YouVersion Logo
Search Icon

НЕЕМИЈА 4

4
2. Противдејство
а. Сплетки на Санавалат и Товиј
1Кога Санавалат чу дека го градиме ѕидот, се налути. Беше многу гневен, ги исмејуваше Евреите, 2и викаше пред своите браќа и пред самариската војска: „Што преземаат овие бедни Евреи? Имаат ли намера можеби да поправат, да жртвуваат и да свршат сѐ во еден ден? Зар од купот прав ќе го извикаат во живот изгореното камење?“ 3Амонецот Товиј, кој беше покрај него, рече: „Само нека градат! Но ако се искачи лисица, ќе им ги разурне камените ѕидови“ 4„Чуј, о Боже наш, како нѐ презираат! Сврти ги нивните хули на нивната глава. Предај ги како плен во земјата на ропството. 5Не ги покривај нивните беззаконија, и нивниот грев нека не биде избришан пред Твоето лице, зашто им се потсмеваа на градителите.“
6Така го градевме ѕидот, кој наскоро беше завршен до половина височина. Народот имаше воодушевување за работата. 7Кога Санавалат, Товиј, Арабјаните, Амонците и Азотците чуја дека напредува поправањето на ерусалимските ѕидови - зашто почнаа да се затвораат распукнатините - многу се разгневија. 8Сите заедно се заколнаа дека ќе го нападнат Ерусалим и дека ќе ни пречат. 9Ние тогаш го повикавме нашиот Бог и поставувавме дневна и ноќна стража, за да го заштитиме градот.
10Но Јудејците зборуваа: „Силите на носачите им се намалија, а урнатините се многу: не ќе стигнеме никогаш да го изградиме ѕидот!“ 11А нашите непријатели рекоа: „Ќе се вовлечеме меѓу нив, пред да дознаат и да нѐ забележат: тогаш ќе ги погубиме и така ќе го осуетиме потфатот!“ 12А кога ќе дојдеа Јудејците, кои живеат покрај нив, по десетпати нѐ опоменуваа: „Идат против вас да ве нападнат од сите места во кои престојуваат!“ 13Се поставивме во низините, зад ѕидот и на голинките; го распоредив народот по родови, со мечеви, копја и лакови. 14Кога видов како се плашат, станав и им го јавив на големците, на првенците и на другиот народ ова: „Не бојте се од овие луѓе! Мислете на Господа, голем и страшен, и борете се за своите браќа, за синовите и за своите ќерки, за своите жени и за своите куќи!“
15Кога нашите непријатели научија дека сме известени и дека Бог ги осуети нивните замисли, можевме да се вратиме кон ѕидот, секој на својата работа. 16Но од тој ден само половина од моите момчиња ја вршеа работата, а другите држеа копја, штитови, лакови и оклопи, а главатарите стоеја зад Јудиниот Дом, 17кои го градеа ѕидот. И носачите на товарот држеа оружје: со едната рака секој ја вршеше својата работа, а оружјето му беше во другата. 18Секој од градителите додека работеше, носеше меч припашан на половината. Трубачот стоеше покрај мене. 19Им реков на благородниците, на првенците и на другиот народ: „Работата е голема и обемна, а ние сме распрснати по ѕидот, далеку едни од други: 20соберете се околу нас на местото каде ќе го чуете гласот на трубата, а нашиот Бог ќе се бори за нас“.
21Така ја вршевме работата од рани зори до првите ѕвезди. Половината беше вооружена со копја. 22Во тоа време уште му реков на народот: „Секој, со својот слуга, нека ноќева во Ерусалим: по ред ќе стражариме ноќе, а ќе работиме дење“. 23Ни јас, ни моите браќа, ни моите момчиња, ни стражарите, кои ме придружуваа, не ги соблекувавме своите облеки, секој го држеше при рака своето оружје.

Currently Selected:

НЕЕМИЈА 4: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in