YouVersion Logo
Search Icon

ПЛАЧ 2

2
ВТОРИ ПЛАЧ - РАЗУРНУВАЊЕ НА ЕРУСАЛИМ
2:1-22
А. Господов суд
1Како со мрак ја покри Господ во Својот гнев Сионската Ќерка. Од небо на земја ја фрли Израелевата слава! И не си спомна за Своето подножје во денот на Својот гнев! 2Господ ги сотре без милост сите Јаковови живеалишта, во Својот гнев ги разурна тврдините на Јудината ќерка; со земјата ги срамни и ги проколна царството и неговите кнезови. 3Во Својот распламтен гнев ја скрши сета Израелева сила, ја повлече Својата десница пред непријателот; во Јакова раздува огнен пламен што изгорува сѐ наоколу. 4Го оптегна лакот како непријател, ја испружи десницата како враг, убивајќи сѐ што беше мило за очите. Врз шаторот на Сионската ќерка го истури како оган Својот разјарен гнев. 5Господ беше како непријател: го истреби Израел, ги разурна неговите дворци, ги сруши неговите тврдини, и ги намножи на Јудината ќерка воздивнувањата и ридањето. 6Му ја разурна сеницата како на градина, му го разруши местото на состанокот. Господ ги фрли во заборав прославите и саботите на Сион; во Својот гнев ги презре царот и свештеникот. 7Господ го отфрли Својот жртвеник, Му се згади Неговото Светилиште. Во рацете на непријателот ги предаде своите ѕидови и дворци. Бучеа во Господовиот Дом како на празничен ден. 8Господ науми да ги разурне ѕидовите на Сионската Ќерка. Го оптегна јажето за мерење, не ја задржа раката од рушење. Предните ѕидови и ѕидовите, ги завитка во тага: 9Нивната врата пропадна во земјата, тој им ги скрши бравите; царот и кнезовите се меѓу народите, нема Закон! Ни кај пророците веќе не се наоѓаат Господовите виденија. 10Старешините на Сионската Ќерка седат на земја и молчат, ја посипуваат главата со прав, препашуваат вреќишта. Кон земјата ги наведнуваат главите Ерусалимските Ќерки. 11Ми истекоа очите од солзи, мојата утроба се растрепери, црниот дроб ми се истури на земја заради сломот на ќерката на мојот народ, зашто децата и доенчињата умираат по раскрсниците на градот. 12Им зборуваат на своите мајки: „Каде се лебот и виното?“ Додека умираат како ранети по раскрсниците на градот, додека ја испуштаат својата душа на градите на своите мајки. 13Со што да те споредам? На кого личиш, Ерусалимска Ќерко? Со кого да те споредам, како да те утешам, девице, Сионска Ќерко? Зашто твојата несреќа е неизмерлива како морето. Кој ќе те исцели?
Б. Лажни пророци на Сион
14Виденијата на твоите пророци беа измама и лага, тие не го открија твоето беззаконие за да те одвратат од заточението, те измамуваат со привиди, лажни и измамливи. 15Над тебе плескаат со рацете сите, кои поминуваат по патот, свират со устата и вртат со главата заради ерусалимската ќерка: „Дали е тоа градот прочуен по убавина, радост за сиот свет?“ 16Против тебе ја отворуваат устата сите твои непријатели, свиркаат, чкртаат со забите и велат: „Ја изедовме! Тоа е ден по кој копнееме, го доживеавме, го видовме!“ 17Господ ја исполни Својата замисла, го одржа Својот збор, кој го нареди во дамнешни денови: те разурна немилостиво. Непријателот ликува заради тебе, твојот противник го подигна својот рог. 18Викај кон Господа со сиот глас, ридај Сионска ќерко! Твоите солзи нека течат како поток дење и ноќе. Не си давај починка себеси, зеницата на твоето око нека не се одмори. 19Стани, викај ноќе при секоја смена на стражата. Излеј го своето срце како вода пред Господовото лице, подигај ги рацете кон Него и барај милост за своите нејаки дечиња, кои умираат од глад по аглите на улиците. 20Погледај, Господи, и види кому му го направи тоа. Зар жените да го јадат својот пород, децата што ги лулеат во прегратка? Зар требаа да бидат исклани во Господовото Светилиште свештениците и пророците? 21Во уличниот прав лежат: деца и старци; моите девици и моите момчиња паднаа од меч. Ти ги погуби во денот на Својот гнев, ти ги искла немилостиво. 22Ти како на свечен ден, ги повика од сите страни моите ужаси. Во денот на Господовиот гнев никој не преживеа, никој не се спаси. Тие кои што ги лулеав и што ги одгледав, мојот непријател ги истреби сите.

Currently Selected:

ПЛАЧ 2: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in