ИСАИЈА 64
64
г. Молитва за помош против пагански народи
1О, да ги раскинеш небесата и да слезеш, за да им го јавиш Своето Име на непријателите: ридовите би се треселе пред Твоето лице, народите би трепереле пред Тебе, 2како кога огнот ќе ги запали сувите гранки и прави да зоврие водата! 3Правејќи стравотии, нечекани дела, слегуваше, и брдата се тресеа пред Тебе! 4Не се чу одвека, ниедно уво не чу, ниедно око не виде, да им направи некој бог, освен Тебе, такво нешто на оние кои се надеваат во Него.
д. Покајување за грев
5Им помагаш на оние кои радосно ја вршат правдата и си спомнуваат за Тебе на Твоите патишта; Те разгневивме, згрешивме, се одметнавме од Тебе. 6Така сите станавме нечисти, а сета наша правда како извалкани облеки. Сите ние отпаднавме како лисја и нашите беззаконија нѐ однесуваат како ветер. 7Нема никој да го повика Твоето Име, да се разбуди и да се потпре на Тебе. Зашто го скри Своето лице од нас и нѐ предаде во рацете на нашите злостори.
ѓ. Повик за проштавање и за обнова
8Па сепак, наш Татко си, о Господи: ние сме глина, а Ти си нашиот Грнчар - сите ние сме дело на Твоите раце. 9Не гневи се, Господи, многу жестоко, не спомнувај си непрекратно за нашата кривица. Де погледај - па сите ние сме Твој народ! 10Запустија Твоите свети градови, Сион стана пустина, и Ерусалим запустеност. 11Домот, нашата светина и нашата слава, во кој Те славеа нашите татковци, изгоре во оган, и сите скапоцености ни се ограбени. 12Зар на сѐ тоа ќе се воздржуваш, Господи, зар ќе молчиш и ќе нѐ натажуваш премногу?
Currently Selected:
ИСАИЈА 64: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.