YouVersion Logo
Search Icon

ЕЗЕКИЕЛ 13

13
2. Лажни пророци и пророчици
а. Пророштво за лажни пророци
1И пак ми дојде Господово слово: 2“Човечки сине! Пророкувај против оние што се прават пророци во Израел! 3Речи им на тие пророци што пророкуваат според својата глава: ‘Чујте го Господовото слово! Господ Бог зборува вака: „Тешко им на безумните пророци кои што го следат својот дух, а ништо не гледаат! 4Тие твои пророци Израелу, се како лисици меѓу урнатини. 5Вие не се искачивте на проломите и не ѕидавте ѕид околу Израелевиот дом, за да се одржи во борба во Господовиот ден. 6Нивните привиди се суетни, и лажни се нивните пророкувања. Зборуваат: ‘Господово слово!’ - а Господ не ги испратил. И уште чекаат дека ќе им се исполнат зборовите. 7Зар не гледате дека виденијата ви се празни и дека ви се лажни пророкувањата кога велите: ‘Господово слово!’ - а Јас не зборував.“
8Затоа Господ, Господ, зборува вака: „Затоа што зборувате суетно и гледате лага, еве Ме против вас - зборува Господ Бог! 9Еве Ме, Мојата рака ќе биде против пророците што гледаат суетно и што пророкуваат лага: не ќе бидат веќе во собирот на Мојот народ, не ќе бидат запишани во книгата на Израелевиот дом, никогаш веќе не ќе стапат на Израелева почва! И ќе знаат дека Јас Сум, Господ Бог. 10Зошто го измамуваат Мојот народ велејќи: ‘Мир’, кога мир нема. И додека едните одат за да се зацврсти ѕидот, тие сакаат само да се намачка со вар. 11Речи им на оние кои што сакаат само да се намачка: ‘Ќе падне! Ќе удри силен поројник, ќе фрлам на него град како камења, ќе беснеат буроносни виори. 12Еве, ѕидот ќе падне! Не ќе ли ве прашаат тогаш: Каде е сега варта со која го измачкавте?’“ 13Затоа Господ, Господ, зборува вака: „Во Својата јарост ќе ги разбеснам буроносните виори, во Својата расрденост ќе го удрам со силен пороен дожд за да го затрам; во гнев ќе фрлам врз него град како камења. 14Ќе го разурнам ѕидот што вие го варосавте со вар, ќе го урнам на земја, за да му се разголат основите. Ѕидот ќе падне, и вие ќе загинете под него! Тогаш ќе знаете дека Јас Сум Господ! Така ќе го излеам Својот гнев над ѕидот и над оние што го варосаа со вар. А вам ќе ви речам: ‘Нема веќе ѕид! Ги нема оние што го намачкаа со вар. 16Ги нема израелевите пророци кои што му пророкуваа на Ерусалим и кои што му навестуваа мир кога немаше мир.’“ Така зборува Господ Бог.
б. Пророштво за лажни пророчици
17“Човечки сине, сврти го своето лице против ќерките на својот народ, кои што пророкуваат според својата глава! Пророкувај против нив: 18’Господ, Господ, зборува вака: „Тешко им на оние што везат везови за сечии раце и што прават покривки за глави од секоја големина, за да уловат души! Мислите ли да ги уловите сите души на Мојот народ, а своите души да ги запазите живи? 19Ми ја одземате честа пред Мојот народ за грст јачмен, за залак леб, убивајќи ги душите што не би требале да умрат, а спасувајќи ги оние што не би требале да живеат; и така го измамувате Мојот народ што со задоволство ги слуша вашите лаги.“
20Затоа Господ Бог, зборува вака: „Еве Ме против вашите везови, со кои ги ловите душите како птици! Ќе го растргам се тоа во вашите раце и ќе ги ослободам душите што ги фаќате со тоа како птици! 21Ќе ги искинам вашите покривки и ќе го ослободам Својот народ, за да не биде веќе плен на вашите раце. И ќе знаете дека Јас Сум Господ!“‘“ 22Зашто вие со лага го ожалостивте срцето на праведникот, што Јас не сакав да го ожалостам, а ги закрепивте рацете на безбожникот, за да не се одврати од лошиот безбожнички пат, па да го спаси животот. 23Затоа веќе не ќе гледате суетно, ниту ќе пророкувате лага: Јас ќе го ослободам Својот народ од вашите раце. И ќе знаете дека Јас Сум Господ!’“

Currently Selected:

ЕЗЕКИЕЛ 13: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in