YouVersion Logo
Search Icon

ЕЗЕКИЕЛ 47

47
З. Нова Света Земја
1. Поток од под Храм
1Потоа ме одведе назад кон вратата на Домот. И ете: вода извираше под прагот на Домот, кон исток - зашто лицето на Домот беше кон исток - и водата истечуваше под десната страна на Домот, јужно од жртвеникот. 2Потоа ме изведе низ северната врата и ме помина наоколу по надворешниот пат кон надворешната врата што гледа кон исток. И ете, водата извираше од десната страна. 3Човекот тргна кон исток со јаже во раката, измери илјада лакти и ме помина преку водата, а водата ми стигнуваше до глуждовите. 4Таму пак измери илјада лакти и ме помина преку водата, а водата беше до колена. И пак измери илјада лакти и ме помина преку водата што беше до појасот. 5Пак измери илјада лакти, ама таму беше поток што не можев да го поминам, зашто водата придојде та требаше да се плива: тоа беше поток што не можеше да се помине. 6И ме праша: „Гледаш ли човечки сине?“ И ме одведе назад, на брегот на потокот. 7И кога се вратив, ете, на брегот имаше многу дрва на обете страни. 8И ми рече: „Оваа вода тече во источниот крај, се спушта во Арабах и тече во морето; а кога ќе се влее во морето, водите ќе му оздрават. 9И каде и да потече потокот, секое суштество што се движи ќе биде живо; и ќе има мошне многу риби, зашто каде и да дојде оваа вода, сѐ оздравува и оживува - каде и да протече овој поток. 10И рибарите ќе рибарат вдолж морето: Од Ен Гад до Ен Еглаим ќе се сушат мрежи; и ќе има мошне многу секакви риби како во Големото Море. 11А мочуриштето на она море и неговите бари не ќе оздрават: ќе бидат за сол. 12Вдолж потокот на обете страни ќе растат секакви овошки: лисјата нема да им паѓаат и од нив нема да снемува плод; секој месец ќе раѓаат нов плод, зашто водата им дотечува од Светилиштето. Нивниот плод ќе биде за јадење, а лисјата за лек.“
2. Граница на земја
13Господ Бог зборува вака: „Ова се границите во кои ќе ја поделите земјата во наследство меѓу дванаесетте Израелеви племиња - на Јосифа два дела. Секому од вас ќе му припадне еднакво од земјата за која се заколнав дека ќе им ја дадам на вашите татковци, а вам ќе ви припадне во наследство.
15И така, овие се границите на земјата: на север, од Големото Море патем кон Етлон до влезот во Емат: Седад, 16Вирот, Сивраим, меѓу областа на Дамаск и областа на Емат, и Асад Атихон, кон Авранската граница. 17И така, границите ќе се тегнат од морето до Асар Атихон, кому на север му е Дамасканското и Ематското подрачје - северната страна. 18Источната страна: меѓу Авран и Дамаск, меѓу Галад и Израелевата Земја, па до Јордан како граница кон Источното Море до Тамар - источната страна.
19Јужната страна: кон југ од Тамара до Меривските Води и до Кадис па до потокот кон Големото Море - јужната страна, кон југ.
20А западната страна: граница е Големото Море, па во близина до влезот во Емат - тоа е западната страна. 21Таа земја разделете ја меѓу себе според Израелевите племиња. 22Ќе ја поделите со жрепка во наследство меѓу себе и меѓу придојдениците, кои што живеат сред вас и што сред вас народија деца. И нив ќе ги сметате домородци меѓу Израелевите синови, за да добијат и тие наследство со жрепка меѓу Израелевите синови. 23На секој тој придојденик доделете му наследство во племето во кое што живее“ - говори Господ Бог.

Currently Selected:

ЕЗЕКИЕЛ 47: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in