БРОЕВИ 9
9
Прописи за Пасха
1Во првиот месец на втората година по излезот од Египетската Земја, Господ му рече на Мојсеја во Синајската Пустина: 2„Израелевите синови нека ја подготвуваат Пасхата во времето определено за неа. 3Празнувајте ја во нејзиното време, во примрак, на четиринаесеттиот ден на овој месец; славете ја според сите нејзини прописи и наредби.“ 4А Мојсеј им рече на Израелците да ја подготвуваат Пасхата. 5И тие ја подготвуваа во Синајската Пустина, во примрак, во првиот месец, на четиринаесеттиот ден на месецот. Како што Господ му нареди на Мојсеја, Израелевите синови така и направија. 6А имаше луѓе онечистени од мртовец, тие не можеа да ја подготвуваат Пасхата во оној ден. И дојдоа пред Мојсеја и Арона во истиот ден 7па рекоа: „Станавме нечисти од мртовец; сепак, зошто да бидеме лишени од тоа да Му принесеме принос на Господа во одреденото време среде Израелевите синови?“ 8Мојсеј им рече: „Стрпете се, да чујам што ќе одреди Господ за вас.“
9И Господ му рече на Мојсеја: 10„Кажи им на Израелевите синови вака: ‘Кога некој од среде вас или од меѓу вашите потомци стане нечист од мртовец или ако е на далечен пат, сепак нека Му ја подготвуваат Пасхата на Господа. 11Нека ја спремат во примрак на четиринаесеттиот ден на вториот месец. Нека ја јадат со бесквасни лебови и со горчливи треви; 12нека не оставаат од неа за наутро; нека не кршат ниту една коска на неа. Нека ја подготвуваат според прописите за Пасха. 13Оној кој е чист, а не е на пат, па сепак пропуштил да ја подготви Пасхата, нека биде откорнат од својот народ. Бидејќи не Му принесе на Господа жртва во одреденото време, таквиот нека го носи својот грев. 14Ако со вас живее странец и ако Му принесува Пасха на Господа, нека ја принесува според нејзините прописи и обреди. Нека биде едно правило за вас: и за странецот и за домородецот.’“
Облак го покрива Шаторот
15Во денот кога беше поставен Шаторот облак го покри Шаторот, Шаторот на сведоштвото. Облакот стоеше во вид на оган над Шаторот од вечер до утро. 16Така облакот го засолнуваше непрекратно, а ноќе беше како оган. 17Кога облакот се дигаше од Шаторот, тогаш Израелевите синови тргнуваа; а каде што облакот застануваше, таму Израелевите синови се настануваа. 18По Господова заповед Израелците тргнуваа на пат, и по Господова заповед застануваа во логор. За сето време додека облакот стоеше над Шаторот тие остануваа во логорот. 19Ако облакот стоеше долго над Шаторот, Израелците го слушаа Господовиот налог и не тргнуваа на пат. 20Но ако се случеше облакот да остане над Шаторот малку време, тие по Господова повелба остануваа во логорот и по Господова повелба тргнуваа пак на пат. 21Ако облакот се дигнеше, откако се задржал од вечерта до утрото, тие тогаш тргнуваа наутро на пат. Дење или ноќе, кога облакот ќе се дигнеше, тие тргнуваа на пат. 22Два дена или месец или година - додека облакот остануваше над Шаторот - Израелевите синови остануваа во логорот, не тргнувајќи на пат, а штом ќе се дигнеше, тие тргнуваа. 23По Господова повелба стоеја во логорот и по Господова повелба тргнуваа на пат. Го пазеа Господовиот налог, како што Господ му заповеда на Мојсеја.
Currently Selected:
БРОЕВИ 9: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.