YouVersion Logo
Search Icon

Евреите 9

9
1Секако, и во првиот Завет меѓу Бог и Израел имаше одредби што се однесуваа на богослужењето и на Светилиштето, овде на Земјава.
2Светилиштето, всушност, беше шатор со две простории. Во првата просторија која се нарекуваше Свето место се наоѓаа свеќникот и масата со посветените лебови.
3Потоа имаше завеса, а зад завесата се наоѓаше Најсветото Место,
4во кое беа сместени златниот жртвеник за кадење и Ковчегот на Заветот, обложен со злато од сите страни. Во ковчегот се чуваа: еден златен сад во кој имаше малку мана, стапот на Арон, што беше пуштил листови и камените плочи на кои беа запишани Десетте заповеди.
5Над ковчегот се надвиснуваа славни херувими со раширени крилја над местото за помирување. Но сега не е време за ова детално да се зборува.
6Откако сите овие работи беа поставени како што треба, свештениците секојдневно влегуваа во надворешниот дел на Шаторот, за да ги извршуваат богослужбените активности.
7Но во внатрешниот дел на Шаторот можеше да влегува само Првосвештеникот, и тоа само еднаш годишно. При секое влегување тој принесуваше крв, за да ги покрие своите сопствени гревови и гревовите на народот, извршени поради незнаење.
8Преку овие правила, Светиот Дух ни открива дека се додека постоеше првиот Шатор и целиот религиозен систем што тој го претставува, патот за влегување во Најсветото место за нас обичните луѓе не беше отворен.
9Тоа е сликовит приказ на денешното време, бидејќи приносите и жртвите што Му се принесуваат на Бог, не можат да им ја смират совеста на тие што ги принесуваат.
10Овие обреди се однесуваат само на храна, пијалак и разни обреди на исчистување, кои беа поставени до времето кога Бог воведе нов ред.
11Но кога Христос дојде како Првосвештеник на добри нешта кои сега ни пристигнаа, Тој влезе во многу повозвишено и посовршено Светилиште, кое не е изградено од човечка рака и не е дел од овој создаден свет.
12Христос принесе крв во Најсветото место еднаш засекогаш, но не крв од јарци и јунци, туку ја принесе сопствената крв и на тој начин засекогаш го обезбеди нашето спасение.
13Ако според строгиот религиозен систем луѓето телесно „се исчистуваа“ попрскувајќи се со крв на јарци и бикови и со пепел од јуници,
14колку повеќе, тогаш, може да постигне крвта на Христос! Преку вечниот Дух, Тој се принесе Себеси како совршена жртва пред Бог. Неговата крв ја исчистува нашата совест од дела што водат во смрт, за да Му служиме на живиот Бог!
15Христос умре за да ги ослободи од казната оние што згрешија и го прекршија Стариот завет. Така Тој стана Посредник меѓу Бог и луѓето на еден нов завет преку кој сите што се повикани од Бог ќе го примат вечното наследство што Бог им го вети.
16Ваквиот завет, всушност, е тестамент: тој стапува на сила само откако ќе умре тој што го напишал.
17Се додека е живо лицето што го остава тестаментот, тој не може да се користи. Тестаментот стапува на сила дури откако ќе умре оној што го остава.
18Затоа и првиот Завет беше воспоставен со употреба на крв како доказ за смрт.
19Откако Мојсеј им ги пренесе на луѓето сите Божји закони, зеде крв од бикови и јарци, ја помеша со вода, па ги попрска книгата на Божјите закони и сите луѓе, употребувајќи гранче од исоп и црвена волна.
20Потоа им рече: „Оваа крв го потврдува заветот што Бог го склучи со вас“.
21Потоа Мојсеј ги попрска со крв и Светилиштето и сите предмети што се употребуваа за богослужба.
22Всушност, според Мојсеевиот Закон, се се исчистува преку попрскување со крв; и без пролевање на крв нема простување на гревовите.
23Овие работи беа само слики на небесните оригинали и затоа мораа да се осветуваат преку вакви обреди. Но она што е на небото треба да се исчистува со жртви што се далеку подобри од обична животинска крв.
24Затоа Христос не влезе во Светилиштето изградено од луѓе, кое беше само копија на вистинското, туку влезе во самото небо, каде што сега се застапува за нас пред Бог.
25За разлика од Првосвештеникот, кој со туѓа крв секоја година влегуваше во Најсветото место, Христос не влезе во небото за да се принесува Себеси повеќепати!
26Да беше тоа неопходно, Тој ќе требаше да умира многупати од создавањето на светот наваму! Наместо тоа, кон крајот на времето, Тој дојде еднаш засекогаш, за вечно да му ја одземе моќта на гревот, принесувајќи се Себеси како жртва.
27Исто како што на луѓето им е определено само еднаш да умрат, а потоа доаѓа судот,
28така и Христос само еднаш се принесе Себеси како жртва, за да ги искупи гревовите на мнозина. Тој ќе дојде и вторпат, но не во врска со нашите гревови, туку за да им донесе спасение на оние што желно Го очекуваат.

Currently Selected:

Евреите 9: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in