YouVersion Logo
Search Icon

Дела Ап. 26

26
1Потоа Агрипа му рече на Павле: „Можеш да почнеш да ја изложуваш својата одбрана.“ Тогаш Павле ја испружи раката во знак на поздрав, и ја започна својата одбрана:
2„Царе Агрипа, имам голема среќа што можам пред Вас да ја изнесам мојата одбрана во врска со се она за што ме обвинуваат Евреите,
3зашто вие сте добар познавач на еврејските обичаи и расправии. Затоа ве молам внимателно да ме ислушате.
4Сите Евреи знаат каков беше мојот живот уште додека бев млад, кога живеев во Ерусалим, меѓу мојот народ.
5Ме познаваат веќе долго време и ако сакаат можат да потврдат дека јас бев фарисеј, што значи дека живеев според најстрогите прописи на нашата вера.
6Сега сум изведен пред суд, затоа што верувам дека Бог ќе го исполни она што им го вети на нашите прататковци.
7А сите дванаесет еврејски племиња ревносно Му се поклонуваат на Бог ден и ноќ, очекувајќи го исполнувањето на истата вера! Заради таа моја вера, царе, јас денеска сум обвинет од Евреите.
8Зошто вам ви се чини неверојатно дека Бог ќе ги воскресне мртвите!?
9Порано и јас верував дека треба со сите свои сили да им се противставам на следбениците на Исус од Назарет.
10Така и правев. Имав добиено овластување од Првосвештениците, па многу христијани од Ерусалим одведов в затвор. Кога им се судеше и кога беа осудувани на смрт и јас гласав против нив.
11Ги казнував по сите синагоги и со примена на сила се обидував да ги натерам да Го навредуваат Христос. Толку строг бев против нив, што ги прогонував дури и во далечни градови, надвор од нашата земја!
12При еден таков потфат тргнав за Дамаск со овластување и задача од Првосвештениците.
13Додека патував, Ваше Величество, сред бел ден видов светлина посилна од сончевата што блесна во мене и во моите придружници.
14Сите паднавме наземи! Тогаш јас слушнав глас, кој на еврејски јазик ми рече: ,Савле, Савле, зошто Ме прогонуваш!? Лошо ќе поминеш ако клоцаш против остен!‘
15,Кој сте Вие, Господине?‘ - прашав, а Господ ми одговори: ,Јас сум Исус, Оној што Го прогонуваш!
16Стани, исправи се на нозе! Јас ти се појавив за да те назначам за Свој служител и сведок: да им го кажуваш на луѓето ова што го виде и она што допрва ќе ти го откријам.
17А јас ќе те заштитувам од твојот народ и од другите народи кај кои те испраќам
18за да им ги отвориш очите, па да се обратат од темнина кон светлина, од власта на Сатаната кон Бог. Така ќе добијат простување за своите гревови и наследство заедно со сите други што станаа Божји народ, одбрани преку вера во Мене.‘
19Така, царе Агрипа, јас не откажав послушност спрема ова видение што ми дојде од небото.
20Почнав да им проповедам, најпрво на Евреите во Дамаск, а потоа во Ерусалим и во сите области на Јудеја. Потоа продолжив да им проповедам и на нееврејските народи, да им објаснувам дека треба да се покаат и да се свртат кон Бог, и со своето поведение на дело да потврдат дека навистина се покајале.
21Поради ова, додека бев во храмот, група Евреи ме фатија и се обидоа да ме убијат.
22Но се до денешен ден Бог ми беше на помош и еве стојам овде и им сведочам на сите, на обични луѓе и на моќници. Не проповедам ништо различно од она што е веќе претскажано од пророците и од Мојсеј:
23дека Месијата требаше да настрада и дека како првовоскреснат од мртвите Тој им ја покажа светлината и на Евреите и на сите други народи.“
24Ненадејно Фест стана и почна да вика: „Си споулавел, Павле! Од многу читање си се мрднал од умот!“
25„Не сум споулавел, честити Фесте!“ - рече Павле. „Тоа што го зборувам е разумно и вистинито!
26Царот Агрипа добро ги познава овие работи и затоа јас толку слободно зборувам пред него. Уверен сум дека ништо од сево ова не му е непознато, бидејќи ова не се одигруваше во некое зафрлено ќоше!
27Верувате ли, царе Агрипа, во она што го пишале пророците? Знам дека верувате!“
28Агрипа му одговори: „За малку и мене ќе ме убедиш да станам христијанин!“
29На тоа Павле му рече: „Му се молам на Бог, за малку или за многу не само Вие, туку и сите што денес ме слушате да станете такви луѓе каков што сум јас, но без окови!“
30Тогаш царот, гувернерот, Берника и сите што седеа со нив станаа,
31и на заминување си рекоа меѓу себе: „Овој човек нема направено ништо што би заслужувало смртна казна или затвор!“
32А Агрипа му рече на Фест: „Ако овој човек не беше побарал да оди кај императорот, можеше веднаш да биде ослободен!“

Currently Selected:

Дела Ап. 26: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy