YouVersion Logo
Search Icon

БИТИЕ 20

20
1Оттаму Авраам тргна кон краиштата на Негев и се настани меѓу Кадис и Сур. Додека престојуваше како придојденец во Герар, 2Авраам рече за својата жена Сáра дека му е сестра. И Авимелех, герарскиот цар, ја зеде Сáра при себе. 3Но Бог дојде при Авимелеха ноќе, на сон, и му рече: „Треба да умреш заради жената која ја зеде, зашто таа е омажена жена.“ 4А Авимелех не ѝ се беше приближил. Затоа рече: „Господи, зар ќе погубиш праведник? 5Зар тој не ми рече: ‘Таа ми е сестра.’ А таа сама ми рече: ‘Тој ми е брат.’ Ова го сторив со чиста совест и со иеизвалкани раце“ 6Бог му одговори на сон: „Знам дека тоа го стори со чиста совест; и Јас те задржав да не згрешиш против Мене; и не оставив да се допреш до неа. 7Сега врати му ја жената на човекот; тој е пророк; ќе моли за тебе, за да останеш во живот. Ако не ја вратиш, знај дека ќе умреш, ти и сите твои.“
Авраамова молитва за Авимелех
8Рано наутро Авимелех стана, ги свика сите свои слуги и им кажа сѐ што беше, и луѓето се исплашија многу. 9Потоа Авимелех го повика Авраама и му рече: „Што ни стори! Со што згрешив јас кон тебе, за да ме изложиш мене, и моето царство, на голем грев? Се однесе кон мене како што не чини. 10И така, што имаше на ум - го праша Авимелех - кога правеше така?“ 11Авраам одговори: „Навистина сметав дека нема Божји страв во ова место и дека луѓето ќе ме убијат заради мојата жена. 12Освен тоа, таа е навистина моја сестра: ќерка е на татка ми, иако не и на мајка ми, па ми стана жена. 13А кога Бог ме оддалечи од татковиот дом, ѝ реков: „Направи ми ја оваа услуга; каде и да дојдеме, кажи за мене дека сум ти брат.“ 14Авимелех зеде овци и говеда, слуги и слугинки и му ги даде на Авраама; му ја врати и жена му Сáра. 15Потоа Авимелех рече: „Еве, мојата земја ти е отворена. Насели се каде што ќе ти се види за добро!“ 16А на Сáра ѝ рече: „Еве илјада сребреници, што ги давам на твојот брат: нека ти биде превез пред очите на сите кои се со тебе. Ти си секако оправдана.“ 17Авраам му се помоли на Бога, и Бог ги исцели Авимелеха, неговата жена и неговите слугинки, така што пак можеа да раѓаат. 18Зашто Господ ја затвори секоја утроба, во Авимелеховиот дом, заради Авраамовата жена Сáра.

Currently Selected:

БИТИЕ 20: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in