YouVersion Logo
Search Icon

ЕРЕМИЈА 34

34
ПРОРОШТВА ВО ВРЕМЕ НА РАЗУРНУВАЊЕ НА ЕРУСАЛИМ
34:1-45:5
А. Судир меѓу Еремија и јудејски цареви
1. Предупредување на цар Седекија
1Слово што Господ му го упати на Еремија кога Навуходоносор, вавилонскиот цар, и сета негова војска, и сите царства под негова власт, и сите народи нападнаа на Ерусалим и на сите негови градови: 2„Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Оди и зборувај со Седекија, јудејскиот цар, и речи му: „Господ зборува вака: ‘Еве, го предавам овој град во рацете на вавилонскиот цар за да го изгори тој со оган. 3Ни ти нема да ѝ избегаш на неговата рака. Да, ќе бидеш фатен и ќе те предадат во неговите раце: очи во очи ќе го гледаш вавилонскиот цар, уста во уста тој ќе зборува со тебе, и ќе бидеш одведен во Вавилон.’“‘ 4Но чуј го Господовото слово, Седекија, јудејски цару! Господ ти го порачува ова: ‘Не ќе загинеш од меч, 5ќе умреш во мир! И како што твоите татковци, твоите претходни цареви, ги покадија, и тебе ќе те покадат и ќе тажат по тебе: „Леле, Господару!“‘ Јас ти го зборувам тоа“ - говори Господ.
6И пророкот Еремија му ги предаде сите овие зборови на Седекија, јудејскиот цар во Ерусалим, 7додека војската на вавилонскиот цар напаѓаше на Ерусалим и на останатите Јудини градови - на Лахис и на Азика, зашто само тие останаа од утврдените јудејски градови.
2. Ослободување на робови
8Словото што Господ му го упати на Еремија, откако царот Седекија склучи сојуз со сиот ерусалимски народ за да им прогласи слобода, 9така што секој да го пушти на слобода својот роб, Евреин и својата робинка, Еврејка, та веќе кај никого да нема Евреин, негов брат, како роб. 10И сите првенци и сиот народ што влегоа во овој сојуз се согласија та секој ги пушти на слобода својот роб и својата робинка за да не им робуваат веќе. И така, се согласија и ги пуштија. 11А потоа се завртија и ги зедоа пак своите робови и робинки, што ги беа ослободиле, па ги присилија пак да им робуваат. 12Тогаш Господ му упати слово на Еремија, зборувајќи: 13„Вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Јас склучив Завет со вашите татковци во денот кога ги изведов од Египет, од земјата на ропството, говорејќи: 14„По седум години секој од вас нека го пушти на слобода својот брат Евреин, кој што му се продал и му служел шест години како роб.“ Ама вашите татковци не Ме послушаа и не сакаа да Ме чујат. 15А вие се обративте и направивте што е право во Моите очи, прогласувајќи ја слободата за секој свој ближен, и пред Мене склучивте сојуз во Домот што се вика со Моето Име. 16А потоа се завртивте и го обесветивте Моето Име, зашто секој од вас пак го зеде својот роб и робинката, што веќе ги бевте ослободиле, и повторно ги присиливте да ви робуваат.’ 17Затоа вака зборува Господ: ‘Вие не Ме послушавте за да му прогласите слобода на својот собрат и на ближниот. И затоа, еве, Јас им прогласувам против вас слобода - говори Господ - на мечот, на поморот и на гладот, и ќе ве направам страшило за сите царства на земјата. 18А со луѓето што го раскинаа Мојот Завет и не го исполнија Заветот ветен пред Моето лице, ќе постапам како со телето што го пресеков надве та поминаа меѓу тие две половини. 19Кнезовите на Јудеја и на Ерусалим, дворјаните, свештениците и сиот народ на земјата што поминаа меѓу половините на телето 20ќе ги предадам во рацете на непријателите што им работат спроти главата, а нивните трупови ќе им бидат храна на небесните птици и на земните ѕверови. 21Седекија, јудејскиот цар, и неговите кнезови ќе ги предадам во рацете на непријателите што им работат спроти главата, и во рацете на војската на вавилонскиот цар, што се повлече од вас. 22Еве, Јас ќе им заповедам - говори Господ - и ќе ги вратам против овој град, и ќе нападнат на него, ќе го освојат и ќе го изгорат со оган. А јудејските градови ќе ги претворам во ненаселена пустина.’“

Currently Selected:

ЕРЕМИЈА 34: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in