YouVersion Logo
Search Icon

ЕРЕМИЈА 39

39
7. Заземање на Ерусалим. Судбина на Седекија и Еремија
1Во деветтата година на царот Седекија, јудејскиот цар, во десеттиот месец, Навуходоносор, вавилонскиот цар, тргна со сета војска против Ерусалим, та го опсади. 2Во единаесеттата година на царот Седекија, во четвртиот месец, во деветтиот ден на месецот, навлегоа во градот. 3Сите војсководачи на вавилонскиот цар влегоа па се сместија кај Средната Врата: Нергал Сар-Есер, кнезот Сам-Гарневон, Сар-Сехим, врховен заповедник, Нергал Сар-Есер, висок достоинственик, и сите други војсководачи на вавилонскиот цар.
4Кога ги видоа Седекија, јудејскиот цар, и сите негови воини, почнаа да бегаат преку Царската Градина низ вратата меѓу два ѕида, ноќе излегоа од градот и тргнаа кон долината Араба. 5Но халдејските чети ги гонеа и го настигнаа Седекија во Ерихонските Полиња. Го фатија, го одведоа во Ривла, во Ематската Земја, пред Навуходоносора, вавилонскиот цар, кој му изрече пресуда. 6И вавилонскиот цар даде во Ривла, пред очите на царот Седекија, да ги заколат неговите деца. А вавилонскиот цар даде да бидат погубени и сите јудејски првенци. 7На Седекија му ги ископа очите, го стави во окови за да го одведе во Вавилон.
8Халдејците ги запалија царскиот дворец и куќите на народот и ги разурнаа ерусалимските ѕидови. 9Остатокот од населението што остана во градот, бегалците што му се предадоа и сиот друг народ ги отера во ропство во Вавилон - Невузардан, заповедникот на телесната стража. 10А од бедниот народ што немаше ништо, Невузардан, заповедникот на телохранителите, остави некои во Јудејската Земја и им раздели лозја и ниви.
11За Еремија Навуходоносор, вавилонскиот цар, му заповеда на Невузардан, на заповедникот на телесната стража: 12„Земи го, и твоето око нека бдее над него. Не прави му никакво зло, туку постапувај со него како што тој ќе посака.“ 13Тогаш Невузардан, заповедникот на телесната стража, Невусазван, висок достоинственик, Нергал Сар-Есер, врховен заповедник, и сите војсководачи на вавилонскиот цар, 14испратија луѓе за да го изведат Еремија од темничкиот двор, и му го предадоа на Годолиј, син Ахикамов, син Сафанов, за да го одведат дома. И така тој остана меѓу народот.
15Додека Еремија беше затворен во темничкиот двор, му дојде Господово слово: 16„Отиди и речи му на Етиопецот Авде-Мелех: ‘Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: „Еве, ќе направам да се исполнат Моите зборови против овој град, за несреќа, не за негово спасение. И кога во оној ден пред твоите очи се обистинат, 17Јас ќе те спасам во оној ден - говори Господ - и не ќе бидеш предаден во рацете на луѓето пред кои што трепериш, 18зашто Јас ќе те спасам навистина, па нема да загинеш од меч, туку ќе го добиеш животот како корист, зашто се надеваше во Мене - говори Господ.’“

Currently Selected:

ЕРЕМИЈА 39: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in