1 Петар 1
1
1Од Петар, апостол на Исус Христос, до луѓето одбрани од Бог што живеат во туѓина, распрснати низ Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Битинија.
2Бог Таткото реши да ве одбере, а Неговиот Дух ве направи свети. Вие Го послушавте Исус Христос и сега сте попрскани со Неговата крв. Ви посакувам Бог да ви биде изобилно благонаклонет и да ви дава се подлабок мир.
3Благословен нека е Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој поттикнат од Својата огромна милост, одново не роди! Сега живееме со надеж која произлезе од воскресението на Исус Христос.
4Очекуваме наследство што не се распаѓа, неосквернето, што не венее. Тоа наследство Бог го чува за нас на небото.
5Божјата сила ќе ве чува се до последниот ден, бидејќи имате доверба во Него. Тогаш Бог јавно ќе го објави вашето спасение.
6Затоа треба неизмерно да се радувате, макар што, ако е неопходно, уште кратко време ќе минувате низ разни маки и искушенија.
7Преку нив се проверува вредноста на вашата вера. Дури и златото, кое е само од привремена полза, со оган се проверува. Вашата вера е многу повредна. Така, ако успешно ја поминете таа проверка, вие ќе добиете пофалба, слава и чест на денот кога Исус Христос ќе му се открие на целиот свет.
8Вие Го сакате Христос, иако никогаш не сте Го виделе, верувате во Него, иако не ви е пред очи. Затоа ќе се радувате со величествена радост што не може да се опише,
9оти ќе ја постигнете целта на вашата вера - спасението на своите души.
10Токму за ова спасение сакаа повеќе да дознаат и пророците. Тие пророкуваа за тој незаслужен подарок што требаше да дојде.
11Се обидуваа да дознаат на кого се однесува тоа и кога ќе се случи. Духот на Христос беше во нив и им претскажуваше дека Месијата најпрво ќе страда, а потоа ќе се стекне со голема слава.
12Ним им беше откриено дека ова нема да се случи во нивно време и дека тие претскажуваат работи за иднината, за вас. Тие работи сега ви беа објавени преку оние што ви ја проповедаа Радосната вест, со силата на Светиот Дух испратен од небото. Дури и ангелите копнеат да проникнат во овие работи, да ги разберат.
13Затоа, впрегнете го својот ум, размислувајте трезвено. Сета своја надеж положете ја во благонаклоноста што ќе ви биде дадена кога ќе се врати Исус Христос!
14Бидете Му послушни на Бог, бидејќи сте Негови деца. Немојте да им се препуштате на вашите поранешни страсти од времето кога живеевте во незнаење.
15Напротив, бидете свети во сите свои постапки, бидејќи вие сте Божји избраници, а Тој е свет.
16Самиот Бог во Светото Писмо ни порачува: “Бидете свети, затоа што Јас сум свет!“
17Кога веќе Бога го сметате за ваш небесен Татко, Кој секого наградува или казнува според постапките, без пристрасности спрема поединци, тогаш, се додека живеете како туѓинци, овде на Земјава, однесувајте се со страхопочит спрема Бог.
18Вие знаете каква цена беше платена за да бидете откупени од безвредниот начин на живеење што го имавте наследено од вашите татковци. Знаете дека не бевте откупени со сребреници и златници, кои се потрошни нешта,
19туку со скапоцената крв на Христос, безгрешното, совршено Божјо Јагне.
20Бог Него Го одбра за оваа цел уште пред создавањето на светот, но дури сега, во овие последни времиња, Го испрати на Земјата заради вас.
21Преку Христос вие поверувавте во Бог, во Оној што Го воскресна од мртвите и Го прослави. Затоа можете со целосна доверба да ја положите својата надеж во Бог.
22Сега, откако и се покоривте на вистината, ги исчистивте своите души. Од тоа произлезе искрена, братска љубов меѓу вас. Затоа, сакајте се меѓусебно искрено и од се срце.
23Сакајте се затоа што сега сте наново родени, не од земни родители, кои би ви ја пренесле и смртта, туку од бесмртниот Родител, преку живиот и вечен Божји Збор.
24Светото Писмо вели: „Секој човек е како трева, а секоја човечка слава и убавина се како цвеќе во ливада; тревата се суши, цвеќето венее,
25само зборот Господов вечно ќе живее.“ Тој збор е Радосната вест што ви беше проповедана.
Currently Selected:
1 Петар 1: MNT
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.