БИТИЕ 29
29
Јаков и Лаван
1Јаков го продолжи патувањето и дојде во Источната Земја. 2Одеднаш забележа кладенец во полето. Три стада овци се одмараа околу него, зашто се напојуваа од кладенецот. Голем камен се наоѓаше врз кладенецот. 3Единствено кога ќе се собереа сите сточари таму, можеа да го поместат каменот од отворот и да ги напојат овците, потоа пак го ставаа каменот на неговото место, врз отворот на кладенецот.
4„Од каде сте, браќа мои?“ ги праша Јаков. „Од Харан“, одговорија. 5„Дали го познавате - ги праша натаму - Нахоровиот син Лаван?“ „Го познаваме“, одговорија. 6„Дали е здрав?“, пак ги праша. „Здрав е; и ете, доаѓа неговата ќерка Рахила со стадото“, одговорија. 7„Уште е многу рано - продолжи тој - не е време за прибирање на добитокот. Зошто не го напојувате и не го отерате на пасење?“ 8„Не можеме додека не се соберат сите овчари - одговорија - да го отстранат каменот од отворот на кладенецот, така да можеме да ги напоиме овците.“
9Додека тој уште зборуваше со нив, дојде Рахила со овците на татка си. Имено, беше овчарка. 10Кога Јаков ја здогледа Рахила, ќерката на Лавана, брат ѝ на мајка му, со стадото на вујка му Лавана, Јаков се доближи и го измести каменот од отворот на кладенецот и го напои стадото на вујкото Лаван. 11Потоа ја пољуби Рахила, а тогаш заплака. 12И Јаков ѝ кажа на Рахила дека тој е внук од сестра на татка ѝ, син Ревекин. Таа се растрча и му соопшти на татка си. 13Кога Лаван ја чу веста за Јакова, за синот на својата сестра, му истрча во пресрет. Го прегрна и го пољуби, па го доведе во својот дом. Му раскажа на Лавана сѐ што му се случи. 14А тогаш Лаван рече: „Навистина, ти си моја коска и мое месо!“ И Јаков живееше кај него цел месец.
Јаков се жени со Лија и Рахила
15Лаван му рече: „Зар ќе ми служиш бесплатно, зашто си ми внук од сестра! Кажи ми колку ќе бараш за наем?“ 16А Лаван имаше две ќерки. На повозрасната името ѝ беше Лија, а на помладата Рахила. 17Лија имаше слаби очи, а Рахила беше складна и убава на лице. 18Бидејќи Јаков се вљуби во Рахила, рече: „Ќе ти служам седум години за твојата помлада ќерка Рахила.“ 19Лаван одговори: „Подобро да ти ја дадам тебе, отколку на некој туѓинец. Остани со мене!“ 20Така Јаков служеше, за Рахила, седум години, ама му се видоа, заради љубовта кон неа, како неколку дни.
21Потоа Јаков му рече на Лавана: „Дај ми ја мојата жена, зашто моето време се исполни, па сакам да влезам при неа.“ 22Лаван ги собра сите луѓе од местото и им даде гозба. 23Но вечерта ја зеде својата ќерка Лија и неа ја воведе кај Јакова, и тој ѝ пријде. 24Лаван ѝ ја даде својата слугинка Зелфа на ќерка си Лија за слугинка. 25Кога бидна утро, а тоа, ете, Лија! Тогаш Јаков му рече на Лавана: „Зошто ми стори така! Зар не ти служев јас за Рахила? Зошто ме измами?“ 26Лаван одговори: „Во нашето место не е обичај помладата да се омажи пред повозрасната. 27Заврши ја со неа свадбенава седмица, а тогаш ќе ти ја дадам и втората, за уште седум години служба при мене.“ Јаков се согласи: ја сврши свадбената седмица. 28Тогаш Лаван му ја даде и ќерка си Рахила за жена. 29Лаван ѝ ја даде својата слугинка Вала на ќерка си Рахила за слугинка. 30Тогаш Јаков ѝ пристапи на Рахила. Ја љубеше Рахила повеќе отколку Лија. И така му служеше на Лавана уште седум години.
Јаковови деца
31Господ виде дека Лија не е љубена, па ја направи плодна, додека Рахила остана неротка. 32Лија зачна и роди син; му го даде името Рувим, а тоа значи, како што протолкува таа: „Господ ја виде мојата неволја и затоа сега мојот маж ќе ме љуби.“ 33Пак зачна и роди син, па изјави: „Господ чу дека не сум љубена, затоа ми го даде и овој, и го нарече Симеон.“ 34Пак зачна и роди син, па изјави: „Сега мојот маж ќе се приврзе кон мене: му родив три сина.“ Затоа го нарекоа со името Левиј. 35А кога зачна уште еднаш и роди син, изјави: „Ќе го фалам Господа овој пат.“ Затоа на синот му даде име Јуда. И прекрати да раѓа.
Currently Selected:
БИТИЕ 29: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.