YouVersion Logo
Search Icon

БРОЕВИ 11

11
Гревови на Израел
1И народот почна да мрмори злобно во Господовите уши. Кога Господ го чу тоа, пламна со гнев. Господов оган избувна среде нив и изгоре еден крај на логорот. 2Народот извика кон Мојсеја, а Мојсеј Му се помоли на Господа, и огнот стивна. 3Тоа место го нарекоа Тавера, зашто Господов оган пламна на нив таму.
4Придојдениците среде нив ги опфати лакомство за јадење. А и Израелците пак почнаа да се поплакуваат, велејќи: „Кој ќе нѐ насити со месо! 5Си спомнуваме како јадевме бесплатно во Египет: риби, краставици, дињи, праз, кромид и лук. 6Сега нашиот живот венее, нема ништо пред нашите очи освен мана.“
7Маната беше како коријандрово семе и слична на боја од вделиј. 8Народот одеше наоколу, ја собираше, а потоа ја мелеше со рачници или ја толчеше во толчник. Ја вареше во грнче и правеше колачиња од неа. Вкусот ѝ беше како вкус на колачиња зготвени со масло. 9Кога, ноќе, росата се спушташе во логорот, со неа се спушташе и маната.
Жал и молитва на Мојсеја
10Мојсеј слушаше како народот се поплакува во своите семејства, секој при влезот на својот шатор. Господовиот гнев пламна жестоко, и Мојсеј се нажали: 11„Зошто го измачуваш Твојот слуга? - Мојсеј Му упати слово на Господа. Зошто не добив милост во Твоите очи, кога врз мене го стави теретот за сиот овој народ? 12Зар од мене произлегува сиот овој народ? Зар јас го родив, кога ми велиш: ‘Носи го во твоето крило, како што доилката го носи доилчето,’ во земјата што со заклетва им ја вети на нивните татковци! 13Откаде кај мене месо за да му го дадам на сиот овој народ, што плаче околу мене, велејќи: ‘Дај ни месо да јадеме!’ 14Јас самиот не можам да го носам сиот овој народ. Претешко е тоа за мене. 15Ако и понатаму постапуваш вака со мене, подобро убиј ме; ако најдов милост во Твоите очи, за да не ја гледам повеќе својата беда.“
Божји одговор на Мојсеја
16Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Собери ми седумдесет мажи меѓу Израелевите старешини, за кои знаеш дека се народни старешини и негови надгледувачи. Доведи ги во Шаторот на средбата, па нека ги заземат таму своите места со тебе. 17Јас ќе слезам и таму ќе зборувам со тебе; ќе земам од духот што е на тебе и ќе го ставам на нив. Така, со тебе, ќе го носат бремето на народот, за да не го носиш сам. 18Натаму, кажи му на народот: ‘Очистете се за утре, и ќе јадете месо, зашто плачевте во Господовите уши, говорејќи: „Кој ќе нѐ насити со месо? Ни беше добро во Египет.“ И така, Господ ќе ви даде месо да јадете. 19Нема да го јадете само еден ден, ни пет дена, ни десет дена, ни дваесет денови; 20туку цел месец, сѐ додека не ви избие низ носалките и не ви се згади, зашто Го отфрливте Господа Кој е среде вас, мрморејќи пред Него со зборовите: „Зошто воопшто излеговме од Египет?!“‘„ 21„Народот во кој се наоѓам - одговори Мојсеј - има шест стотини илјади пешаци, а Ти велиш: ‘Ќе им дадам месо да јадат цел месец.’ 22Може ли да биде исклан целиот ситен и крупен добиток за да им биде доволно? Можат ли да се соберат сите риби од морето за да им биде доста?“ 23Господ му рече на Мојсеја: „Зар Господовата рака е толку кратка? Сега ќе видиш дали ќе се збидне Моето слово или не.“
24Мојсеј излезе и му ги кажа на народот Господовите зборови, и собра седумдесет мажи од народните старешини и ги смести околу Шаторот. 25Господ слезе во облак и почна да зборува со нив. Потоа зеде од Духот што беше на него и го стави на оние седумдесет старешини. Кога Духот дојде на нив, почнаа да пророкуваат, но тоа не го повторија уште еднаш.
26Двајца останаа во логорот. На едниот името му беше Елдад, а на другиот Модад. Духот слезе и на нив - беа и тие меѓу запишаните, иако не дојдоа при Шаторот - тие почнаа да пророкуваат во логорот. 27Некој младец отрча и му јави на Мојсеја: „Елдад и Модад - рече - пророкуваат во логорот!“ 28Исус, синот Навинов, кој му прислужуваше на Мојсеја од својата младост, прозбори и рече: „Мојсеј, мој господару, замолкни ги!“ 29Мојсеј му одговори: „Зар завидуваш заради мене! Ох, кога сиот Господов народ би станал пророк! Кога Господ би Го излеал Својот Дух на нив!“ 30Потоа Мојсеј и Израелевите старешини се вратија во логорот.
Потполошки и гибел од помор
31Тогаш Господ заповеда па задува ветер и донесе потполошки од морето и ги расфрла околу логорот, на ден одење и од оваа и од онаа страна на логорот, и два лакти над земјата. 32Народот стана и собираше потполошки целиот ден, целата ноќ и целиот утрешен ден. Оној кој собра најмалку од нив имаше десет гомори. Потоа ги простреа околу логорот. 33Месото уште беше меѓу нивните заби - уште не го сожвакаа - кога пламна Господовиот гнев против народот: Господ го удри народот со страшен помор. 34Она место беше наречено Киврот Атава (Гробница на Лакомост), зашто таму ги закопаа оние што се полакомија. 35Од Киврот Атава народот се запати во Асирот; и се настанија во Асирот.

Currently Selected:

БРОЕВИ 11: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in