YouVersion Logo
Search Icon

БРОЕВИ 3

3
Левити. Аронови синови
1Ова е Ароновото и Мојсеевото родословие од времето кога Господ му зборуваше на Мојсеја на Синајската Гора. 2Ова беа имињата на Ароновите синови: првороденец Надав, потоа Авиуд, Елеазар и Итамар. 3Тоа се имињата на Ароновите синови, на свештениците помазани, за свештенство на посветените. 4Но Надав и Авиуд умреа пред Господа, кога во Синајската Пустина, принесуваа непосветен оган пред Господа. Бидејќи немаа синови, затоа Елеазар и Итамар служеа како свештеници во присуство на татка си Арона.
Левитски должности
5Господ му рече на Мојсеја: 6„Повикај го Левиевото племе, нека застане пред свештеникот Арона. Нека му прислужуваат; 7нека ги исполнуваат неговите должности и должностите на целото општество пред Шаторот на средбата, и нека ја вршат работата околу Шаторот. 8Нека се грижат за сиот намештај во Шаторот на средбата, за должноста на Израелевите синови, и нека ја исполнуваат службата во Шаторот. 9Дај им ги левитите на Арона и на неговите синови. Израелците нека му ги подарат целосно. 10Постави ги Арона и неговите синови да ја исполнуваат својата свештеничка должност. А странец кој би се приближил до тоа нека биде погубен.“
11Господ му рече на Мојсеја: 12„Ете, Јас ги земам Левиевците од среде Израелците место сите првороденци - место оние кои ја отвараат мајчината утроба кај Израелевите синови. И така, Левиевците се мои! 13Имено, Мене Ми припаѓа секој првороденец. Во оној ден кога ги поразив сите првенци во Египетската Земја; си ги посветив Себеси сите првенци во Израел и од луѓето и од животните. Тие се Мои. Јас Сум Господ.“
14Господ му рече на Мојсеја во Синајската Пустина: 15„Изврши попис на Левиевите синови по нивните семејства и родови; изброј ги сите машки од еден месец и повеќе.“ 16Мојсеј ги изброја според Божјата заповед, како што му беше наредено. 17Овие беа Левиеви синови по име: Гирсон, Каат и Мерариј. 18А ова се имињата на Гирсоновите синови по нивните родови: Ливниј и Семеј. 19А Каатови синови сѐ по своите родови: Амрам, Исар, Хеврон и Озиил. 20Мерарови синови сѐ по своите родови: Малиј и Мусиј. Тоа се Левиевите родови по нивните семејства.
21Родот Ливниев и родот Семеев влечат лоза од Гирсона. Тоа се родови на Гирсоновците. 22Од нив во пописот на сите машки од еден месец нагоре беа избројани седум илјади и пет стотини. 23Родовите на Гирсоновците да ги поставуваат шаторите зад Шаторот кон запад. 24Елисаф, синот Лаилов, беше глава на семејството на Гирсоновците. 25Гирсоновците се грижеа, во Шаторот на средбата, за Шаторот и за неговиот покрив, за завесата на влезот во Шаторот на средбата; 26потоа за завесите во дворот, за завесата на влезот во дворот што е околу Шаторот и жртвеникот, за нивните јажиња и за сѐ друго што спаѓа во таа служба. 27Од Каат произлегуваат: Амрамовиот род, Исаровиот род, Хевроновиот род и Озииловиот род. Тоа се родовите на Каатовците. 28Кога беа избројани сите машки од еден месец нагоре, ги имаше осум илјади и шест стотини. Тие се грижеа за Светилиштето. 29Каатовите родови поставуваа логор од јужната страна на Шаторот. 30Елисафан, синот Озиилов, беше глава на родовите во Каатовиот дом. 31Тие се грижеа за Ковчегот, за столот, за светилникот, за жртвениците и за светиот прибор со кој се служеа и, конечно, за завесата и за сѐ што ѝ припаѓаше. 32Елеазар, синот на Арона свештеникот, беше врвен главатар на левитите, Тој вршеше надгледување над оние кои се грижеа за Светилиштето. 33Од Мерариј произлегуваа Малиевиот род и Мусиевиот род. Тоа се Мерариеви родови. 34Од нив, при пописот на сите машки од еден месец и повеќе, беа избројани шест илјади и две стотини. 35Сурил, синот Авихаилов, беше глава на родовите во Мерариевиот дом. Тие поставуваа логор на северната страна од Шаторот. 36Мерариевите синови се грижеа за даските на Шаторот, за неговите лостови, за столбовите и за неговите подножја, за сиот негов прибор и за сѐ што спаѓа во неговата служба. 37Освен тоа, за столбовите околу дворот, за нивните подножја, за колчињата и за јажињата.
38А оние што ќе ги поставуваат шаторите на предната страна, пред Шаторот на средбата на источната страна, да бидат Мојсеј, Арон и нивните синови, на кои им беше доверена служба во Светилиштето во име на Израелевите синови. Странец кој би се доближил, ќе биде погубен. 39Сите избројани од левитите од еден месец нагоре, кои Мојсеј и Арон ги избројаа, по Господова заповед, по нивните родови, беа дваесет и две илјади.
Пребројување на сите првенци од машки пол
40Господ му рече на Мојсеја: „Преброј ги сите машки израелски првороденци од еден месец нагоре па изврши попис на нивните имиња. 41И левитите додели Ми ги Мене - Јас Сум Господ - место сите израелски првенци, а левитскиот добиток место сите првородени на добитокот на Израелевите синови.“ 42Така Мојсеј ги изброја сите израелски првороденци, како што му заповеда Господ. 43Во пописот имаше дваесет и две илјади и две стотини и седумдесет и три имиња на сите машки првенци од еден месец нагоре.
44Тогаш Господ му рече на Мојсеја: 45„Земи ги левитите место сите израелски првороденци, а левитскиот добиток место нивниот добиток; левитите нека бидат Мои. Јас Сум Господ. 46А за откупнина на двеста седумдесет и три израелски првороденци, што ги има повеќе од левитите, 47земи по пет шекели на глава, земи ги според храмскиот шекел: дваесет гери - еден шекел. 48Тогаш предај им ги тие сребреници на Арона и на неговите синови за откуп на оние што се отповеќе.“ 49Така Мојсеј ги прими сребрениците како откупнина за првенците што го надминуваа бројот на оние кои беа откупени од левитите. 50Прими од Израелевите првороденци во сребро илјада триста шеесет и пет шекели според храмската мерка. 51По Господов налог Мојсеј им го предаде среброто за откуп на Арона и на неговите синови, како што Господ му нареди на Мојсеја.

Currently Selected:

БРОЕВИ 3: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in