YouVersion Logo
Search Icon

ЕРЕМИЈА 37

37
5. Еремија во темница
1После Хониј, синот Јоакимов, се зацари Седекија, синот Јосиин. Навуходоносор, вавилонскиот цар, го постави за цар во Јудејската Земја. 2Ама ни тој ни неговите слуги ни народот на земјата не ги слушаа зборовите, што Господ ги зборуваше преку устата на пророкот Еремија.
3Царот Седекија ги испрати Јеухал, синот Селемиин, и свештеникот Софониј, синот Масиин, кај пророкот Еремија со порака: „Дај, помоли Му се за нас на Господа, нашиот Бог!“ 4Во она време Еремија уште одеше меѓу народот, и уште не го имаа фрлено во темница. 5А фараоновата војска навлегуваше од Египет: откако го чуја тоа, Халдејците, кои го опсадуваа Ерусалим, се оддалечија од градот. 6Тогаш Господовото слово му се јави на пророкот Еремија: 7„Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘На јудејскиот цар, кој ве испрати кај мене да ме прашате, речете му вака: „Еве, фараоновата војска, што ви доаѓа на помош, ќе се врати во својата земја, Египет. 8Халдејците пак ќе го нападнат овој град, ќе го освојат и ќе го спалат.“‘ 9Господ зборува вака: ‘Не занесувајте се со мислата: „Халдејците ќе си одат од нас,“ зашто тие не ќе си отидат! 10Па и да ја разгромите сета халдејска војска што се бори против вас, така што од неа да останат само ранетите, тие пак, секој од својот шатор, ќе станат за да го уништат со пожар овој град.’“
11Кога халдејската војска заради фараоновата војска требаше да ја прекрати опсадата на Ерусалим, 12и Еремија сакаше да замине од Ерусалим и да отиде во Венијаминовата Земја та таму да добие дел од роднините. 13Ама кога стигнаа до Венијаминовата Врата, таму беше заповедник на стражата Ереј, синот на Ананиевиот син Селемиј. Тој го застана пророкот Еремија, извикувајќи: „Ти сакаш да пребегаш кај Халдејците!“ Еремија одговори: 14„Не е вистина, не сакам да пребегам кај Халдејците!“ Ама и не слушајќи го Еремија, Ереј го фати и го одведе при кнезовите. 15Достоинствениците му се налутија на Еремија, та го натепаа и го затворија во куќата на писарот Јонатан, што ја беа претвориле во темница.
16Така Еремија се најде во јама со свод над неа. Таму Еремија остана многу време. 17Тогаш царот Седекија испрати по него. И насамо, во дворецот, царот го праша: „Има ли слово од Господа?“ А на тоа Еремија рече: „Секако!“ И додаде: „Ќе бидеш предаден во рацете на вавилонскиот цар!“ 18Тогаш Еремија му рече на Седекија: „Што ви скривив тебе, на твоите слуги и на овој народ, та ме фрливте во темница? 19Каде се сега вашите пророци што ви прорекоа: ‘Вавилонскиот цар нема да удри на вас ни на оваа земја?’ 20А сега, ајде, чуј ме господару мој и цару, послушај ја мојата молба! Немој да ме вратат пак во куќата на писарот Јонатан, за да не умрам таму!“ 21Тогаш царот Седекија нареди, и го одведоа Еремија во темничкиот двор, та му даваа секој ден парче леб од Пекарската улица, се додека не потснема леб во градот. И така Еремија остана во темничкиот двор.

Currently Selected:

ЕРЕМИЈА 37: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in