ХАБАКУК 2
2
1Ќе застанам на својата стража, ќе се поставам на кулата, ќе внимавам да видам, што ќе ми рече Тој, и што да одговорам на мојот укор.
ВТОР БОЖЈИ ОДГОВОР: ХАЛДЕЈЦИТЕ ОСТРО ЌЕ БИДАТ КАЗНЕТИ: ПЕТ ПРОКЛЕТСТВА
2:2-20
А. Лакомост на Халдеја
2Тогаш Господ ми одговори и рече: „Запиши го видението, врежи го врз плочки, та поминувачот да го чита лесно.“ 3Зашто видението е сепак за определеното време: брза кон исполнувањето, и нема да излаже; па, и ако се забави, чекај го, зашто навистина тоа ќе дојде и не ќе се забави. 4Ете: на горделивиот, душата не му е праведна, а праведникот ќе живее преку својата вера. 5Виното навистина го измамува и горделивиот, и не може да се одмори, оној, кој го отвора грлото како Подземје, кој е ненаситен како смртта, кој ги собира за себе сите народи, кој ги збира за себе сите племиња. 6Зар сите не ќе искажат изрека за него, потсмев и гатанка ќе пеат против него? Ќе речат: ‘Тешко му на оној, кој го умножува она, што не е негово! - и до кога ќе се натрупува со залози?’ 7Не ќе ли станат наеднаш твоите заемодавачи, не ќе ли се разбудат оние кои собираат од тебе? Тогаш ќе им бидеш плен! 8Зашто ограби многу народи, сиот остаток од луѓето ќе те ограби тебе, поради човечката крв, и насилството извршено над земјата, над градот и сите негови жители.
Б. Жестокост на Халдеја
9Тешко му на оној, кој придобива неправедна печалба за својата куќа, за да го постави гнездото си на високо, и да се избави од раката на злото. 10Си смислил срам за својата куќа уништувајќи многу племиња, и си згрешил против себе. 11Зашто од самите ѕидови каменот вика, а гредата од дрвата му одговара. 12Тешко му на оној, кој гради град со крв и ја засновува тврдината врз неправда! 13Ете, не е ли тоа од Господ над Воинствата, за да се трудат народите само за оган, за да се изморуваат народите за ништо? 14Зашто земјата ќе се наполни со знаењето на Господовата слава, како што водите го покриваат морето. 15Тешко му на оној, кој го наведува ближниот на пиење, турува отров додека тој пие, за да ја набљудува неговата разголеност! 16Ти си се наситил со срам место со слава; само пиј и покажувај го срамот на своето необрезание. Чашата на Господовата десница ќе донесе срам на твојата слава. 17Насилството над Ливан ќе те покрие тебе; и истребувањето на ѕверовите ќе ги исплаши, поради човечката крв, и насилството извршено над земјата, над градот и сите негови жители.
В. Идолопоклонство на Халдеја
18За што ползува делканиот лик, та уметникот да го делка? За што леаниот лик, учителот на лага, та неговиот творец да се доверува на делото свое, обликувајќи неми идоли? 19Тешко му на оној, кој вели на дел од дрво: ‘Разбуди се!’ На немиот камен: ‘Стани!’ Тој ли ќе поучува? Ете, тој е опточен и со злато и со сребро, но никаков здив нема во него. 20Но Господ е во Својот свет храм: сета земја нека замолчи пред Него!“
Currently Selected:
ХАБАКУК 2: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.