YouVersion Logo
Search Icon

ИЗЛЕЗ 8

8
Жаби во домовите
1Господ му рече пак на Мојсеја: „Оди кај фараонот и речи му: ‘Вака говори Господ: „Пушти го Мојот народ да замине и да Ми искаже почитување. 2Ако одбиеш да ги пуштиш, ќе ти ја казнам целата земја со жаби. 3Реката ќе врие со жаби. Тие ќе излезат и ќе навлезат во твојот дворец, во ложницата, во твојата постела, во куќите на твоите службеници и на твојот народ, под твоите вршници и ноќви. 4Жабите ќе скокаат на тебе, на твојот народ и на сите твои службеници.“‘„ 5Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Речи му на Арона нека ја испружи својата рака со стапот врз реките, потоците и езерцата, и направи жабите да се нафрлат на Египетската Земја.“ 6Арон ја протегна својата рака врз египетските води, и жабите излегоа и ја покрија Египетската Земја. 7Но и бајачите направија така со своето баење, па жабите се нафрлија врз Египетската Земја.
8Сега фараонот ги повика Мојсеја и Арона и рече: „Молете Го Господа да ги отстрани жабите од мене и од мојот народ, а јас ќе го пуштам народот да Му принесе жртва на Господа.“ 9Мојсеј му одговори на фараонот: „Чест нека ти е да ми одредиш кога сакаш да се молам за тебе, за твоите службеници и за твојот народ, за да се отстранат жабите од тебе и од твоите домови и да останат во Реката.“ 10„Утре,“ рече. „Нека биде како што велиш - одговори Мојсеј - да знаеш дека никој не е како Господ, нашиот Бог. 11Жабите ќе си отидат од тебе, од твоите службеници и од твојот народ; ќе останат само во Реката.“ 12Мојсеј и Арон отидоа од фараонот, а тогаш Мојсеј Го повика Господа заради жабите со кои го казни фараонот. 13И Господ го послуша Мојсеја, па жабите пцовисаа по куќите, дворовите и нивите. 14Ги собираа на купови, земјата засмрде од нив. 15Кога фараонот виде дека настапи олеснување, срцето му закораве па не ги послуша Мојсеја и Арона, како што Господ и рече.
Комарци
16Тогаш пак Господ му рече на Мојсеја: „Речи му на Арона да замавне со својот стап и да удри по правот на почвата, за да се претвори во комарци по целата Египетска Земја.“ 17И направија така: Арон замавна со раката и стапот, и удри по правот на почвата. Комарците се нафрлија врз луѓето и животните. Целиот прав на почвата се претвори во комарци по сета Египетска Земја. 18Вражалците се обидоа да создадат комарци со своето вражање, но не можеа. Луѓето и животните им станаа плен на комарците. 19Тогаш бајачите му рекоа на фараонот: „Тоа е Божји прст!“ Ама фараоновото срце беше закоравено, па не ги послуша Мојсеја и Арона, како што Господ рече.
Стршели
20Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Порани наутро, излези пред фараонот кога ќе тргне кон водата, и речи му: ‘Господ порачува вака: „Пушти го Мојот народ да замине и да Ми искаже почитување. 21Ако не го пуштиш Мојот народ, ќе пуштам стршели на тебе, на твоите службеници, на твојот народ и на твоите домови. Египетските домови и самата почва ќе се исполнат со стршели. 22Но во тој ден ќе го одделам Гесенскиот Крај, во кој живее Мојот народ, па таму нема да се појават стршели, така да знаеш дека Јас Сум Господ во средиштето на земјата. 23Ќе ја направам таа разлика меѓу Својот и твојот народ. утре ќе биде тој знак.“‘„ 24И направи Господ така. Роеви стршели долетаа во фараоновиот дворец, во домовите на неговите службеници и по целата Египетска Земја. Земјата настрада од стршели.
25Сега фараонот ги повика Мојсеја и Арона па им рече: „Отидете, принесете Му жртва на својот Бог, но во оваа земја.“ 26„Не е прилично да направиме така - одговори Мојсеј. Жртвите што ние Му ги принесуваме на Господа, се нечисти за Египетците. И така, кога би принесувале, пред нивни очи, жртви што се за Египетците нечисти, зар не ќе нѐ каменуваат? 27Затоа треба во пустината, три дни одење, па да Му принесеме жртва на Господа на својот Бог, како што ни заповеда.“ 28„Ќе ве пуштам да заминете во пустината - одговори фараонот - и да Му принесете жртва на Господа, својот Бог, ама не одите предалеку. Молете се за мене!“ 29Тогаш Мојсеј одговори: „Штом ќе излезам од кај тебе, ќе Го помолам Господа да ги снема утре стршелите од фараонот, од неговите службеници и од неговиот народ. Но фараонот нека не нѐ измамува повеќе! Нека го пушти народот да замине и да Му принесе жртва на Господа.“ 30Така Мојсеј излезе од кај фараонот и Му се помоли на Господа. 31И Господ направи како што бараше Мојсеј: ги снема стршелите од фараонот, од неговите службеници и од неговиот народ - не остана ниту еден. 32Но пак го закорави фараонот своето срце и не му одобри на народот да замине.

Currently Selected:

ИЗЛЕЗ 8: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in