YouVersion Logo
Search Icon

ИЗЛЕЗ 29

29
За посветување на свештеници
1„Ова е обредот што ќе го извршиш врз нив, за да ги посветиш за Мои свештеници: земи еден јунец и два овна без недостатоци; 2потоа пресен леб, пресни колачиња замесени во масло и бесквасни кори намачкани со масло. Направи ги од чисто пченично брашно. 3Нареди ги во кошница и принеси ги во кошницата со јунецот и двата овна.“ 4Доведи ги Арона и неговите синови до влезот во Шаторот на средбата и измиј ги во вода. 5Потоа земи ја облеката и облечи го Арона во кошула; стави ги врз неа наметката на наплеќникот, наплеќникот и врзградникот и препаши го преку ефодот. 6Сложи му ја капата на главата; на капата сложи го светиот венец. 7Потоа земи масло за помазание; излеј го врз неговата глава и помажи го. 8Тогаш доведи ги неговите синови; облечи ги во кошулите, 9препаши ги со појасите Арона и неговите синови и завиткај им ги капите. Свештенството нека им припаѓа според вечна одредба. Така посвети ги Арона и неговите синови!“
Жртва за грев
10„Потоа доведи јунец пред Шаторот на средбата, па Арон и неговите синови нека положат раце врз главата на јунецот. 11Тогаш пред Господа, на влезот во Шаторот на средбата, заколи го јунецот. 12Земи ја крвта на јунецот и со твојот прст намачкај ги роговите на жртвеникот. Остатокот од крвта истури ја во подножјето на жртвеникот. 13Земи го сето мрсно околу дробот, мрежичката на црниот дроб и двата бубрега со мрсното околу нив, па изгори ги на жртвеникот. 14Месото од јунецот, неговата кожа и неговата нечистотија изгори ги во оган надвор од логорот. Тоа е жртва покајница за грев.“
15„Потоа земи еден овен, па Арон и неговите синови нека ги положат своите раце врз неговата глава. 16И заколи го овенот, собери му ја крвта и попрскај го со неа жртвеникот од сите страни. 17Потоа насечи го овенот на делови, измиј му ја внатрешноста и нозете и положи ги врз неговите други делови и врз главата. 18И тогаш изгори го целиот овен на жртвеникот. Тоа е жртва паленица во чест на Господа, пријатен мирис, огнена жртва.“
Жртви
19„Тогаш земи го вториот овен, па Арон и неговите синови нека ги положат своите раце на главата на овенот. 20Сега заколи го овенот; собери му ја крвта и намачкај ги: месестиот дел на десното Ароново уво, месестиот дел на увото на неговите синови, палецот на нивната десна рака па палецот на нивната десна нога. Со остатокот од крвта плисни го жртвеникот наоколу. 21Потоа земи ја крвта што остана на жртвеникот и маслото за помазание и попрскај ги Арона и неговата облека, и неговите синови и нивните облеки. Така ќе бидат посветени тој и неговата облека, неговите синови и нивните облеки.“ 22„Потоа земи еден овен со лој, со мрсна опашка, со лој околу дробот, мрежичката на црниот дроб, двата бубрега и мрсното околу нив; десната плешка - зашто е тоа овен принесен за свештеничко посветување - 23потоа еден тркалест леб, еден колак со масло и една кора од кошницата на бесквасниот леб што е пред Господа. 24Сето тоа сложи им го на рацете на Арона и на неговите синови и принеси жртва вртена пред Господа. 25Тогаш земи ги од нивните раце и изгори ги на жртвеникот, над жртвата паленица, за пријатен мирис пред Господа. Тоа е палена жртва во чест на Господа. 26Потоа земи ги градите на овенот принесен за Ароновото посветување и принеси ги како жртва вртена пред Господа. Тоа нека биде твој дел. 27Посвети ги градите што беа принесени како вртена жртва и плешките што беа принесени како поткрената жртва од овенот принесен за посветување на Арона и на неговите синови. 28Тоа нека им биде награда на Арона и на неговите синови од Израелците за сите времиња. Па тоа е наемот што Израелците ќе го даваат од своите помирителни жртви - наем што Му припаѓа на Господа.
29Ароновите посветени облеки нека им припаднат на неговите синови по него, за да бидат во нив помазани и посветени. 30Синот кој ќе стане свештеник место него, кога ќе влезе во Шаторот на средбата за да врши служба во Светилиштето, нека ги носи седум денови.“
31„Потоа земи го овенот за посветување и свари го неговото месо на посветено место. 32Арон и неговите синови нека го јадат месото од тој овен и леб од кошницата на влезот во Шаторот на средбата. 33Нека јадат од она што служи за нивно покривање на гревот, за да бидат посветени и свети. Ниту еден туѓинец нека не јаде од тоа, зашто е посветено. 34Ако остане нешто од месото за свештеничко посветување или нешто од оној леб до наутро, изгори го на оган. Не смее да се изеде, зашто е посветено.“ 35„Направи им токму така на Арона и на неговите синови, како што ти наредив. Посветувај ги седум денови. 36Секој ден принесувај по еден јунец како жртва покајница - за помирување. И принеси жртва покајница за помирување на олтарот, потоа помажи го, за да биде посветен. 37Седум денови принесувај жртва помирница за жртвеникот и посветувај го. Така жртвеникот ќе стане пресвет, и сѐ што ќе се допре до жртвеникот ќе биде посветено.“
Жртвеник за паленици
38„А ова треба да го принесуваш на жртвеникот: две јагниња, годиначиња, секој ден без прекин. 39Жртвувај едно јагне наутро, а другото жртвувај го навечер. 40Принеси со првото јагне десетина од ефа бело брашно замесено со четвртина ин првоточно истолчено масло, и жртва изливница од четвртина ин вино. 41Другото јагне принеси го во примрак. Со него принеси жртва приносница со неговата жртва излевница како и наутро - за пријатен мирис, жртва палена во чест на Господа. 42Тоа нека биде трајна жртва паленица од поколение до поколение - при влезот во Шаторот на средбата, пред Господа. Таму Јас ќе се среќавам со тебе за да ти зборувам. 43Ќе се состанувам тука и со Израелците, и Мојата слава ќе ги посветува. 44Јас ќе ги посветам Шаторот на средбата и жртвеникот; ќе ги посветам Арона и неговите синови, за да ми служат како свештеници. 45Јас ќе престојувам меѓу Израелците и ќе им бидам нивни Бог. 46Тогаш тие ќе познаат дека тоа Сум Јас, Господ нивниот Бог, Кој ги избави од Египетската Земја, за да пребивам среде нив - Јас, Господ, нивниот Бог.“

Currently Selected:

ИЗЛЕЗ 29: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy