Марко 13
13
1Кога Исус излегуваше од храмот еден од Неговите ученици Му рече: „Учителе, погледни ги овие прекрасни камења - колку убава зграда е храмот!“
2Во одговор, Исус му рече: „Ги гледаш ли овие големи градби? Сето тоа ќе биде разурнато и камен врз камен нема да остане!“
3Подоцна, кога Исус седеше на падините од Маслиновата Гора, спроти храмот, Му пристапија насамо Петар, Јаков, Јован и Андреј, и Го прашаа:
4„Кажи ни, кога ќе се случат сите овие нешта и кој ќе биде знакот што ќе го навести нивното исполнување?“
5Тогаш Исус почна да им кажува: “Внимавајте да не бидете заведени!
6Мнозина ќе доаѓаат под Моето име, ќе тврдат дека Сум тоа Јас и ќе успеат да заведат мнозина!
7Кога ќе слушате за војни и за повици на војни - не вознемирувајте се! Тоа мора најпрво да се случува, но тоа сe уште не е крајот.
8Ќе се крене еден народ против друг народ на војна и едно царство против друго царство. Ќе има земјотреси на разни места, и појави на глад меѓу луѓето. Ова ќе бидат почетоците на неволите.“
9Исус продолжи: „Внимавајте на себе! Ќе ве тужат на судови и ќе ве тепаат во храмовите. Поради вашата вера во Мене, ќе ве изведуваат пред управници и пред владетели. Но тоа ќе биде за да им се посведочи и ним.
10А пред да дојде крајот, Радосната вест ќе им се проповеда на сите народи.
11Кога ќе ве притвораат, не грижете се однапред што ќе зборувате. Во тие моменти Бог ќе ви ги даде вистинските зборови што ќе треба да ги кажете. Зашто вашата одбрана нема да доаѓа од вас, туку од Светиот Дух.
12Браќа ќе се предаваат еден со друг и родители ќе ги предаваат своите деца на смрт. Децата ќе се креваат против родителите и ќе ги убиваат.
13Сите ќе ве мразат поради вашата вера во Мене. Само тие што ќе останат верни докрај ќе бидат спасени.“
14Во продолжение Исус рече: „Кога ќе видите дека ,богохулникот што пустоши‘ се сместува таму каде што не би смеел (секој што го чита ова, треба да го разбере!), тогаш тие што живеат во Јудеја нека бегаат во планините!
15Кој ќе се најде искачен на покрив, нека не слегува во куќата за да земе нешто,
16а кој ќе се најде во полето, нека не се враќа дома по облека.
17Тоа време ќе биде страшно за бремените жени и за доилките!
18Молете се тоа да не се случи зиме!
19Тоа ќе биде време на такви страдања какви што немало од почетокот на Божјото создавање досега, ниту пак другпат ќе ги има!
20Кога Господ не би го скратил времетраењето на тие страдања, никој не би преживеал! Но заради избраниците Свои, Господ ќе го скрати тоа време.
21Ако тогаш некој ви рече: ,Еве Го Месијата овде!‘ или ,Ене Го онде!‘ - не верувајте му!
22Ќе се појават лажни месии и лажни пророци и ќе извршуваат чуда за да ги заведат по можност и Божјите избраници!
23Бидете внимателни! Ете, сe ви кажав однапред!“
24Во тоа време, веднаш по тие неволи „Сонцето ќе потемни и Месечината ќе престане да свети.
25Ѕвезди ќе паѓаат од небото и небесните сили ќе се разнишаат.“
26Тогаш ќе Ме видат Мене, Синот Човечки, како доаѓам на облаците со величествена моќ и слава.
27Тогаш ќе ги испратам Своите ангели да ги соберат Моите избраници од сите четири страни на светот, од крајот на Земјата, до крајот на небото.“
28„Научете се од примерот со смоквата: кога гранките ќе и распупат и ќе и разлистаат, знаете дека наближува летото.
29Така, кога ќе забележите дека овие случки што ви ги опишав се одигруваат, знајте дека враќањето на Месијата е на прагот.
30Ве уверувам дека некои луѓе од оваа генерација сe уште ќе бидат живи, кога сите тие случки ќе се одиграат!
31Небото и Земјата ќе ги снема, но Моите зборови ќе останат!
32А што се однесува до точното време и час - тоа никој не го знае, дури ни ангелите на небото, па ни Синот Човечки, туку само небесниот Татко!
33Затоа, бидете духовно будни и подготвени, бидејќи не знаете кога точно ќе настапи тоа време!
34Враќањето на Месијата може да се спореди со човек кој заминува на пат и им ја предава грижата за куќата на своите слуги. На секој од нив му дава задолжение, а на чуварот му наредува да бдее.
35Значи, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе се врати господарот на куќата! Тој може да се врати навечер или на полноќ или во раните мугри кога петлите пеат!
36Да не ве изненади и затекне на спиење!
37Тоа што ви го велам вам, им го кажувам на сите: Бидете духовно будни!“
Currently Selected:
Марко 13: MNT
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.