Марко 16
16
1По саботата, Марија од Магдала, Салома и Марија - мајката на Јаков - купија мириси за балсамирање на Исусовото тело.
2Во раните зори на Неделата, при изгрејсонце, тие се упатија кон гробницата.
3Одејќи, почнаа да се прашуваат: „Како ќе го тргнеме каменот од отворот на гробницата?“
4Но кога втасаа таму и погледнаа, забележаа дека тешкиот камен е веќе отстранет! А каменот беше навистина голем!
5Жените влегоа во гробницата и на десната страна видоа седнат еден млад човек во долга бела облека. Многу се исплашија!
6Но ангелот им рече: „Не плашете се! Вие го барате Назареќанецот Исус, Кој беше распнат. Тој воскресна и не е овде! Еве го местото каде што беше положено Неговото тело.
7Одете и кажете им на Неговите ученици, и особено на Петар: ,Исус ќе ве чека во Галилеја. Таму ќе Го видите, како што ви беше кажал!‘“
8Жените избегаа од гробницата, тресејќи се од страв. Толку беа исплашени, што никому ништо не кажуваа.
9Рано изутрината во неделата, кога Исус воскресна од мртвите, и се појави на Марија од Магдала. (Порано Исус ја беше ослободил од седум демони кои беа во неа.)
10Таа отиде и им кажа на Исусовите следбеници кои тагуваа и плачеа.
11Но тие, кога слушнаа дека Исус е жив, не поверуваа, иако Марија им кажа дека Го видела.
12Подоцна, Исус им се појави и на двајца Свои ученици, но во поинаков изглед. Тие тогаш одеа по пат, кон едно село.
13Кога овие двајца им раскажаа за ова на другите, тие не им поверуваа.
14Потоа Исус им се покажа и на единаесеттемина Свои ученици, додека тие вечераа заедно. Тогаш ги укори поради нивното неверство и закоравеност на срцата, зашто не им веруваа на оние што Го беа виделе по Неговото воскресение.
15Потоа им рече: “Одете по целиот свет и проповедајте им ја Радосната вест на сите луѓе!
16Секој што ќе поверува и ќе се крсти - ќе биде спасен. А секој што ќе одбие да поверува - ќе биде осуден.
17Оние што ќе поверуваат, ќе можат да извршуваат чуда: со помош на Моето име ќе изгонуваат демонски духови, ќе зборуваат на нови јазици,
18со раце ќе фаќаат змии, ќе испиваат отрови и нема да се отрујат, ќе исцелуваат болни со ракополагање врз нив.“
19Откако на Своите ученици им ги упати овие зборови, Господ Исус се вознесе на небото и седна до Бог, од Неговата десна страна.
20А учениците се разотидоа и почнаа да проповедаат насекаде. Господ беше со нив и преку чудата што тие ги извршуваа потврдуваше дека тоа што го зборуваат е вистина.
Currently Selected:
Марко 16: MNT
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.