YouVersion Logo
Search Icon

БРОЕВИ 35

35
Градови дадени на левити. Четириесет и осум градови со нивни полиња
1Господ му рече на Мојсеја, во Моавските Полиња кај Јордан, спроти Ерихон: 2„Нареди им на Израелевите синови да им отстапат на левитите - од наследството што го имаат - градови каде ќе живеат, и пасишта околу градовите. Дајте им го тоа на левитите. 3Градовите нека им бидат за живеење, а околните пасишта нека бидат за нивните говеда, за нивниот имот и за сите нивни животни. 4Пасиштата покрај градовите, што им ги отстапувате на левитите, нека зафатат од градските ѕидови надвор до илјада лакти наоколу. 5Измерете од градот надвор две илјади лакти на источната страна, две илјади лакти на јужната страна, две илјади лакти на западната страна и две илјади лакти на северната страна, така што градот да биде во средина. Тоа нека им бидат градски пасишта. 6Од градовите што ќе им ги дадете на левитите, шест ќе бидат градови-засолништа, што ќе ги отстапите за да може убиец да избега таму. Кон овие придајте уште четириесет и два града. 7Така, сите градови, што ќе им ги отстапите на левитите, ќе бидат четириесет и осум со нивните пасишта. 8А од градовите што ќе ги одвојувате од сопственоста на Израелевите синови, земете повеќе од оние, кои имаат многу, а помалку од оние, кои имаат малку.“
Градови за засолниште
9Натаму Господ му рече на Мојсеја: 10„Зборувај им на Израелевите синови и речи им: ‘Кога ќе преминете преку Јордан во Ханаанската Земја, 11определете си градови што ќе ви служат како градови-засолништа, каде може да избега убиец, кој убил некого од несакање. 12Тие градови нека ви бидат засолниште од одмаздникот, така што убиецот не треба да загине додека не застане на суд пред заедницата. 13Од градовите што ќе ги отстапите шест ќе ви бидат за засолниште. 14Доделете три града отаде Јордан, а три града во Ханаанската Земја. Тие нека бидат градови-засолништа. 15Тие шест града нека бидат за засолниште како за Израелевите синови така и за странецот и придојденикот, кои престојуваат меѓу нив, каде може да избега секој што убил некого на несакање.’
16‘Но ако некој удри некого со железен предмет па го усмрти, тогаш тоа е убиец, убиецот треба да плати со главата. 17Ако го удри со камен во раката, од кого човек може да загине и навистина загине, тоа е пак убиец, убиецот треба да плати со главата. 18Или ако го удри со некаков дрвен предмет во раката, од кого може да умре и навистина умре, и тоа е убиец, убиецот треба да плати со главата. 19Крвниот одмаздник треба сам да го погуби убиецот. Кога ќе го сретне, нека го убие. 20Натаму, ако некој го турне некого од омраза или намерно фрли нешто врз него па го убие, 21или ако го удри со раката од злоба па удрениот умре, напаѓачот треба да загине - тој е убиец. Крвниот одмаздник нека го погуби убиецот штом ќе го сретне.’
22‘Но, ако го турне случајно, не од непријателство, или ако фрли нешто на него, ама не од заседа, 23или од невнимание ако собори врз него камен од кого може да загине човек, па го убие, а не му бил непријател ниту му сакал зло - 24тогаш општеството нека пресуди меѓу убиецот и крвниот одмаздник според овие правила: 25заедницата е должна да го избави убиецот од рацете на одмаздникот за крв; тогаш општеството нека го врати во градот-засолниште каде што избегал; тој нека остане таму до смртта на велесвештеникот, кој беше помазан со свето масло. 26Но ако убиецот излезе кога и да е надвор од границите на неговиот град-засолниште, 27и крвниот одмаздник го најде надвор од границите на неговиот град-засолниште; па крвниот одмаздник го убие убиецот, тоа не му се смета за крвопролевање, 28зашто убиецот треба да остане во градот-засолниште до смртта на велесвештеникот. А по смртта на велесвештеникот може да се врати на својот имот.’
29‘Такви нека ви бидат судските постапки од поколение до поколение, секаде каде што ќе престојувате. 30За секое убиство на човек казната на смрт над убиецот може да биде извршена по доказ на сведоците. Никој не може да биде казнет со смрт по доказ само на еден сведок. 31Не смеете да примате откупнина за животот на убиецот, кој заслужил смрт: тој треба да умре. 32Ниту смеете да примате откупнина од кого и да е, кој - откако избега во својот град-засолниште - сака да се врати и да живее на своја земја пред смртта на велесвештеникот. 33Не запустувајте ја земјата во која што живеете, зашто земјата се онечистува со крвопролевање. И земјата не може да се очисти од крвта, што е пролеана на неа, освен со крвта на оној, кој ја пролеал. 34Не смеете да ја онечистувате земјата во која што живеете и среде која престојувам Јас; зашто Јас Господ живеам среде Израелевите синови.’“

Currently Selected:

БРОЕВИ 35: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in