Откровение 14
14
1Понатаму, во моето видение Го видов Јагнето како стои на гората Сион. Со Него стоеја 144.000луѓе кои на своите чела го носеа напишано Неговото име и името на Неговиот небесен Татко.
2Тогаш од небото чув громогласен звук како од силен водопад. Звукот прилегаше на музика од голем број свирачи на харфи.
3Таму, пред Божјиот престол, пред четирите живи суштества и пред старешините, стоеја 144.000души откупени од Земјата и пееја една нова песна што ја знаеја само тие.
4Овие луѓе се духовно неопоганети, чисти како девственици и Го придружуваат Јагнето секаде каде што оди. Тие се откупени меѓу луѓето и први ќе бидат претставени пред Бог и пред Јагнето.
5Нивните усти никогаш не изговориле лага; тие се луѓе без пороци.
6Потоа забележав еден друг ангел кој леташе во небесните височини. Тој го носеше вечното Евангелие за да им го проповеда на луѓето од сите раси, племиња, јазици и народи на Земјата.
7Ангелот говореше со мошне силен глас, велејќи: „Покажете страхопочит спрема Бог, зашто дојде времето Тој да им суди на сите! Поклонете Му се на Создателот на небото, на Земјата, на морињата и на водените извори!“
8По него настапи уште еден ангел и извика: „Падна, падна големиот Вавилон - градот што со своето жестоко вино и со својот неморал ги опиваше и ги заведуваше сите народи!“
9По вториот ангел настапи и трет ангел, кој со сиот глас викаше: „Секој што ќе му се поклони на Ѕверот и на неговата икона, и ќе прими белег на своето чело или на својата рака,
10ќе го пие жестокото вино на Божјиот гнев, што е веќе налеано во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде мачен во оган и запален сулфур, во присуство на светите ангели и на Јагнето!
11Димот од нивното мачење ќе се крева во вечни векови и тие нема да имаат спокојство ни дење ни ноќе! Таква ќе им биде казната на оние што ќе му се поклонат на Ѕверот и на неговата икона и ќе го примат белегот на неговото име.
12А Божјите луѓе се повикани на трпеливост, на послушност спрема Божјите заповеди и на вера во Исус.
13Потоа еден глас од небото ми рече: „Запиши го ова: Благословени се оние што отсега натаму умираат со вера во Господ!“ А Духот одговори: „Да, тие ќе отпочинат од своите напори, зашто резултатите од нивниот труд ќе ја продолжат службата!“
14Потоа во моето видение забележав еден блескаво бел облак. На него седеше Некој што личеше на Синот Човечки, со златен венец на главата и остар срп во раката.
15Тогаш од храмот излезе еден друг ангел и на цел глас Му рече на Оној што седеше на облакот: “Замавни со српот и почни да жнееш, зашто дојде времето за жетва; Земјата е зрела за жетва!“
16Тогаш Оној што седеше на облакот замавна со српот и ја ожнеа Земјата.
17Потоа од Храмот на небото излезе и друг ангел; и тој имаше остар срп во раката.
18Во тој миг откај жртвеникот излезе уште еден ангел - кој го надгледуваше огнот на жртвеникот - и со силен глас му се обрати на ангелот со остриот срп: „Замавни со својот срп и обери го сето грозје од лозјето на Земјата, зашто тоа е веќе узреано!“
19Тогаш ангелот замавна со српот и го обра сето грозје на Земјата и го собра во големата каца на Божјиот гнев.
20Грозјето во кацата беше изгмечено надвор од градот. А кога се гмечеше, од кацата се разлеа река од крв долга околу триста километри, чија длабочина досегаше до уздите на коњите.
Currently Selected:
Откровение 14: MNT
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.