YouVersion Logo
Search Icon

ЈОИЛ 1

1
БОЖЈИ СУД И ПОВИК КОН ПОКАЈАНИЕ
1:1-2:27
А. Натпис и вовед
1Словото Господово дојде до Јоила, синот Фатуилов. 2Чујте го ова, старци, послушајте, сите жители на земјата! Дали некогаш било нешто вакво во вашите денови или во деновите на вашите татковци? 3Речете им го ова на вашите синови, вашите синови на своите синови, а нивните синови на идното колено.
Б. Опис на штети од гасеници и скакулци
4Што остави гасеницата, го изеде скакулецот, што остави скакулецот, го изеде црвецот, што остави црвецот, го дојаде бубачката. 5Разбудете се, пијаници, и плачете! Сите винопијачи, тажете по ново вино: зашто ви е земено од устата. 6Зашто мојата земја ја прекри силен и безброен народ; забите му се како лавски заби, катниците како во лавица. 7Ми ја запусти виновата лоза и ги искрши моите смокви, ги олупи и ги расфрла, гранките им побелеа. 8Плачете како девици облечени во вреќиште по својот вереник. 9Ги снема лебните приноси и налевницата од Господовиот Дом. Тажат свештениците, Господовите слуги. 10Полето е запустено, земјата е ограбена. Житото е ограбено, виното пропадна, маслото пресуши. 11Засрамете се, земјоделци, плачете лозари, за пченицата и за јачменот, зашто пропадна полската жетва. 12Лозата се исуши, смоквата овена, калинката, палмата и јаболкниците: секое полско дрво се исуши. Затоа радоста ја снема меѓу човечките синови.
В. Повик кон пост и молитва
13Свештеници, препашете вреќиште и плачете! Службеници на жртвеникот, тажете! Дојдете, преноќевајте во вреќиште, служители на мојот Бог! Зашто од Домот на нашиот Бог ги снема лебниот принос и налевницата! 14Одредете осветен пост, прогласете свечен собир; старешини, соберете ги, сите жители на земјата во куќата на Господа, вашиот Бог. Извикајте кон Господа:
Г. Запустување на земјата - преобраз на Господов ден
15О каков ден! Зашто Господовиот ден е близу и доаѓа како гибел од Сѐвишниот. 16Не исчезна ли храната пред нашите очи? Нели ги снема веселбата и радоста од Домот на нашиот Бог? 17Зрната се изгниени под грутките; пусти се житниците, срушени се спремите, зашто снема жито. 18Како воздивнува добитокот! Здивени стада говеда, скитаат, зашто им нема пасиште. Па и стада овци ја поднесуваат казната. 19Кон Тебе, Господи, викам? Зашто огнот ги спали пустинските пасишта, пламенот ги изгоре сите полски дрва. 20Па и полските дрва копнеат по Тебе, зашто потоците пресушија, огнот ги спали пустинските пасишта.

Currently Selected:

ЈОИЛ 1: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in