YouVersion Logo
Search Icon

ЈОВАН 9

9
Исцелување на слепороден
1И кога заминуваше виде човек слеп од раѓање. 2И Неговите ученици Го прашаа: „Рави, кој згрешил, тој или неговите роди-тели, та се родил слеп?“ 3Исус одговори: „Не згрешил ни тој, ниту неговите родители, туку за да се пројават Божјите дела врз него. 4Ние треба да ги извршуваме делата на Оној, Кој Ме прати, додека е ден; доаѓа ноќ, кога никој не ќе може да работи. 5Додека Сум во светот, Светлина Сум на светот.“ 6Штом го рече тоа, плукна на земјата, направи кал со плунката и со неа ги намачка неговите очи, 7и му рече: „Оди, изми се во бањата Силоам; што значи: „Пратен“. Тој отиде, се изми и дојде прогледан. 8А соседите и оние, кои го гледаа порано како просјак, велеа:
„Зар не е овој, кој седеше и просеше?“ 9Едни велеа: „Тој е;“ други велеа: „Не, а личи на него.“ Тој велеше: „Јас сум!“ 10Тогаш му рекоа: „Како ти се отворија очи-те?“ 11Тој одговори: „Човекот, Кој се вика Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: „Оди во Силоамската бања и измиј се; јас отидов, се измив и прогледав.“ 12Му рекоа: „Каде е Тој?“ Рече: „Не знам.“
13Го одведоа некогашниот слепец при фарисеите. 14А беше сабота, кога Исус направи кал и му ги отвори очите. 15Тогаш пак го пра-шаа и фарисеите - како прогледал! Тој им рече: „Ми стави кал на очите, се измив и гледам.“ 16Тогаш некои од фарисеите рекоа: „Овој Човек не е од Бога, не ја празнува саботата.“ Други говореа: „Како може грешен човек да прави такви чудеса?“ И настана раздор меѓу нив. 17Тогаш пак му рекоа на слепиот: „Што велиш ти за Оној, Кој ти ги отвори очите?“ А тој рече: „Пророк е!“ 18Но Јудејците не поверуваа дека бил слеп и дека прогледал, додека не ги повикаа родителите на оној, кој прогледал, 19и ги прашаа, велејќи: „Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп? Како гледа сега?“ 20Неговите родители одго-ворија: „Знаеме дека овој е нашиот син, и дека се роди слеп; 21а како гледа сега, не знаеме; или - кој му ги отвори очите - ние не знаеме. Прашајте го него, тој е возрасен, самиот нека зборува за себе.“ 22Ова го рекоа неговите родители, зашто се боеја од Јудејците; бидејќи Јудејците се беа согласиле да биде исклучен од синагогата оној, кој ќе Го признае дека е Христос. 23Заради тоа неговите родители рекоа: „Возрасен е! Прашајте го него!“
24Тогаш повторно го повикаа човекот, кој беше слеп и му рекоа: „Прослави Го Бога! Ние знаеме дека Тој Човек е грешник.“ 25А тој им одговори: „Дали е грешник - не знам; едно знам, дека бев слеп, а сега гледам.“ 26Тогаш му рекоа пак: „Што ти стори? Како ти ги отвори очите?“ 27Им одговори: „Веќе ви реков, и не чувте; што сакате да чуете повторно? Да не сакате и вие да Му станете ученици?“ 28Тие го укорија и рекоа: „Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици. 29Ние знаеме дека Бог му говорел на Мојсеја; а од каде е Овој, не знаеме.“ 30Човекот им одговори и рече: „Тоа е чудното, што вие не знаете од каде е, а ги отвори моите очи. 31Знаеме дека Бог не слуша греш-ници, туку, ако е некој богобојазлив и ја врши Неговата волја, него го слуша. 32Откако е веков не се чуло некој да отворил очи на слепороден; 33ако Тој не беше од Бога, не би можел да направи ништо.“ 34Му одговорија и рекоа: „Ти сиот си роден во гревови, и ти ќе нѐ учиш нас?“ И го истераа надвор.
Фарисеите духовно слепи
35Исус чу дека го истерале надвор, го најде и му рече: „Веруваш ли ти во Синот Божји?“ 36Тој одговори и рече: „А Кој е Тој, Господине, за да верувам во Него?“ 37Исус му рече: „Си Го видел, Кој зборува со тебе - Тој е.“ 38А тој рече: „Верувам Господи“, и Му се поклони. 39То-гаш Исус рече: „Јас дојдов на овој свет за суд, а да прогледаат кои не гледаат и за да ослепат кои гле-даат.„ 40Некои од фарисеите, кои беа со Него, го чуја тоа и Му рекоа: „Да не сме и ние слепи?“ 41Исус им рече: „Да бевте слепи, немаше да имате грев; но сега велите: ‘Гледаме;’ затоа гревот ви останува.“

Currently Selected:

ЈОВАН 9: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in