YouVersion Logo
Search Icon

ЕРЕМИЈА 32

32
2. Славна обнова на Израел по враќање од ропство
а. Купување на нива во Анатот - знак на обнова
1Словото што Господ му го упати на Еремија во десеттата година на Седекија, јудејскиот цар, односно во осумнаесеттата година на Навуходоносор. 2Во тоа време војската на вавилонскиот цар го опседнуваше Ерусалим, а пророкот Еремија беше затворен во темничкиот двор во дворецот на јудејскиот цар. 3Седекија јудејскиот цар, го беше затворил таму, приговорувајќи му: „Зошто пророкуваше: ‘Господ зборува вака! „Ете, ќе го предадам овој град во рацете на вавилонскиот цар за да го освои; 4а Седекија, јудејскиот цар, не ќе ѝ избега на халдејската сила, туку ќе биде предаден во рацете на вавилонскиот цар - ќе разговара со него уста во уста, ќе го види очи во очи. 5Ќе го одведе Седекија во Вавилон и таму ќе остане додека не го посетам - говори Господ! И ако се борите против Халдејците, нема да успеете!“‘“
6Тогаш Еремија рече: „Ми дојде Господово слово: 7‘Скоро ќе дојде кај тебе Анамеил, синот на твојот стрико Салум, за да ти каже: „Купи ја мојата нива во Анатот; ти имаш роднинско право за да ја купиш!“‘ 8Како што навести Господ, кај мене дојде синот на мојот стрико Анамеил во темничкиот двор и ми рече: ‘Де, купи ја мојата нива во Анатот, зашто ти имаш право на сопственост и роднинско право за да ја купиш! Купи ја!’ И така научив дека тоа беше Господов збор. 9И така, ја купив таа нива од синот на мојот стрико Анамеил од Анатот та му измерив во платежно средство седумдесет сикли сребро. 10Напишав договор, удрив печат, повикав сведоци и го измерив среброто на мерилката. 11Потоа го зедов купувачкиот договор, запечатен според прописот, според уредбите, 12му го предадов купувачкиот договор на Варух, синот Масиев син Нирин. Присутни беа: мојот братучед од стрико Анамеил, сведоците што го потпишаа купопродажниот договор и сите Јудејци, кои се најдоа во темничкиот двор. 13Тогаш пред нив му заповедав на Варух: 14‘Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог!“ Земи ги овие исправи, купувачкиот договор, запечатениот и отворениот, и стави ги во глинен сад, за да се запазат долго.“ 15Зашто вака говори Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: „Уште ќе се купуваат во оваа земја и куќи и ниви и лозја!“‘
б. Еремиева молитва
16Откако му го предадов купувачкиот договор на Нириниот син Варух, Му се помолив на Господа: 17‘О, Господи, Господи! Ти ги создаде небото и земјата со голема сила, со подигната рака! Тебе ништо не Ти е невозможно! 18На илјадници им искажуваш милост, а вината на татковците ја одмаздуваш врз децата, врз нивните потомци. Велик и силен Боже, Кому Името е Господ над Војските! 19Велик си во Своите замисли, силен во Своите дела! Твоите очи бдеат над сите човечки патишта, за да му платиш секому според неговиот пат и според плодот на неговите дела! 20Ти Кој што правеше знаци и чудеса во Египетската Земја и во Израел, и меѓу сите луѓе сѐ до денес. 21Ти го изведе Својот народ Израелски од Египетската Земја со знаци и чудеса, со силна рака и со подигната мишка, со големи стравотии. 22Потоа им ја даде сета оваа земја што со заклетва им ја вети на нивните татковци, земја во која течат мед и млеко. 23И тие ја зазедоа; ама не го слушаа Твојот глас, ниту одеа по патот на Твојот Закон. Не направија ништо од она што им заповеда Ти; затоа ги повика врз нив сите овие неволји. 24Ете, насипите му се приближија веќе на градот, и ќе биде освоен, и градот ќе падне во рацете на Халдејците кои се нафрлаат врз него со меч, глад и помор. Со што се закануваше, еве доаѓа. И Самиот гледаш. 25А Ти, Господи Господи мој, ми рече: „Купи нива за сребреници и повикај сведоци,“ а градот е веќе предаден во рацете на Халдејците!’“
26Тогаш ми дојде Господово слово: 27„Ете, Јас Сум Господ, Бог на секое тело! Мене ништо не Ми е невозможно!“ 28Затоа - говори Господ - го предавам овој град во рацете на Халдејците и во рацете на вавилонскиот цар, кој ќе го заземе. 29Во него ќе влезат Халдејците, кои се борат против овој град, ќе го уништат со оган и ќе го изгорат заедно со куќите, на чии покриви му палеа темјан на Ваала и им лееја налевници на туѓите богови, разгневувајќи Ме Мене. 30Зашто Израелевите синови и Јудините синови од младост прават само зло пред Моите очи. Навистина, Израелевите синови без прекратување Ме гневат со делата на своите раце - говори Господ. 31Навистина, овој град само Ми е за гнев и расрденост откако е изграден па до денешниот ден, та треба да го отстранам од пред Своето лице 32заради сето беззаконие што го направија Израелевите синови и Јудините синови, разгневувајќи Ме - тие и нивните цареви, кнезови и свештеници и пророци, Јудејците и Ерусалимците. 33Ми ги свртија плеќите, а не своето лице, иако се трудев неуморно да ги поучам, ама не Ме слушаа ниту ја примија Мојата наука. 34Поставија грозотии во Домот, што е наречен со Моето Име, за да го обесветат. 35Му подигнаа високи места на Ваала во Долината Бен Еном, и своите синови и ќерки му ги поминуваа низ оган на Молоха - што Јас никогаш не им заповедав; ни на ум не Ми падна да прават такви гадости, ниту би го пуштил Јуда во таков грев.
36Сепак, вака зборува Господ, Израелевиот Бог, за тој град за кого што вие велите дека ќе падне од меч, од глад и од помор, во рацете на вавилонскиот цар: 37‘Еве, Јас ќе ги соберам од сите земји во кои ги протерав - во Својот гнев и јарост - и ќе ги вратам на ова место за да живеат тука спокојно. 38И тие ќе бидат Мој народ, а Јас ќе бидам нивни Бог. 39И ќе им дадам едно срце и еден пат, за да се бојат од Мене во сите дни, за своја среќа и за среќата на своите деца. 40И ќе склучам со нив вечен Завет, никогаш веќе не ќе се одвратам од нив и секогаш ќе им правам добро; ќе им го посадам во срцето Својот страв, за да не се одметнат никогаш веќе од Мене. 41И ќе се радувам правејќи им добро; и цврсто ќе ги засадам во оваа земја, со сето Свое срце и со сета Своја душа.’
42Зашто Господ зборува вака: ‘Како што врз овој народ ја доведов сета оваа страшна несреќа, така врз нив ќе ја доведам сета среќа што им ја ветив. 43Да, пак ќе се купуваат ниви во оваа земја за која што вие велите: „Ова е пустина, без човек и без животинче, предадена на милост и немилост на Халдејците!“ 44Нивите ќе се купуваат за сребреници, ќе се пишуваат и ќе се запечатуваат купопродажни договори, ќе бидат повикувани сведоци во Венијаминовата Земја и во околината на Ерусалим. Во Јудините градови и во градовите на Горјето, на Шефел, на Негев, зашто ќе ја изменам нивната судбина’ - говори Господ.“

Currently Selected:

ЕРЕМИЈА 32: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in