YouVersion Logo
Search Icon

ЕРЕМИЈА 41

41
2. Погубување на Годолиј
1Во седмиот месец, дојде Исмаило, синот Нетаниин, син Елисаминов, од царски род, со десет луѓе и го побара Годолија, синот Ахикамов, во Миспа. И додека таму во Миспа, се гостеа заедно, 2се крена Исмаило, синот Нетаниин, со своите десетмина, и со меч го погубија Годолиј, синот Ахикамов. И така го уби човекот, кого вавилонскиот цар го беше поставил над земјата. 3А и сите Јудејци кои што беа со него во Миспа, и Халдејците, војници што се најдоа таму - Исмаило нареди да ги погубат.
4Утреден, откако беше убиен Годолиј, додека уште никој не знаеше што се случи, 5дојдоа луѓе од Сихем, од Сило и од Самарија, осумдесетмина, со избричени бради, искинати облеки и со зарези по телото, носејќи во рацете приноси и темјан, за да ги принесат во Господовиот Дом. 6Исмаило, синот Нетаниин, им излезе од Миспа во пресрет, додека тие, плачејќи одеа по својот пат. Кога ги стигна, им рече: „Дојдете кај Годолиј, синот Ахикамов!“ 7А кога стигнаа среде градот, Исмаило, синот Нетаниин, и неговите луѓе ги заклаа и ги фрлија во јама. 8А меѓу нив имаше десет луѓе кои што му рекоа на Исмаило: „Не нѐ убивај, зашто имаме во полињата закопани одвишоци пченица, јачмен, масло и мед.“ Тој тогаш се откажа и не ги уби со нивните браќа.
9А водособиралиштето во кое Исмаило ги фрли сите тела на погубените луѓе, големото водособиралиште, беше тоа истото што царот Аса го имаше направено против Васа, израелскиот цар. И сега, Исмаило, синот Нетаниин, го наполна со убиени луѓе. 10Тогаш Исмаило го одведе остатокот на народот од Миспа, заедно со царските ќерки, кои што Невузардан, заповедник на телохранителите, му ги довери на Годолиј, синот Ахикамов: во самите мугри тргна Исмаило, синот Нетаниин, и се запати да ја помине земјата на Амоновите синови.
11Но кога Јоанан, синот Кариов, и сите воени заповедници што беа со него, научија за сите злостори што ги имаше направено Исмаило, синот Нетаниин, 12ги зедоа сите свои војници те тргнаа во бој против Исмаило, синот Нетаниин. Го најдоа покрај големата вода во Гаваон. 13Штом оние луѓе кои што беа кај Исмаило го здогледаа Јоанан, синот Кариов, и сите воени заповедници, кои беа со него, се зарадуваа, 14и сиот народ што Исмаило го одведе од Миспа се заврте и потрча кон Јоанана, синот Кариов. 15Но Исмаило, синот Нетаниин, со осум луѓе избега од Јоанана и отиде кај Амоновите синови. 16Тогаш Јоанан, синот Кариов, и сите воени заповедници кои беа со него, го зедоа останатиот народ што Исмаило, синот Нетаниин, откако го уби Годолиј, синот Ахикамов, го доведе од Миспа: мажите, жените и децата, и дворјаните, кои ги доведе од Гаваон. 17Тргнаа, а кај Химамовата Гостилница, што е покрај Витлеем, тие се одморуваа за да можат да го продолжат патот и да стигнат во Египет, 18што подалеку од Халдејците, од кои се плашеа: зашто Исмаило, синот Нетаниин, го уби Годолија, синот Ахикамов, кого што вавилонскиот цар го имаше поставено за намесник во земјата.

Currently Selected:

ЕРЕМИЈА 41: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in