YouVersion Logo
Search Icon

БРОЕВИ 5

5
Закони и правила во логорот
1Господ му рече на Мојсеја: 2„Нареди им на Израелевите синови да ги отстранат од логорот: секој лепрозен, секој што има излив и секој што ќе се онечисти со мртво тело. 3Отстранете ги и машките и женските! Истерајте ги надвор од живеалиштето, за да не ги онечистат своите логори, во кои престојувам Јас меѓу нив.“ 4Израелевите синови направија така: ги истераа од логорот. Како што Господ му нареди на Мојсеја, така и направија Израелците.
5Господ му рече на Мојсеја: 6„Кажи им на Израелците: ‘Кога некој маж или некоја жена направи некаков грев против човек, и кога преку тоа направи престап против Господа, и е виновен, 7нека го признае сторениот грев, нека ја надомести штетата колку што може подобро и уште нека додаде петина кон тоа и нека му го даде на оној, кому му згрешил. 8Ако човекот нема поблизок роднина, кому може да му биде вратен надоместокот, тоа нека Му го посветат на Господа, тоа нека биде за свештеникот, покрај овенот за очистување со кого тој ќе го очисти. 9И секој принос од сите свети нешта, што Израелците му ги донесуваат на свештеникот, му припаѓаат нему. 10Од секој човек посветените работи да бидат негови; и нека на свештеникот му припаѓа она што некој му го дава нему.’“
Закон за љубомора
11Господ му рече на Мојсеја: 12„Зборувај им на Израелевите синови и речи им: ‘Ако некоја жена тргне по грешен пат и ако го изневери мажот си; 13и ако некој легне со неа, а тоа остане скриено за очите на мажот ѝ; а жената остане неоткриена иако се онечистила, па нема сведок против неа, зашто не била фатена во делото - 14и ако сега духот на љубомората го опфати мажот и тој стане љубоморен на својата жена која се онечистила; или ако му дојде духот на љубомората и стане љубоморен на својата жена, а таа не се онечистила - 15мажот нека ја доведе својата жена при свештеникот. Нека донесе принос за неа: една десетина ефа јачменово брашно. Нека не полива врз него масло ниту да става темјан врз него, зашто тоа е приносница за љубомора, спомен-принос, за да потсетува на беззаконието.’
16‘Свештеникот нека ја поведе таа жена и нека ја постави пред Господа. 17Сега свештеникот нека земе света вода во глинен сад и - откако ќе земе прав што е на подот на Шаторот, свештеникот нека го фрли во водата. 18Откако свештеникот ќе ја постави жената пред Господа, нека ѝ ја открие главата, а во нејзините раце нека го стави спомен-приносот, односно, приносот за љубомора, а свештеникот нека ја држи во раката горчливата вода, што носи проклетство. 19Потоа свештеникот нека ја заколне жената. Нека ѝ рече: „Ако никогаш маж не лежал со тебе и ако не си одела по страничен пат и не си се онечистила додека си била под власта на мажа си, биди поштедена од оваа горчлива вода што носи проклетство! 20Но ако си му изневерила на мажа си и ако некој маж, освен твојот сопруг, легнал со тебе…“ 21Тогаш свештеникот нека ја заколне жената, нека ѝ рече: „Господ да те постави за проклетство и за клетва среде твојот народ; да ти стори да ти овене родницата и да ти се подуе утробата! 22Оваа вода на проклетството нека навлезе во твојата утроба! Да ти се подуе утробата од неа, а родницата да ти овене!“ А жената нека рече: „Амин! Амин!“
23‘Потоа свештеникот нека ги напише тие проклетства на книжен свиток па нека ги измие во горчлива вода. 24Тогаш нека ја напие онаа жена со горчливата вода што носи проклетство, за да се разлее низ неа горчливата вода и за да ја наполни со горчливост. 25Тогаш свештеникот нека го земе од женината рака лебниот принос за љубомора, нека го принесе пред Господа како подвижна жртва и нека ја донесе на жртвеникот. 26Откако ќе заграби полн грст од лебниот принос за спомен, нека го изгори тоа во жртвеникот. Најпосле, нека ја напие жената со водата. 27Откако ќе ја напие со водата, ако биде онечистена, со изневерување на мажа си, водата на проклетството ќе влезе во неа и ќе ја наполни со горчливост; нејзината утроба ќе се подуе, а родницата ќе овене - таа жена ќе стане проклетство во својот народ. 28Но ако жената не е онечстена и е чиста, тогаш ќе остане неповредена и ќе зачнува.’
29‘Тоа е закон за љубомора, кога жената ќе му изневери на својот маж и кога ќе се онечисти. 30Или кога дух на ревност ќе го опфати некој маж па ќе стане љубоморен на својата жена. Тогаш нека ја постави својата жена пред Господа, а свештеникот нека го исполни сиот овој закон. 31Мажот нека биде слободен од вината, а жената нека го носи своето беззаконие.’“

Currently Selected:

БРОЕВИ 5: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in