YouVersion Logo
Search Icon

ИСАИЈА 7

7
КНИГА ЗА ЕМАНУЕЛ
7:1-12:6
А. Емануел отфрлен од мудроста на овој свет
1. Гибелен сојуз на Ресин со Факеј
1Во деновите на јудејскиот цар Ахаз, синот Јотамов, синот Озиев, сирискиот цар Ресин и израелскиот цар Факеј, синот Ремалиин, завојуваа против Ерусалим, но не можеа да го заземат. 2Тогаш му соопштија на Давидовиот дом: „Сиријците се настанија во Ефрем.“ На таа вест се растреперија царевото срце и срцето на целиот народ, како што во гората растреперуваат стеблата од ветерот.
2. Божји одговор во полза на Неговиот народ
3И Господ му рече на Исаија: „Излези му во пресрет на Ахаз, ти и твојот син Сеар Јасув, до крајот на водоводот на горниот рибник покрај патот за Бељарово Поле. 4Речи му: ‘Внимавај, смири се, не бој се, и нека не ти примира срцето, од овие две чадливи гламничиња, од распалениот бес на сирискиот Ресин, и на Ремалииновиот син, 5зашто Арам, Ефрем и синот Ремалиин ја смислија твојата пропаст. 6„Да тргнеме, рекоа, против Јудеја, да ја уплашиме и да ја освоиме, за да го зацариме во неа синот Тавеилов.“ 7‘Вака зборува Господ Бог: „Тоа нема да се случи, тоа не ќе биде! 8Дамаск е глава на Сиријците, а Ресин е глава на Дамаск; уште шеесет и пет години, и Ефрем, разурнат, веќе нема да биде народ. 9Самарија е глава на Ефремците, а Ремалиј е глава на Самарија. Ако не се потпрете на Мене не ќе се одржите.“‘“
3. Голем знак: Емануел, Син на Девица
10Господ му проговори пак на Ахаз и му рече: 11„Побарај од Господа, својот Бог, знак за себе од длабочината на Подземјето или од височините горе.“ 12Но Ахаз одговори: „Не, не сакам да барам и не сакам да Го искушувам Господа.“ 13Тогаш Исаија рече: „Чујте, Давидов доме, зар ви е малку да им додевате на луѓето, па и на мојот Бог Му додевате! 14Затоа, Господ Сам ќе ви даде знак: Еве, девица ќе зачне и ќе роди син, и ќе му даде име Емануел! 15Тој ќе се храни со млеко и мед, додека не се научи да го отфрла злото и да го избира доброто. 16Зашто, пред младенецот да научи да го отфрла злото и да го избира доброто, земјата ќе опусти, заради која трепериш, од две царства. 17Против тебе и против твојот народ и против куќата на татка ти, Господ ќе донесе денови какви не биле откога Ефрем се оддели од Јуда, - асирскиот цар.“
18Во оној ден, Господ ќе им даде знак на мувите на вливот на египетските реки, и на пчелите во Асирската Земја, 19да дојдат и да слетаат по стрмните долови, по расцепените карпи, по сите трништа и по сите пасишта. 20Во оној ден, ќе ги избричи со брич наемен од онаа страна на Еуфрат - со асирскиот цар - косата од главата, влакната од нозете и брадата од образите. 21Во оној ден, секој ќе храни по една крава и по две овци, 22и од изобилството на млекото што ќе му го дадат ќе се храни со маст; ќе се хранат со маст и мед сите што ќе останат во земјата. 23Во онај ден, секаде каде имаше илјада копачки, што вредеа илјада сребреници, ќе изникнат глогинки и трње. 24Онаму ќе тргнуваат со стрела и лак, зашто целата земја ќе обрасте со глогинки и трње. 25А по сите гори каде се копаше со мотика веќе никој не ќе оди, страшејќи се од трњето и глогинките: таму ќе пасат говеда и ќе газат овци.

Currently Selected:

ИСАИЈА 7: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in