ИЗЛЕЗ 3
3
1Мојсеј ги пасеше овците на деда си Јотор, мадијамски свештеник. Гонејќи го така стадото по пустината, дојде до Божјата Гора, Хорив. 2Господов ангел му се покажа во распламнат оган од една капина. Тој се загледа: целата капина во пламен, а сепак не изгорува. 3„Ајде да се доближам - рече Мојсеј - и да ја набљудувам оваа чудна глетка: зошто капината не изгорува.“ 4Кога Господ виде дека приоѓа да разгледа, Бог го повика од капината: „Мојсеј! Мојсеј!“ „Еве ме,“ се јави. 5„Не приближувај се наваму! - рече. - Собуј ги обувките од нозете! Зашто местото на кое стоиш е света земја. 6Јас Сум - продолжи - Бог на твојот татко; Бог Авраамов, Бог Исаков, Бог Јаковов.“ Мојсеј го засолна лицето: се плашеше да гледа во Бога.
7„Ги видов страдањата на својот народ во Египет - продолжи Господ - и му ја чув тужбата против неговите угнетувачи. Познати ми се неговите маки. 8Затоа слегов да го избавам од египетските раце и да го одведам во добра и пространа земја, во земја каде течат мед и млеко: во родниот крај на Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците. 9Повиците на Израелевите синови стигнаа до мене. И Самиот видов како Египетците ги угнетуваат. 10Затоа, ајде! Јас те испраќам при фараонот да го избавиш Мојот народ, Израелците, од Египет.“ 11„Кој сум јас да се запатам при фараонот - Му одговори Мојсеј на Бога - и да ги изведам Израелците од Египет!“ 12„Јас ќе бидам со тебе - продолжи. - И ова ќе биде знак дека Јас те испратив: кога ќе го изведеш народот од Египет, ќе Му искажете почитување на Бога на оваа гора.“
13Тогаш Мојсеј Му рече на Бога: „Ако отидам при Израелците и им речам: ‘Бог на вашите татковци ме испрати при вас’, и тие ме прашаат: ‘Како Му е името?’ - што ќе им одговорам?“ 14„ЈАС СУМ, КОЈ СУМ,“ му рече Бог на Мојсеја. Потоа продолжи: „Кажи им вака на Израелците: ‘ЈАС СУМ, ме испрати при вас.’“ 15Натаму Бог му рече на Мојсеја: „Речи им на Израелците вака: ‘Господ, Бог на вашите татковци, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов, ме испрати при вас. Тоа е Мое име довека, така ќе Ме викаат од род до род.’ 16Оди, собери ги старешините на Израелците и речи им: ‘Господ, Бог на татковците - Бог Авраамов, Исаков и Јаковов - ми се јави и ми рече: „Ве посетив и разбрав што ви прават во Египет. 17Одлучив да ве изведам од египетската беда во земјата на Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците - во земјата во која течат мед и млеко!“‘ 18Тие ќе те послушаат. Тогаш тргни со старешините на Израелците кон египетскиот цар и речи му: ‘Ни се јави Господ, Бог на Евреите. Пушти нѐ да одиме три дни одење во пустината, да Му принесеме таму жртва на Господ, на својот Бог.’ 19Јас знам дека египетскиот цар нема да ве пушти, ако не биде натеран од силна рака. 20Затоа Јас ќе ја испружам Својата Рака и ќе го притиснам Египет со секакви чудеса, што ќе ги направам во него. После ќе ве пушти. 21Египетците се расположени добро кон овој народ, па кога ќе тргнете, нема да тргнете со празни раце. 22Нека секоја жена побара од својата сосетка и состанарка во својата куќа сребрен и златен накит, и облеки. Ставете го тоа на своите синови и ќерки. Така ќе ги ограбите Египетците.“
Currently Selected:
ИЗЛЕЗ 3: MKB
Highlight
Share
Copy
Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.