YouVersion Logo
Search Icon

РИМЈАНИТЕ 15

15
1Ние силните должни сме да ги носиме слабостите на слабите, а да не си угодуваме сами на себеси. 2Секој од нас нека му угодува на ближниот, во негова полза, за добро, 3зашто ни Христос не Си угодуваше Сам на Себеси, туку како што е напишано: „Хулите на оние, кои Те хулеа, паднаа на Мене.“ 4Навистина, сѐ што е напишано некогаш, напишано ни е нам за поука, за да имаме надеж преку трпението и преку утехата од Писмата. 5И Бог на трпението и утехата да ви даде едномислие меѓу вас по примерот на Исуса Христа, 6за да Го славите, еднодушно, со една уста, Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос. 7Затоа примајте се еден со друг, како што и Христос ве прими за Божјата слава! 8Зашто велам, дека Христос им послужи на обрезаните поради Божјата вистина, за да ги потврди ветувањата дадени на татковците; 9а пак народите Го прославуваат Бога поради Неговото милосрдие, како што е напишано: „Затоа ќе Те исповедам меѓу народите и ќе Му пеам на Твоето име.“ 10И пак рече:“ Веселете се, народи, со Неговиот народ!“ 11И пак: „Фалете Го Господа сите народи и да Го слават сите племиња!“ 12И пак Исаија вели: „Ќе се јави подник од Јесеевиот корен, и Оној Кој станува за да владее над народите; на Него ќе се надеваат народите!“ 13А Бог на надежта да ве исполни со сета радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух да ви се збогати надежта.
Апостолово оправдување и неговите намери
14И јас самиот, браќа мои, сум уверен за вас, дека сте и самите полни со доброта, исполнети со секакво знаење и дека можете да се поучувате еден со друг. 15Но, делумно ви пишав малку послободно, за да ве потсетам на благодатта, која ми ја даде Бог, 16за да Му бидам служител на Исуса Христа меѓу народите, кој врши света служба на Божјото Евангелие, и да биде мојот принос од народите пријатен, и осветен преку Светиот Дух. 17И така, можам да се фалам во Христа Исуса за тоа, за Бога, 18зашто не се осмелувам да кажам нешто што Христос не го извршил преку мене, за да ги доведам народите до послушност, со слово и дело, 19во силата на знаци и чудеса, во силата на Божјиот Дух. Така што од Ерусалим и наоколу, сѐ до Илирик, наполно го проповедав Евангелието за Христа. 20Но, при тоа сметав за чест да не го проповедам Евангелието таму, каде што Христовото име веќе беше познато, за да не ѕидам врз туѓи основи, 21туку како што е напишано: „Ќе Го видат оние, на кои ништо не им беше навестено за Него, и ќе разберат оние, кои не чуле.“
22Тоа ме спречи многупати да дојдам при вас. 23Но сега, зашто веќе немам поле за работа во овие краишта и зашто копнеам веќе многу години да дојдам при вас, 24кога ќе тргнам за Шпанија; имено, се надевам дека ќе ве видам на минување и дека вие ќе ме испратите натаму, откако најнапред ќе се наситам донекаде со вас. 25А сега одам за Ерусалим, за да им послужам на светите, 26зашто Македонија и Ахаја одлучија да соберат некаква заедничка помош за бедните меѓу светите во Ерусалим. 27Навистина, го одлучија тоа, а и должни им се, зашто, ако народите станаа соучесници на нивните духовни блага, должни се да им послужат во телесните потреби. 28Кога ќе го свршам ова и кога ќе им го доставам овој плод, ќе тргнам за Шпанија преку вас. 29И знам, кога ќе дојдам при вас, дека ќе дојдам со полн Христов благослов.
30Покрај тоа, ве молам, браќа, преку нашиот Господ Исус Христос и преку љубовта на Духот, да се борите со мене, молејќи Му се на Бога за мене, 31за да се избавам од непокорните во Јудеја и за да им биде благопријатна мојата служба на светите во Ерусалим, 32та да можам, по Божја волја, радосно да дојдам при вас и да се освежам заедно со вас. 33А Бог на мирот да биде со сите вас, Амин!

Currently Selected:

РИМЈАНИТЕ 15: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in