YouVersion Logo
Search Icon

ПОСЛОВИЦИ 14

14
И. Праведен и порочен
1Мудрата жена го изградува нејзиниот дом, а лудата го разурнува со рацете. 2Кој живее од чесност, се бои од Господа, а кој оди по страничен пат, Го презира. 3Во устата на лудиот е прачката за неговата гордост, а мудроста ја пазат сопствените усни. 4Каде нема волови, јаслите се празни, а жетвата е изобилна од силата на воловите. 5Вистинскиот сведок не лаже, а лажниот сведок шири лага. 6Потсмевачот бара мудрост и не ја наоѓа, а разумниот лесно доаѓа до знаење. 7Оди си од безумниот човек, зашто нема да запознаеш усни што зборуваат знаење. 8Мудроста на мудриот човек е во тоа: што внимава на својот пат, а глупоста на безумникот е заблуда. 9На лудите гревот им е шега, а среде праведните е Божјата наклонетост. 10Срцето ја познава својата душевна мака, и неговата радост не може да ја дели никој друг. 11Домот на нечесните ќе пропадне а живеалиштето на праведниците ќе процвета. 12Некој пат му се чини на човекот прав, а на крајот води кон смртта. 13И во смеата срцето чувствува болка, а после веселбата доаѓа тага. 14Лукавиот се сити со своите престапи, а добриот човек со својот труд. 15Глупавиот верува на секој збор, а умниот внимава на својот чекор. 16Мудриот се бои и се отклонува од злото, а безумниот се распалува и е смел. 17Избувливиот човек прави лудости, и зломисленикот ќе биде замразен. 18Глупавите ја наследуваат лудоста, а мудрите ги овенчува знаењето. 19Лошите се поклонуваат пред добрите, и нечесните пред вратите на праведникот.
Ј. Богат и беден
20Сиромавиот им е омразен и на своите пријатели, а богатиот има многу другари. 21Греши кој го презира својот ближен, а блазе на оној кој е милостив кон сиромасите. 22Не одат ли по заблуда оние што смислуваат зло? А зар не се добрината и верноста со оние што смислуваат добро. 23Од секој труд има полза, а од брбливоста на усните само сиромаштво. 24На мудрите венец им е нивното богатство, а глупоста на безумните е нивната лудост. 25Вистинскиот сведок избавува души, а лажниот сведок истура лаги. 26Во стравот од Господа е голема верба, и е прибежиште за неговите синови. 27Стравот од Господа е извор на животот; Тој избавува од стапицата на смртта. 28Многуброен народ е слава за царот, а без луѓе владетелот пропаѓа. 29Кој се гневи бавно има големо разбирање, а избувливиот во дух покажува глупост. 30Тивкото срце е живот на телото, а љубомората е гнилеж во коските. 31Кој го угнетува бедниот, го навредува неговиот Творец, а кој е милостив кон бедниот Го почитува. 32Нечесниот пропаѓа заради сопствената пакост, а праведникот и при самата смрт наоѓа засолниште. 33Мудроста почива во разумно срце, а што е во безумниот тоа и се покажува. 34Правдата го возвишува народот, а гревот е срам на народите. 35Царската наклонетост е кон разумниот слуга а неговиот гнев - против оној кој го срами.

Currently Selected:

ПОСЛОВИЦИ 14: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in