YouVersion Logo
Search Icon

ПОСЛОВИЦИ 25

25
ЗБОРНИК НА СОЛОМОНОВИ ИЗРЕКИ
25:1-29:27
А. Пред царево лице
1И овие се Соломонови поуки, кои ги собраа луѓето на Езекија, царот јудејски: 2Слава Божја е да крие работа, а царската слава да ја истражува. 3Неистражливи се: небото во височината, земјата во длабочината и царевото срце. 4Отстрани ја згурата од среброто и ќе успее работата на златарот. 5Отстрани го нечесниот од пред царот и неговиот престол ќе се зацврсти во правда. 6Не воздигнувај се пред царот, и не седнувај на местото на големците, 7зашто е подобро да ти се рече: „Искачи се горе“, отколку да те понижат пред начелникот. 8Тоа што ти го видоа очите не го изнесувај пребргу на расправа; зашто што ќе направиш на крајот, кога ќе те засрами и твојот ближен? 9Реши го спорот со својот ближен, и не откривај ја тајната на друг, 10за да не те укори кој ќе чуе, и твојот углед срушен да биде. 11Зборови кажани во право време, се златни јаболки во сребрени садови. 12Мудрецот што изобличува е златен прстен и ѓердан од тенко злато за внимателното уво. 13Верниот гласник, за оној што го праќа, е како снежна ладовина во време на жетва: тој ја крепи душата на својот господар. 14Кој се фали со лажлив дар, тој е како облак и ветер без дожд.
Б. Другар и непријател
15Со воздржливост се ублажува управител, а мекиот јазик крши и коски. 16Кога ќе најдеш мед, јади умерено, за да не се прејадеш и да го изблуваш изеденото. 17Ретко влегувај во куќата на твојот ближен, да не се засити од тебе и да те замрази. 18Човек кој сведочи лажно против својот ближен, тој е како палица, и меч, и остра стрела. 19Безбожничката надеж во денот на неволјата, е како гнил заб и нога што трепери. 20Како оној што соблекува облека во зимски ден или потурува киселина врз раната, таков е оној што му пее песна на ожалостено срце. 21Ако е гладен твојот непријател, нахрани го со леб, и ако е жеден, напој го со вода, зашто така му натрупуваш жар на главата, и Господ ќе те награди. 23Северниот ветер донесува дожд, а потајниот јазик - разгневено лице. 24Подобро е да се живее под работ на покривот, отколку во заедничка куќа со препирлива жена. 25Како студена вода за жедно грло, таква е добрата вест од далечна земја. 26Како затрупан кладенец и заматен извор, таков е праведникот кој трепери пред нечесниот. 27Да се јаде многу мед не е добро, ниту да се бара претерана слава. 28Разурнат град и без ѕидови, таков е човекот, кој нема власт над себеси.

Currently Selected:

ПОСЛОВИЦИ 25: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in