постоиш и Кој отсекогаш си постоел! Праведно постапи што ги казни на таков начин,
6зашто тие им ја пролеаја крвта на светите пророци! Сега нивните убијци нека пијат крв, зашто тоа го заслужуваат!“
7Тогаш и глас од жртвеникот проговори и рече: „Да, Господе, Семоќен Боже; Твоите пресуди се правилни и праведни!“
8Четвртиот ангел го истури својот сад врз Сонцето и тоа почна да ги пече луѓето како оган.
9Луѓето се печеа на големата горештина и го навредуваа Божјото име на небото; но никој од нив не се обрати и не Му ја призна славата што Му припаѓа на Бог.
10Петтиот ангел го истури својот сад врз престолот на Ѕверот. Наеднаш неговото царство го зафати темнина, а поданиците од растројства си ги гризеа јазиците, но и го навредуваа името на небесниот Бог
11поради страдањата и чиревите. Никој од нив не престана да врши зли дела.
12Шестиот ангел го истури својот сад врз големата река Еуфрат и таа пресуши. Тоа им овозможи премин на царевите од Исток со своите војски.
13Потоа забележав како од устите на Змејот, на Ѕверот и на лажниот Пророк излегоа три зли духови, кои личеа на жаби.
14Тоа се демонски духови кои имаат моќ да прават чуда. Тие ќе отидат кај сите владетели по целиот свет и ќе ги соберат на заедничка војна против Семоќниот Бог. Но тоа ќе биде ден на голема Божја победа!
15Припомнете си што рече Исус: „Внимавајте, зашто ќе дојдам ненадејно, како провалник! Но Бог ќе ве благослови, ако останете внимателни и подготвени; ако ја зачувате својата „облека“, за да не ви се открие „голотијата“, од која ќе се засрамите!“
16Тие војски ќе се соберат на местото кое на хебрејски се вика Хар Мегидо.
17Седмиот ангел го истури својот сад во воздухот и во истиот миг од престолот во Храмот се огласи многу силен глас, кој рече: „Завршено е!“
18Тогаш болснаа молскавици, зататнеа громови и Земјата ја погоди таков силен земјотрес, каков што никогаш дотогаш не се случил откога постои човекот на Земјата!
19Големиот град Вавилон се распука на три дела, а и други градови меѓу народите беа разурнати. Бог си спомна за гревовите на големиот Вавилон и го натера да пие од чашата со жестоко вино на Неговиот гнев!
20Сите острови исчезнаа, а и планините ги снема.
21Крупен град со големина на зрната над триесет килограми се истури од небото врз луѓето, а тие Го навредуваа Бога, поради стравотниот град што ги погоди.

Currently Selected:

Откровение 16: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in