YouVersion Logo
Search Icon

БРОЕВИ 27

27
Закон за дел на ќерки
1Тогаш пристапија ќерките на Салпад, синот Оферов, син Галадов, син Махиров, син Манасиев, од родот на Јосифовиот син Манасиј. А имињата на ќерките беа: Мала, Нуја, Егла, Мелха и Терса. 2Тие застанаа пред Мојсеја, пред свештеникот Елеазар, пред главатарите и пред сето општество при влезот во Шаторот на средбата па рекоа: 3„Нашиот татко умре во пустината. Не ѝ припаѓаше на дружината што се побуни против Господа на Кореевата дружина - туку умре заради својот сопствен грев. Немаше синови. 4Зошто да исчезне името на нашиот татко од неговиот род? Бидејќи немаше син, дај ни наследство меѓу браќата на нашиот татко!“
5Мојсеј го изнесе нивното дело пред Господа. 6А Господ му рече на Мојсеја: 7„Салпадовите ќерки зборуваат право. Секако треба да им дадеш недвижен имот што ќе биде нивно наследство меѓу браќата на нивниот татко. 8Натаму, кажи им на Израелевите синови: ‘Кога ќе умре некој човек а нема син, пренесете го неговото наследство на неговата ќерка. 9Ако нема ни ќерка, предајте го наследството на неговите браќа. 10Ако нема ни браќа, предајте го неговото наследство на браќата на неговиот татко. 11Ако татко му нема браќа, дајте му го неговото наследство на најблискиот роднина од неговиот род: нека ја земе тој во сопственост. Тоа нека им биде законска одредба на Израелевите синови, како што Господ му заповеда на Мојсеја.“
12Господ му рече на Мојсеја: 13„Искачи се на онаа гора - Аварим и разгледај ја земјата што им ја давам на Израелевите синови. А кога ќе ја разгледаш, ќе им се придружиш и ти на своите предци, како што им се придружи и твојот брат Арон. 14Зашто при побуната на општеството во пустината Цин ѝ се спротививте на Мојата уста, место да ја покажете, со водата, Мојата светост во нивните очи.“ (Тоа се водите на Мерива кај Кадис во пустината Цин). 15А Мојсеј Му проговори на Господа вака: 16„Господ, Бог на духовите на секое тело, нека постави човек над ова општество, 17кој ќе излегува пред него, кој ќе врви пред него, кој ќе го изведува и воведува, така што Господовата заедница да не биде како стадо што нема пастир.“ 18„Земи го Исуса, синот Навинов!“ - Господ му рече на Мојсеја. „Тоа е човек во кого има Дух. Положи ја твојата рака на него! 19Тогаш одведи го пред свештеникот Елеазар и пред целото општество, па дај му наредба пред нивните очи! 20Предај му дел од твојата власт, за да го слуша целото општество на Израелевите синови. 21И нека му се обратува на свештеникот Елеазар и нека го праша него за одлуките, со посредство на Урим пред Господа. На негова заповед нека излегуваат и на негова заповед нека влегуваат: тој и сите Израелеви синови со него, и целото општество.“ 22Мојсеј направи како што Господ му заповеда: го зеде Исуса па го постави пред свештеникот Елеазар и пред целата заедница. 23Потоа ги положи своите раце на него и му ги даде заповедите, како што Господ заповеда преку Мојсеја.

Currently Selected:

БРОЕВИ 27: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in