Марко 9
9
1Во продолжение Исус рече: „Ве уверувам дека меѓу овде присутните има некои што ќе го видат стапувањето во сила на Божјото царство уште пред да умрат!“
2Шест дена по ова, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и ги поведе насамо на една висока планина. Таму, пред нивните очи Тој се преобрази, така што
3облеката му стана блескаво-бела, како што не би можела да се избели со ниедно белило на Земјата!
4Заедно со Него се појавија и Мојсеј и пророкот Илија кои разговараа со Исус.
5Тогаш Петар Му рече на Исус: „Учителе! Колку ни е убаво овде! Да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“
6Ова го рече не знаејќи што друго да каже, зашто тие беа многу исплашени.
7Во тој момент ги засени еден густ облак, а од облакот проговори глас: „Ова е Мојот Син, Мојот Љубимец; Него слушајте Го.“
8Учениците тогаш се обѕрнаа околу себе, но Го видоа само Исуса и никој друг.
9Додека слегуваа од планината, Исус им рече: „Никому не кажувајте му за ова што го видовте, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите.“
10Тие Го послушаа, но меѓу себе се прашуваа: „Што сакаше да каже со воскреснувањето од мртвите?“
11Потоа учениците Го прашаа Исуса: „Зошто вероучителите велат дека пред да се појави Месијата, треба да дојде Илија?“
12Исус им одговори: „Бездруго, најпрво ќе дојде Илија, за да подготви сe. Но, зар Светото Писмо не го вели и тоа дека Синот Човечки многу ќе настрада и дека ќе биде отфрлен?
13Ве уверувам дека Илија веќе дојде, но луѓето постапија со него како што сакаа - токму како што е претскажано во Светото Писмо!“
14Кога Исус и тројцата Негови ученици се вратија кај другите ученици, забележаа голема толпа народ и вероучители како се расправаат со нив.
15Луѓето се изненадија при појавата на Исус и веднаш Му потрчаа во пресрет да Го поздрават.
16Исус ги запраша: „За што се расправавте?“
17Еден човек од народот Му одговори: „Учителе! Го носев син ми кај Тебе. Обземен е од демонски дух и нем е.
18Кога ќе добие напад паѓа наземи, устата му пени, крцка со забите и се вкочанува. Ги замолив Твоите ученици да го ослободат од демонскиот дух, но тие не можеа.“
19Тогаш Исус рече: „Ах, безверен народе! До кога ќе морам да бидам со вас и да ве поднесувам!? Доведете го момчето кај Мене!“
20Го доведоа момчето. Кога демонскиот дух во него Го виде Исуса, веднаш го нападна момчето: тресејќи се, момчето падна на земјата, почна да се валка, а од устата му излегуваше пена.
21Исус го праша таткото на момчето: “Од кога му е вака?“ “Уште од детството“ - одговори таткото.
22„Демонот во него честопати се обидува да го убие, фрлајќи го во оган или во вода. Ако можеш, те молам, смилувај ни се и помогни ни!“
23„Зошто велиш: ?Ако можеш‘? Нема ништо невозможно за оној што има вера!“ - му одговори Исус.
24Со силен глас, таткото извика: „Верувам, но помогни ми да не се сомневам!“
25Кога Исус виде дека сe повеќе народ се собира, со строг глас му нареди на глувонемиот дух да излезе од момчето и никогаш повеќе да не се врати во него.
26Демонскиот дух вресна, силно го стресе момчето и излезе од него. Момчето за миг изгледаше како да е мртво, а така мислеа и насобраните луѓе.
27Но Исус го фати за рака и го исправи. Момчето застана на своите нозе.
28Кога Исус се врати дома, Неговите ученици насамо Го запрашаа: „Зошто ние не можевме да го истераме демонскиот дух?“
29Исус им одговори: „Овој вид демони можат да се избркаат само со молитва.“
30Заминувајќи си оттаму, Исус и Неговите ученици патуваа низ покраината Галилеја. Исус не сакаше никој да дознае за тоа.
31Тој сакаше да го мине времето поучувајќи ги само Своите ученици. Им зборуваше дека Тој, Синот Човечки, ќе им биде предаден на луѓето и дека тие ќе Го погубат, но и тоа дека три дена по погубувањето Тој ќе воскресне од мртвите.
32Тие не сфаќаа за што зборува, а се плашеа да Го распрашуваат околу тоа.
33Потоа Исус и Неговите ученици отидоа во Неговата куќа во градот Кафарнаум. Таму, во куќата, Исус ги праша: „За што се расправавте по патот?“
34Тие молчеа, бидејќи расправијата беше околу тоа, кој од нив е најважен.
35Седнувајќи, Исус ги повика дванаесеттемина Свои ученици да се соберат околу Него, па им рече: „Тој што сака почесно место меѓу вас, треба да им биде како слуга на сите!“
36Потоа Исус повика едно дете, го исправи пред нив, го гушна и рече:
37„Секој што во Мое име ќе прифати едно од овие деца, Ме прифаќа Мене. Прифаќајќи Ме Мене, Го прифаќа и Оној што Ме испрати.“
38Јован Му рече на Исус: „Учителе, сретнавме еден човек кој се користи со Твоето име и изгонува демони. Да му забраниме да го прави тоа, бидејќи тој не и припаѓа на нашата група!“
39Но Исус им одговори на Своите ученици: „Немојте да му забранувате! Тој што извршува чуда во Мое име, нема толку лесно да се сврти против Мене.
40Кој не е против нас, тој е за нас.
41Ве уверувам дека секој што ќе ви даде макар и чаша вода во Мое име, заради тоа што сте следбеници на Месијата, несомнено ќе биде награден.“
42„Ако некој биде причинител за отстапување од верата во Мене на едно од овие најмаливе, подобро би му било да си стави воденички камен околу вратот и да се удави на дното од морето!
43Ако твојата рака те наведува на грев - отсечи ја! Подобро е да влезеш во вечниот живот со една рака, отколку со двете раце да завршиш во пеколот - во вечниот оган!
44--
45Ако твојата нога те наведува на грев - отсечи ја! Подобро е да влезеш во вечниот живот со една нога, отколку со две да бидеш фрлен во пеколот!
46--
47Ако твоето око те наведува на грев - ископај го! Подобро е да влезеш во Божјото царство со едно око, отколку со две очи да бидеш фрлен во пеколот.
48Таму црвот не престанува да гризе и огнот не престанува да гори!
49Имено, секој ќе биде со оган ?посолен‘.
50Солта е добра, но ако солта облутави, како ќе и го вратите солениот вкус? Имајте ги својствата на солта во меѓусебните односи и ќе живеете во мир еден со друг.“
Currently Selected:
Марко 9: MNT
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.